Кои се причините за војната помеѓу Русија и Франција од 1812 година?

Russia Beyond (Photo: Library of Congress, Public domain)
Поради што се водела оваа војна? Зошто Наполеон ризикувал да ја нападне Русија? И кој го смислил планот за уништување на неговата Голема армија на руската територија?

Во овој напис нема да навлегуваме во воените детали на Наполеоновата кампања против Русија од 1812 година. Ќе се занимаваме со политичките и со економските причини кои лежеле зад најголемиот воен конфликт од 19 век.

Наполеоновата инвазија на Русија во 1812 година

Главната причина за избивање на војната помеѓу Наполеоновата Франција и Русија биле санкциите, односно таканаречената Наполеонова „континентална блокада“. За што всушност станува збор?

Во 1792-1793 година Република Франција учествувала во Француските револуционерни војни, во кои се борела против Велика Британија, Австрија, Прусија, Русија и уште неколку монархии. „Старите“ монархии во Европа го презирале републиканскиот систем на владеење воведен во Франција. Во меѓувреме во Франција се појавил Наполеон, млад генијален војсководец, кој до 1799 година дефакто станал владетел на Франција.

До почетокот на 19 век Франција ги освои териториите на италијанскиот полуостров, Холандија и областите околу реката Рајна. Велика Британија остана единствениот ривал на Франција во Европа. По битката кај Трафалгар од 1805 година стана очигледно дека француската морнарица е беспомошна против британската, па Наполеон започна да работи на зајакнување на континенталната блокада, ембарго против британската трговија на европскиот континент.

Наполеон сакаше да ја уништи британската трговија, финансиски да ја исцрпи. Берлинскиот декрет од 1908 година прокламираше дека „британските острови се во состојба на блокада“ и забрануваше каква и да е трговија, па дури и поштенски пратки со Велика Британија. Меѓутоа, европските земји постојано ја кршеле блокадата, што предизвикало напад на Наполеоновата Франција врз нив. Руската Империја, главниот економски партнер на Велика Британија во тоа време, исто така беше и главен непријател на Франција и главна препрека за успешното воведување на „континенталниот систем“.

Русија и континенталниот систем

Во битката кај Фридланд од 1807 година Наполеон ѝ нанел тежок пораз на руската војска. Потоа Александар Први се согласил да го потпише Тилзитскиот мировен договор, со кој Русија и Прусија се здружиле со Франција против Велика Британија и Шведска.

Тилзитскиот мировен договор предизвикал негодување кај руската јавност која сметала дека е срамно да се потпише мировен договор со република чија војска отерала во смрт илјадници руски војници! Меѓутоа, до 1810 година Русија повторно воспостави трговски врски со Англија преку други земји, додека за француската стока беа воведени високи даноци. Во меѓувреме Наполеон се обиде да ги зајакне врските со Александар Први, нудејќи ја својата рака на сестрите на Александар, но двапати беше одбиен.

До 1811 година Наполеон започнал отворено да зборува за непријателскиот однос кон Русија. Му рекол на Доминико Дифура де Прато, француски амбасадор во Варшава: „За пет години ќе бидам господар на светот, останува само Русија, но ќе ја скршам... Тогаш исто така ќе бидам господар на морето и сета трговија, секако, ќе мора да минува низ моите раце“. Очигледно било дека војната се ближи.

Што значела оваа војна за Русија

Оставајќи ги настрана бројните детали на руско-француското војување, ќе се задржиме само на клучните настани. На 24 јуни 1812 година, кога Големата армија ја нападнала Руската Империја, минувајќи ја реката Немен, Наполеон на располагање имал 588.000 војници против руските 480.000, но Русите ја имале предноста на својот терен и помошта од руските партизани, кои на Французите им влевале страв во коските за време на целиот нивен „престој“ во Русија.

Како што наведува истражувачот Михаил Велижев: „Самите размери на оваа војна биле неверојатни. За првпат од 17 век се водела војна на територијата на Руската Империја, што е вистински шок за современиците. Москва, срцето на империјата, им е предадена на Французите и во голем дел уништена. Во тоа време ова се доживеало како национална катастрофа. Земјата претрпела огромни загуби: речиси еден милион жители на Русија загинале во периодот од 1812 до 1814 година, материјалната штета е проценета на неколку милијарди рубли“.

Големата армија одлучила да влезе на територијата на Русија и, совладувајќи го постојаниот отпор на руската војска, напредувале кон Смоленск, тврдината која била „клуч за Москва“ и која ја зазеле во август 1812 година. Меѓутоа, напредувањето одело тешко, зашто и руските цивили и руската војска применувале техника на „запалена земја“. Имено, при повлекувањето руската војска ги уништувала резервите на храна, на муниција и каков било имот кој непријателот можел да го користи. Кој ја смислил оваа тактика?

Шкотланѓанец зад руската победа

Михаил Барклај де Толи (1761-1818) бил балтички Германец со шкотско потекло во руска служба. Потомокот на шкотскиот клан Барклај израснал во Санкт Петербург и од 1776 година бил во служба на руската војска. Подоцна станал маршал на Руската Империја.

Од 1810 до 1812 година Барклај бил министер за војна на Русија. Ефикасно ја подготвил руската војска за решавачката борба против Наполен, така што нарачал и лично напишал голем број тактички и стратешки прирачници за војниците и за офицерите. Кога започнала војната, Барклај и генерал Пјотр Багратион се наоѓале на чело на руската војска.

Меѓутоа, Барклај бил оној кој го осмислил планот за руската војска во текот на војната: користењето на тактиката на „запалена земја“, повлекувањето во централна Русија со цел да се исцрпат силите на француската војска. Барклај точно претпоставил дека на Франција ќе ѝ биде тешко да се снабдува од Европа, а руските партизани и војската ќе го направат сето останато за непријателот самиот да се уништи.

На советувањето во селото Фили, набргу по Бородинската битка, Барклај одлучно ја застапувал опцијата за препуштање на Москва на Наполеон. Тоа бил мудар стратешки потег кој францускиот цар го довел во студената, неодбранета и запалена Москва без резерви. Доверувајќи му ја командата на војската на Михаил Кутузов, Барклај сепак останал на чело на една армија и подоцна се борел во европската кампања на Русија од 1812 до 1814 година.

Руските историчари се сложуваат во мислењето за тоа дека кога Михаил Кутузов ја презел командата над војската, тој ја променил првичната стратегија на Барклај. По победата над Наполеон Барклај бил опсипан со пофалби и одликувања. Царот Александар Први му доделил титула кнез и бил широко признаен како главен ум зад руската победа над Наполеон.

Во меѓувреме Наполеоновиот „континентален систем“ кој беше главната причина за војната Русија го заврши веќе во септември 1812 година кога Александар Први го објави манифестот за обновување на трговските врски помеѓу Русија и Велика Британија.

Прочитајте исто така: Зошто Наполеон не успеа да го крене во воздух московскиот Кремљ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња