Кои биле болјарите и зошто Петар Први ги уништил?

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Најмоќни луѓе во Русија пред Петар Први биле болјарите. Тие управувале со државата и со армијата и претставувале сила што кнезовите од владејачката династија Рјурикович морале да ја почитуваат. Зошто Иван Грозни и Петар Први сакале да го искоренат руското болјарство? Каква штета можело тоа да нанесе?

Болјарите во опкружувањето на царот често биле омразени кај народот. Централната власт на нив ги префрлала сите злоупотреби и притисоци, па и самиот цар во својот гнев често се „празнел“ на болјарите. Руската армија во 1660 година ги столчиле полско-литванските единици, а на заседанието на болјарската дума царевиот тест, болјарот Иван Милославски, изјавил дека тој лично, доколку царот му ја довери армијата, ќе го донесе полскиот крал како заробеник. Алексеј Михајлович бил разјарен со ваквата дрскост на болјарот, зашто Милославски претходно учествувал најмногу во неколку воени судири. Царот му удрил шлаканица на тестот, му ја искорнал брадата и го избркал од палатата.

Ваквите сцени не биле реткост во Московското Царство. Неуспесите на државата по обичај им се припишувале на болјарите, и тоа не било без основа. Болјарската „корпорација“ во 17 век веќе сериозно започнала да го спречува развојот на земјата. За време на Петар Велики Болјарската дума како влада на Московското царство повеќе не се состанувала, зашто системот на власта бил променет од корен, и во него немало места за болјарите. Кои биле болјарите и зошто „испаднале од игра“?

„Секој се држи за она што го оставил татко му“

Бојларите биле луѓе од висок род, претставници на стари семејства кои им служеле на руските кнезови во војна и во мир. Но, болјарството не може да се сфати додека прво не се погледне од што живееле тие и кои им биле извори на приход.

Руските земји пред татарско-монголските наезди во политичка смисла биле слични пред средновековна Европа, каде главниот облик е поседување земја бил алод, односно имот кој неотуѓиво го користело аристократското семејство и кој се пренесувал во наследство. Руските „алоди“ се нарекувале „вотчина“ или „отчина“. И според називот се гледа дека овие имоти се пренесувале од татко на син. „Вотчината“ не можела да се продава, ниту да се дели. Доколку сопственикот го прекршил ова право, земјата му се одземала и се предавала на друг член од неговото семејство. И наследните имоти на руските кнезови се нарекувале „вотчина“. На собирот на кнезови во Љубеча во 1097 година направен е обид да се прекинат меѓусебните кнежевски судири и усвоено е правилото „секој да се држи до она што му го има оставено таткото“. Болјарските имоти исто така биле наследени од таткото.

Потеклото на зборот „болјар“ не е сосема јасно. Во старорускиот јазик овој збор веќе постоел. Болјарите во Русија биле земјопоседници и апсолутни господари на она што го има оставено нивниот татко. На нивните територии живееле селани и занаетчии. Тие му праќале на болјарот давачки и работеле за него, а за возврат имале заштита на војсководците од висок род. Секако, болјарите заедно со кнезовите учествувале во воени походи против соседните кнежевства (една варијанта за потеклото на зборот „болјер“ е од зборот „бој“).

Болјарите, меѓутоа, не биле обични членови на воената дружина на кнезот. Тие биле привилегирани во однос на дружината, можеле да раководат со неа и со нејзините дејствија, заедно со кнезот. Болјарите можеле да имаат и владејачка функција. На пример, кнезот можел да го постави болјарот како војвода во некој свој град, и болјарот во тој случај бил одговорен за собирање на данокот и за судството, ги обезбедувал воените потреби на тој град итн. Болјарот имал слобода да избере кај кој кнез ќе служи. Во периодот пред монголската наезда болјарот чиј имот од таткото бил на територијата на еден кнез можел да оди на служба кај друг кнез, а притоа да го зачува имотот и неговите жители. Така било дури не дошле Монголците. Татарско-монголската наезда значително влијаела на промената на улогата и на положбата на болјарството.

Како и зошто болјарите биле евидентирани?

Проблемите на меѓусебниот судир на кнезовите не е решен. Во моментот кога на руските земји се појавиле монголските единици руските кнезови и понатаму биле скарани и биле непријатели, што им помогнал на Монголците. Кнезовите не успеале да се обединат и да создадат единствена армија, ами секој за себе се обидувал да го одбие непријателот и да ја заштити својата земја и градовите, а тоа значело сигурна пропаст.

Подоцна, во 15 век, ситуацијата веќе била поинаква. Златната Орда и самата се урнала под ударите на единиците на Тамерлан и се распаднала на улуси и на ханати, а руските кнезови биле принудени да се обединат со цел повеќе да не плаќаат данок. Овој процес влијаел и на болјарството. Започнало евидентирање на болјарите во таканаречени „болјарски книги“ кои ги составувала централната власт во Москва. Првите болјарски книги (не се зачувани) настанале кон средината на 15 век. Во нив се запишувале имињата, должностите и функциите на болјарите во различни кнежевства. Тогаш веќе било забележливо раслојувањето на болјарството. Се појавиле таканаречени „путни“ болјари, од зборот „пут“ кој значел „дело, домаќинство“. Така „болјар од постела со пут“ бил човек кој прв излегувал пред кнезот кога тој ќе се разбуди и му ги соопштувал најновите вести. Тоа била важна и мошне влијателна функција. „Бојат коњушарски со пут“ се занимавал со сите прашања поврзани со опслужувањето, исхраната и тренирањето на коњите на кнезот, „соколар со пут“ бил задолжен за соколите за лов на кнезот, и така натаму.

Споменатата евиденција била потребна со цел бројот на болјари да се зголеми по централизацијата на државата. Многумина поранешни кнезови преминале во служба кај великиот кнез московски и станале негови болјари. Околу кнезот се формирал владејачки орган – Болјарската дума. Думата колективно (на чело со кнезот) ги решавала насушните прашања од државната управа. Отприлика од тоа време (14-15 век) доаѓа до уште едно раслојување на болјарството. Имено „воведените болјари“ (оние кои се воведени во дворецот, членови на Болјарската дума) заземале највисока положба покрај царството. Како што пишува Џајлс Флечер, воведените болјари со кнезот ги делеле сите дневни активности. Станувале пред зора и од рано утро (од пет часот) започнувале да заседаваат во Думата, потоа присуствувале на гозби, на лов со кнезот и така натаму.

Болјарите кои не биле воведени во Думата се нарекувале „службени“, Тие учествувале во воени походи, раководеле со војската и биле намесници во градовите, но не влегувале во Думата. Меѓутоа, гладната измена што ја доживеало руското болјарство била поврзана со нивниот земјопоседнички статус.

Царевите против болјарите

Улогата на болјарството се зајакнувала како што се зајакнувало влијанието на Москва. По 1480 година, кога Московија престанала да го плаќа целиот данок на остатоците од Златната Орда, болјарството станало голем товар за централната власт. Болјарите владееле со имотот наследен од нивните татковци како кнезови и не сакале да се откажат од својот независен статус кој најчесто им бил поважен од државните работи. Болјарите постојано биле вмешани во локалните спорови. На пример, одбивале да одат во воен поход доколку нивната функција во војската била пониска од функцијата на нивните татковци. Дури и на болјарските жени не било можност да им се даде работа во некоја женска половина од дворецот доколку не се води сметка за нивниот статус, зашто мажите биле опседнати со службената положба и веднаш му пишувале жалби на владетелот со молба да ја испита работата, зашто во спротивно ќе биде „погазена болјарската чест“.

Иван Грозни, првиот московски цар, започнал свесно да се бори против болјарите кои држеле до имотот од своите татковци. Главната цел на царевата „опричина“ била на болјарите со сила да им се одземе тој имот. Уште пред почетокот на опричината, на 15 јануари 1562 година, Грозни издал указ со кои на царот, на болјарите и на кнезовите им се забранува да продаваат, да заменуваат или да даваат како мираз она што е останато од таткото, и тоа под закана за конфискација на тој имот, а во случај доколку нема директен наследник од машки пол, татковиот имот не останува во семејството, ами преминува во сопственост на царот. Тогаш болјарите започнале да бегаат од Московското царство. Оној што ќе бил фатен во бегство бил казнуван или едноставно погубуван. А, пред воведувањето на опричината Грозни заминал од Москва, соопштувајќи дека го остава царството зашто е лут на болјарите и на кнезовите. Се вратил само под услов во иднина тој да има власт да ги погубува предавниците и да им го одземе имотот, а поради тоа да не биде критикуван ниту од страна на свештенството, ниту од страна на аристократијата.

Опричината всушност била режим на масовни репресии врз болјарската и кнежевската аристократија. Аристократските семејства осиромашиле и биле преселени на други територии, но поради тоа страдале и обичните селани. И тие бегале од осиромашените земји и од власта на лојалните болјари и спахии. Како што пишува историчарот Владимир Кобрин, „писарските книги кои се составувале во првите децении по опричината оставаат впечаток дека земјата доживеала разорна непријателска наезда“. Поради невнимателната антиболјарска политика на Иван Грозни осиромашило целото царство, пред сè поради тоа што со години никој не обработувал повеќе од половината од ораниците. А, селаните кои бегале од својата земја насилно биле задржувани и им било забрането да се селат на други земји. Така биле поставени темелите за кмеството кое конечно било воспоставено во 17 век.

Последниот болјар

Иронијата се состои во тоа што ужасите на опричината, а потоа и на Сумтната доба што следувала, всушност предизвикале воспоставување болјарска власт. И таа набргу ја покажала својата најлоша страна. „Семибојаршчината“ (советот на болјари), односно болјарската влада 1610-1612, најпрво го довела царот Василиј Шујски, а потоа со Полјаците потпишале договор со кој за руски цар е поставен принцот Владислав (Васја). На крајот едноставно ги пуштиле Полјаците во Кремљ и станале нивни заложници. И покрај тоа, Болјарската дума во 17 век, значи во времето на првите Романови, функционирала непрекинато и без болјарите не се носела ниту една одлука, а бескрајните расправи за статусот продолжиле. Како царот можел да се спротивстави на старата елита?

„Рецептот“ против болјарството го смислил уште дедото на Иван Грозни, великиот московски кнез Иван Четврти, победникот на Ордата и основачот на Руската држава. Неговиот Законик (Судебник) од 1497 година ги содржи основите на спаиското земјопоседништво. За разлика од „вочините“ кои им припаѓале на болјарите и на кнезовите по наследство, сапилаците (поместья) московскиот владетел ги делел на своите службеници и како награда за службата и како избор за приход што им овозможувало да се подготват за војна. За разлика од „вотчината“, спаилаците можеле да се доделат како доживотно, така и само привремено додека трае службата, и можеле да станат наследни имоти или да му бидат вратени на владетелот по смртта на службеникот. Во 15 и во 16 век спаилаците биле сопственост на спахиите само додека траела нивната служба. Благодарение на масовното делење на спаила кое започнало за времето на Иван Трети, во Московското царство се формирала спаиска војска. Старите болјари со своите „вотчини“ биле според статусот блиски до европските феудалци, вазали на својот кнез, додека спахиите биле многу помалку самостојни, нивниот имот можел во еден миг да исчезне во случај на конфликт со централната власт.

Спаискиот систем што го вовел Иван Трети добро дошол кон крајот на 17 век зашто токму врз негова основа Петар Велики ја уредил новата руска армија, Принципот на пополнување на воените редови бил лаконски формулиран во указот од 1701 година: „сите службени луѓе од земјата служат во служба, а бесплатно никој не владее со земјата“. Сега спахиите наместо „вотчинци“ станале агенти на власта во собирањето даноци и во управувањето со имотите, а што е најважно, биле задолжени за регрутација на војници од селските семејства. Важно било и тоа што еден просечен спахија за разлика од „вотчинец“ бил сиромашен зашто многумина сопственици на спаилаци не можеле да се издржуваат од таа земја и биле принудени да стапат во воена или во граѓанска служба за да примаат плата.

Таканаречениот „Указ за наследството“ од 1714 година конечно ја изедначил „вотчината“ и „поместјето“ под назив „недвижен имот“. Со указот имотот преминувал во наследство, но било забрането потомците да го ситнат и да го продаваат, освен во случај на крајна нужда. Покрај тоа, со оглед на тоа што било дозволено имотот да се пренесе на само еден син (и тоа не задолжително на најстариот) сите останати потомци биле принудени да стапат во државна служба за да можат да се издржуваат.

Сепак, Петар на четворица свои соборци им го доделил звањето болјари, но дури во 18 век, Тоа биле Шаховски, Апраксин, Неледински-Мелецки и Бутурлин. Сите тие им припаѓале на стари московски семејства и болјарството што го добиле во поодминати години за нив било само еден вид награда зашто Болјарската дума повеќе не постоела. Последниот болјар во Русија бил кнезот Иван Трубецкој, кој починал во 1750 година. Тој покрај звањето болјар имал и офицерски звања кои ги добил спроед Табелата за рангови на Петар Први, и имал функција сенатор, а токму Правитељствујушчиот сенат во времето на Петар Велики ја заменил Болјарската дума во својство на влада на Руската држава.