„Тоа беше огнено море, изгледаш како небото и облаците да се во пламен, вртлозите пламен беа како планина, како огромни морски бранови кои нагло се креваа нагоре кон вжештеното небо и потоа повторно паѓаа во огнениот океан. О! Тоа беше највеличествена и најморничава глетка што човештвото некогаш ја видело“, вака Наполеон Бонапарта го објаснува грандиозниот пожар што ја зафати Москва на 14 септември 1812 година, истиот ден кога „Големата армија“ ја зазеде старата престолнина на Русија.
Пламенот уништи 6.000 од вкупно 9.000 објекти, речиси половина цркви во градот, универзитетот со уникатни архиви и вили со збирки уметнички дела со непроценлива вредност. Покрај тоа, во пожарот животот го имаат изгубено над 2.000 тешко ранети војници на руската армија кои не беа евакуирани, па според тогашните обичаи беа оставени за непријателот да се грижи за нив.
Огнената стихија беснееше пет дена и ноќи, а на определени места жариштата пламтеа до конечно заминување на Французите од градот кон крајот на октомври. Обете страни меѓусебно се обвинија за овој варварски чин. Кој всушност беше виновникот?
Пожарот во Москва 15-18 септември 1812 година, откако Наполеон го зазеде градот.
Алексеј Смирнов„Во градот постојано избувнуваа пожари и сега веќе беше јасно дека нивната причина не е случајност“, има напишано офицерот на „Големата армија“ Цезар Ложје: „Излегува дека потпалувачите дејствуваа по наредба на Ростопчин и на началникот на полицијата Ивашкин. Поголемиот број уапсени беа полициски агенти преоблечени во козаци, робијаши, чиновници и богословци... Фатените се стрелаа на лице место“.
Французите за главен виновник за трагедијата го прогласија генерал-губернаторот на Москва Фјодор Ростопчин. Филип Пол де Сегир, кој беше во свитата на Наполеон, има напишано дека токму по наредба на Ростопчин биле подготвени голем број ракети и други запаливи супстанции: „Москва требаше да се претвори во огромна пеколна машина чија ненадејна експлозија среде ноќта ќе го проголта императорот со неговата армија“.
И навистина, градоначалникот во повеќе наврати импулсивно тврдел дека поарно би ја уништил Москва, одошто да му ја остави на непријателот. Уште во август, во писмо до кнезот Пјотр Багратионов, тој напишал дека народот, доколку непријателот дојде, „ќе го претвори градот во пепел, а Наполеон наместо плен ќе добие место на кое бил главниот град (забелешка на Russia Beyond – се мисли на старата престолнина зашто во тоа време Санкт Петербург бил главен град на империјата). Не е лошо и тој ова да го знае, да не смета на милиони и на амбари со жито зашто ќе најде јаглен и пепел“.
Ростопчин демонстративно го запалил својот имот во подмосковското Вороново и во последен момент наредил да се запалат магацини со намирници „по можност така што непријателот тоа ќе го види“ (овие жаришта Французите брзо ги гаснеа). Сепак, генерал-губернаторот не можеше да се дрзне да го уништи целиот град без непосредна наредба на врховниот командант на руската армија Михаил Кутузов или на императорот Александар Први. Нема, меѓутоа, никакви документи кои би содржеле некакви такви наредби, како што нема ни соодветен извештај од страна на извршителот.
Московската полиција немала ниту време, ниту можности да се занимава со какви и да е диверзии. Веднаш по советувањето во селото Фили на 13 септември, на кој командата донела одлука да ја напушти Москва, Кутузов го замоли Ростопчин да му „испрати по аѓутантот Монтерсор што повеќе полициски офицери кои би можеле да ја спроведат армијата на различни патишта до патот кој води во Рјазањ“, односно војската на која Французите буквално ѝ беа зад петиците да ја изведат од градот на југоистокот.
И на крајот, Ростопчин добро знаел дека во градот останале илјадници ранети руски војници кои во случај на општ пожар би ги чекала сигурна смрт. Така и било на крајот.
Пожарот во Москва во 1812 година. Пијан француски војник
Public domainРусите, од своја страна, за московската катастрофа ги обвинија Французите. Веќе во октомвриските извештаи на руските власти за Французите се вели дека се „омразени паликуќи“, а подметнувањето пожари го окарактеризираа како потфат на „умно пореметени луѓе“.
Кога во 1814 година руската армија влезе во француската пресолнина, дипломатот Семјон Воронцов рекол: „Нас нѐ третираат како варвари, а Французите од непозната причина го сметаат за најобразован народ. Тие ја запалија Москва, а ние го зачувавме Париз“.
Во едно од писмата упатени до Воронцов, Ростопчин има напишано дека Наполеон „го запалил градот со цел да има повод за да го опљачка“. „Со цел Бонапарта на некој друг да му ја префрли вината, мене ми ја додели титулата подметнувач на пожари и многумина му веруваат“, истакнува тој во едно друго писмо.
Францускиот император немал никаква причина да го запали градот во кој се смести неговата многубројна војска. Згора на тоа, тој и самиот има учествувано во гаснењето на пожарот и за малку ќе го изгубел животот во пламен.
Трагедијата можеше да предизвика незауздано пљачкосување на кое му се оддадоа војниците на „Големата армија“: Како што тврди еден од Французите кои дошле во Москва, тие се „оддале на пљачкосување и на различно насилство. Многумина од нив со својот живот ја имаат оплатено својата алчност: над 6.000 војници се задушија во чадот по куќите што ги зафатил пожар кога тие влегуваа во нив да пљачкосуваат“.
Дури и веќе споменатиот Сегир за несреќата ги обвинуваше своите сонародници пред Французите да почнат да ги фаќаат и да ги стрелаат „мажите со ѕверски лица и во партали“ вооружени со бакли: „На поголемиот дел му се чинеше дека причината за пожарите се пијанствата и разузданоста на нашите војници, а дека силниот ветар само го прошири пожарот. Ние едни со други се гледавме со некакво гадење. Не плашеше врисокот на ужас што мора да се прошири низ цела Европа. Ние си приоѓавме еден на друг, плашејќи се да го кренеме погледот, потиштени поради оваа страшна катастрофа: таа фрлаше сенка на нашата слава, беше опасна за нашиот опстанок во сегашноста и во иднината. Отсега сме армија злосторници што ќе ги осуди небото и целиот цивилизиран свет“.
Сведоштвата на современиците се полни со контрадикторни соопштенија за вината на едната и на другата страна. Не беше можно да се дојде до консензус, така што спорот на историчарите траеше два века.
Сепак, во последно време истражувачите се наклонети кон хипотезата дека вистината е некаде помеѓу и дека за разорниот пожар во Москва од 1812 година се виновни двете страни.
Ростопчин е секако во извесна смисла е одговорен за катастрофата зашто по негова наредба се запалени складишта и, што е уште поважно, градот го имаат напуштено сите пожарникарски единици. „Ноќните пожари не можеа да бидат запрени зашто при рака немавме никакви противпожарни средства и не знаевме каде да најдеме пожарникарски пумпи“, пишува генералот Арман де Коленкур.
За бакла се фаќаа како патриотски настроените жители на Москва, така и непријателските војници кои во општиот хаос се дадоа на пљачкосување, или луѓе кои сакаа да израмнат некои стари сметки. Свој „придонес“ преоблечените дезертери од руската армија кои се провлекле во градот, но тие почнаа да се појавуваат дури откако пожарот беше изгаснат.
Важна причина за појавувањето на многу жаришта беа дејствијата на војниците од „Големата армија“ кои поради општиот пад на дисциплината се пуштија во целосно пљачкосување на градот, без да се грижат за противпожарната безбедност, а понекогаш и намерно потпалувајќи куќи и дуќани. Силниот ветар лесно го ширеше пламенот низ градот што го напушти поголемиот број жители и во кој немаше единствена власт, така што пожарот мошне брзо доби разорна моќ.
Во Татковинската војна од 1812 година Москва е најоштетена од сите други градови на Руската Империја. Минаа две децении пред градот да биде целосно обновен. Денес е тешко да се определи главниот виновник за оваа трагедија, но со сигурност може да се тврди дека таа не ми била потребна ниту на Русите, ниту на Французите.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче