„Патот на животот“, Ладога, 1942.
Борис Кудојаров/russianphoto.ruРуското военоисториско друштво го поддржува предлогот во Руската Федерација да се воведе Ден на геноцидот над советскиот народ. Таа иницијатива треба да ги потсети актуелните европски политичари на тоа кој ја предизвика Втората светска војна, смета научниот директор на оваа организација, доктор на историски науки Михаил Мјагков.
Неодамна Московската обласна организација на поранешни малолетни заточеници на нацизмот се обрати до рускиот претседател Владимир Путин со барање да се воведе Ден на геноцидот над советскиот народ со цел да се зачува историското сеќавање за злосторствата на нацистите во војната.
„Знаеме дека денес постојат поими како геноцид над еврејскиот народ, геноцид над Ромите, над Србите, Ерменците... Но, се премолчува фактот дека Хитлерова Германија водеше војна за да нé испоубијат. Кај нас дојдоа фактички убијци, и јас би сакал да го потенцирам тој збор, кои сакаа да нé уништат како народ. Тој факт на признавање на геноцидот над советскиот народ веќе одамна е неопходен“, изјави Мјагков, чии зборови ги цитира информативната служба на Руското военоисториско друштво.
Според него, добро е што многу државни и општествени структури денеска го поставуваат ова прашање. „РВД не само што го поддржува, туку и го иницира овој процес. Сметаме дека на сите меѓународни платформи нашето Министерство за надворешни работи и нашите општествени организации треба јасно и недвосмислено да заземат став дека таков поим мора да се воведе“, додаде Мјагков.
Тој истакна дека оваа иницијатива треба да ги потсети денешните европски политичари на тоа „кој ја предизвика таа крвава војна“.
„Тоа е важно и актуелно денес, кога се обидуваат да ѕвечкаат со оружје и да ѝ се закануваат на модерна Русија оние држави, членки на НАТО, кои учествуваа, на пример, во опсадата на Ленинград. Затоа што покрај Германците и Финците кои го држеа градот во обрач, таму биле присутни и казнени СС одреди од Естонија, Белгија, Данска, Холандија и Норвешка. Таму беше и шпанската „Сина дивизија“ и претставници на други европски земји кои денес за себе велат дека се цивилизирани“, рече Мјагков, додавајќи дека тоа биле одреди на убијци чии потомци „денес ја забораваат својата историја“.
„Ми се чини дека многу важната смисла на воведувањето на таков датум се состои во тоа што сите оние кои ја забораваат историјата да се потсетат на тоа кој всушност ја предизвикал таа војна и дека злосторникот секогаш го стигнува заслужената казна“, истакна научниот директор на РВД.
Историчарот потсети дека Хитлер првично планирал да го уништи мнозинството население на Советскиот Сојуз, а малубројните преживеани да ги претвори во робови.
„Вината на цивилното население беше само во тоа што тие се советски граѓани и што живеат на територијата што Хитлерова Германија сака да ја заземе со цел да организира на неа комесаријати на Рајхот каде што преостанатото население би било сместено во специјални резервати и концентрациони логори и би ѝ служело како робје на ариевската нација. Стануваше збор за уништување на советскиот народ како таков. Тоа, се разбира, спаѓа под сите критериуми на геноцид“, резимира Мјагков.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче