Соња „Златната рака“: Кралица на руските крадци

Таа живеела пред повеќе од еден век, но нејзиното име сè уште се споменува во Русија, главно меѓу крадците. Софија Блувштејн, позната како Соња „Златната рака“ е веројатно една од највештите и најхрабрите жени кои живееле од кражби. А, и живеела подолго од останатите свои „колешки“ и животот ѝ бил драматичен до самиот крај.

Денес, во добата на онлајн-вести и „стриминг“ крадците брзо го свртуваат вниманието на медиумите. Во Русија во 19 век само вешт крадец можел да се прослави пред да се најде во затвор. Софија Блувштејн, позната како Соња „Златната рака“ станала позната „кралица на руските крадци“, благодарение на фантастичната убавина, ладнокрвноста во кражбите и големата дарба за глума. Сите нејзини кражби биле мошне внимателно испланирани.

Операција „Добро утро“

Пљачките на Соња биле едноставни и елегантни. Ќе се сместела во скап хотел, ќе ја облечела најубавата тоалета и се однесувала како благородничка, па никој не смеел да ја праша каде оди додека го набљудувала хотелот и го проучувала распоредот на просториите. Соња знаела дека гостите во ваквите хотели обично се забавуваат ноќе на гозби и дека потоа спијат до пладне. Рано наутро ќе облечела меки папучи и ќе тргнела во потрага по жртва.

Барала отворена врата или користела калауз. Брзо влегувала во собата каде луѓето спиеле и веднаш барала пари по џебовите. А, што се случувало ако се разбудат гостите? Тогаш до израз доаѓал талентот за глума на Соња. Во секунда проценувала колку гостинот е изненаден од појавата на убава жена во собата. Доколку тоа бил постар човек само ќе се заруменила и ќе промрморела дека згрешила, а потоа ќе излегла од собата – понекогаш со веќе украдените пареи. Доколку тоа бил млад маж кој е поразен од нејзината убавина, таа ќе му речела дека по грешка влегла во собата, но со погледот ќе му сигнализирала дека со задоволство би поминала време со толку убав џентлмен. Откако по телесните задоволства гостинот ќе заспиел изморен, Соња ладнокрвно го пљачкала и си одела. Доколку ја запрел портирот, таа или ќе го поткупела или ќе се однесувала како навредена благородничка и секако ќе заминела.

Соња не била обична проститутка. Научила да краде уште во детството. Родена е околу 1850 година во Варшавската област, каде многумина се занимавале со шверцување, со кражби и со пљачкање. Од раната младост сакала да има убави фустани, но најмногу ја привлекувале златото и брилијантите.

На 15-годишна возраст си заминала од дома. Се омажила за еден трговец кој наскоро ја оставил поради распуштеничкото однесување. Нејзин втор маж бил Михаил Блувштејн, кој живеел од прелажување на карти. Тој ја вовел Соња во светот на крадците и на лажговците. Соња наскоро станала поискусна од својот маж и почнала да работи сама.

Се прочула главно по тоа што успешно ја избегнувала казната за своите злосторства. Доколку било потребно, таа можела да го маѓепса секој полицаец, иследник, затворски чувар или војник во конвојот, па дури и грофови, принцови и генерали. Соблазнувајќи ги мажите таа изгледала како да е искрено и страсно вљубена во нив. Многумина поради неа оставиле сè што имале и го губеле своето семејство, работата и комплетниот имот за само неколку часови поминати со неа.

Кралица на крадците

Продавницата на обувки на пазарот Хитровка во Москвф. На ова место многу крадци доаѓале како на работа.

Соња станала жива легенда во круговите на руските крадци. Нејзината способност да му избега на законот привлекувала многумина ситни крадци на кои им било чест да работат заедно со „мајката“ или со „кралицата“, како што ја нарекувале.

Неколкумина луксузно облечени млади луѓе влегувале во златара одделно, така што во еден момент има многу клиенти. Оваа млада жена облечена како благородничка го моли сопственикот да ѝ покаже брилијанти. Внимателно ги проучува, држејќи ги во рацете со долги лакирани нокти. На крајот купува евтин брош и се обидува да излезе, но сопственикот забележува дека недостасуваат брилијанти и повикува полиција. Полицијата ги претресува сите посетители, а тие на ова реагираат со голем презир. Полицајците не наоѓаат ништо, а сопственикот добива шлаканица од угледната дама која потоа заминува навредена, но со брилијанти под долгите нокти, или дури под јазикот, каде на „благородничките“ никој не смее да им ѕирне. Истата вечер „купувачите на скапоцени камења“ пијат најскап шампањ, а на гозбата „претседава“ Соња. Прекарот „Златна рака“ го добила од своите обожаватели од криминалните кругови поради ненадминливите вештини во крадењето.

Соња во својата кариера ги има опљачкано речиси сите големи златари во Русија. Но таа сакала да живее на висока нога, така што ги трошела сите пари, со тоа што успеала да ги испрати своите две ќерки на школување во Франција. Сепак, не сакала тие да тргнат по нејзините стапки.

„Еве што остана од неа денес“

Гробот на Софија Блувштејн на Ваганските гробишта во Москва

На Ваганските гробишта во Москва се наоѓа гроб со голем споменик на жена прекриена со прекривка. Изгравирано е презимето Блувштејн, а на споменикот има многу други натписи. Крадците доаѓаат на овој гроб да ѝ оддадат почит на Соња и ги оставаат своите желби и пораки, а понекогаш цвеќе или евтин украс. Во криминалните кругови оваа легенда е жива и по 150 години. Но, тоа не е гробот на Соња.

Софија Блувштејн умрела во 1902 година на Сахалин и таму е и погребана. По иронија на судбината, се појавил човек кој ја уништил кариерата на Соња. Таа се вљубила во џепчијата Кочубчик кој сакал да се карта. Неколку пати има изгубено многу пари на карти, па позајмувал пари од Соња. Наскоро почнал и да живее на нејзина сметка, а таа сè повеќе ризикувала за да може да го финансира својот љубовник. Еднаш влегла во куќа на некој богаташ и ја прашала послугата дали е дома сопственикот, а кога слугата отишол да му каже на сопственикот, таа зела сè што можела и избегала. Тоа воопшто не бил познатиот стил на Соња. Згора на тоа во осумдесеттите години од 19 век се појавила и нејзината фотографија, така што луѓето почнале да ја препознаваат и полицијата ѝ влегла во трага.

Успеала да избега од Смоленскиот затвор и од затворот на Рускиот далечен исток, Кога имале околу 40 години, била испратена на островот Сахалин и ставена во пранги.

Соња „Златна рака“ во пранги, 1888.

Фотографите ја сликале во окови и пота ги продавале копиите од сликите на патниците на бродовите кои доаѓале тука, така што Соња останала позната до својот последен ден. „Ме мачеа со тие фотографии“, рекла таа. Годините поминати во окови го направиле своето. „Се обидов да избегам, но повеќе не сум толку силна колку што бев“.

На крајот од живото жалела поради тоа што ќерките се откажале од мајка си кога дознале со што се занимавала таа.

Прочитајте уште: Масакрот на Волга: Хади Такташ - банда убијци која владееше со Казањ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња