Ропство во Германија: Како милиони советски граѓани принудно работеле за нацистите

Archive Photo
Во четириесеттите години од минатиот век кога Германците окупирале еден дел од територијата на СССР, принудиле милиони Украинци, Белоруси и Руси да му служат на окупаторот како работна сила.

Мојата баба Евгенија Мечтаева имала 22 години кога започнала Големата татковинска војна. Тогаш со својот сопруг, припадник на Црвената армија, само што се преселила во Брест, град на советско-германската линија на разделувањето. Брест бил еден од првите градови врз кој Германците на 22 јуни 1941 година извршиле офанзива.

Сопругот на Евгенија загинал кога нацистите го зазеле Брест. Заедно со многу други млади жени и со младината таа со сила била одведена во Германија каде една година поминала на принудна работа во логор, а потоа била „среќна“ што ја испратиле да работи на германски семеен имот.

Принудни работнички од логорот кај Лоѓ носат ознака „OST“ (Ostarbeiter).

Таму ја принудувале да работи, не ѝ плаќале, а понекогаш и ја тепале. Така било сè дури Советите не ја ослободиле и не ѝ дозволиле да се врати дома. До самата смрт во 2013 година Евгенија Мечтаева речиси не го споменуваше овој период од животот во Германија. Тоа е само еден пример, а според податоците од Нирнбершкиот процес слична судбина имаат доживеано 4.9 милиони советски цивили кои со сила биле одведени во Германија на принудна работа. Што се случувало во Германија со овие луѓе?

Нацистичка работна сила

Во текот на 1941 и на 1942 година додека беснеела Втората светска војна, на нацистичка Германија ѝ била крајно неопходна работна сила зашто економијата била веќе оптоварена со оглед на тоа дека германските работници биле регрутирани и заминале во војна. Пронајдено е мошне сурово решение – луѓето од окупираните територии со сила биле принудувани да работат во германските фабрики и на земјоделските имоти.

Нацистички пропаганден плакат на кој пишува: „Живеам во германско семејство и одлично се чувствувам“.

Оние кои биле донесени од СССР биле нарекувани остарбајтери, односно „работници од истокот“. Нивниот статус бил најнизок во хиерархијата на германското општество, па во согласност со тоа и однесувањето кон нив било нехумано.

Возовите патуваат на Запад

На почетокот Германците со примамливи ветувања ги повикувале мештаните на окупираната територија да работат во Германија. „Мажи и жени во Украина! Германија ви овозможува да добиете корисна и добро платена работа... Ќе ви биде обезбедено сè што ќе ви биде потребно, вклучително и удобен стан!“ Вака гласеле првите прокламации објавени во јануари во 1942 година. Но, ова „запалило“ само неколку пати зашто луѓето пишувале писма на своите, и од тие писма и покрај германската цензура се дознавало дека остарбајтерите живееле во Германија полошо од кучиња.

Девојки и жени собрани на станица за транспортирање во Германија.

Потоа нацистите ја отфрлиле пропагандата и примениле сила. Собирале Украинци, Белоруси и Руси, главно деца и младинци по селата и по градовите, и принудно со возови ги испраќале во Германија.

„Нè трупаа во вагони колку што можеше да собере, така што не можевме ниту да мрднеме“, се сеќава Антонина Сердјукова која на овој начин била одведена од Украина во Германија. „Патувавме цел месец“.

Судбината на остарбајтерите илјадници километри далеку од дома била како лотарија. На фабриките, на рудниците и на земјоделските стопанства им биле потребни работници, и сè зависело од тоа кој ќе даде повеќе пари за таа работна сила.

Русија, Украина. Депортација на цивили со воз, жени во товарни вагони, веројатно лето 1942 година.

„Стасавме на местото за примопредавање кое би го карактеризирал како пазар кадешто се продаваат робови“, вели Фјодор Панченко од Украина. „По еден час целата група беше распродадена на различни купувачи“. Панченко бил во група од 200 луѓе и се нашол во фабрика за преработка на метал во Шлезија (денешна Полска).

Репка, пари и бегство

Таканаречен „остарбајтер“ (принуден работник од Исток) во фабрика за оружје во јужна Германија со ознака на ракавот.

Особено тешко им било на оние кои работеле во металургијата: малку спиеле, многу работеле и гладувале во работничките кампови. „јадевме еднаш на ден и тоа чинија со чорба со морков и шведска репка (подземна келераба)“, вака Антонина Сердјукова го опишува својот живот во фабриката кај Дрезден.

Подземната келераба е нешто што се врежало во сеќавањето на сите оние што биле во германско заробеништво. Тоа е најевтиниот зеленчук што Германците им го фрлале онака како што е откопано, односно неиспрано и неисчистено. Во такви услови епидемиите на тифус и маларија биле честа појава.

Некои фабрички работници добивале и мала плата, толку колку да купат разгледница или некаква облека во продавниците во работничкиот камп. „Потребни беа три такви плати за да може да се купи мал џемпер, кој можеби беше соблечен од некој убиен Евреин“, објаснува Сердјукова.

Остербајтери во своите бараки, 1944.

Многумина млади заробеници, особено момчиња, се обидувале да избегаат од работничките логори. Еден од нив е Фјодор Панченко. Тој двапати бегал, талкал низ Германија и се криел еден месец, но потоа бил фаќан, брутално тепан и одведен во Аушвиц, а оттаму во концентрациониот логор кај Магдебург, каде одвај преживеал. Ова, инаку, била честа судбина на остербајтерите – бегалците најчесто ги фаќале и ги носеле во логорите на смртта.

„Среќници“

Од друга страна, не сите заробеници во Германија имале тежок живот. „Некои од нас работеа на семејни имоти. Ќе бидам искрен: некои го молеа Бога војната да потрае уште четири години...“, се сеќава Панченко. „На оние што работеа во семејствата сè им зависеше од тоа какви беа нивните домаќини како луѓе. Во секој народ има и добри луѓе и злосторници“.

Германија, јануари 1945. Остербајтерката Хелена Б. од Киев.

Определени Германци биле добри кон своите советски слуги, па дури и ги третирале како членови на семејството, додека други биле студени и сурови – сето тоа било лотарија. „Моите стопани дури ме замолија да останам кај нив во Германија“, вели Евгенија Савранска која работела како домашна помошничка во Свјебоѓина (во окупирана Полска). „Но јас им реков 'не', многу пред да стаса советската армија“.

Сојузничка офанзива и последиците

На заробениците од Советскиот Сојуз тешко им паднало дури и ослободувањето во 1945 година. Тие и самите биле во опасност кога сојузничките бомби почнале да паѓаат врз германските градови. А, оние кои преживеале се соочиле со нови тешкотии – минале низ „филтрирање“ во посебни кампови на НКВД каде ги сослушувале како воени заробеници. Неколку илјади принудни работници по ослободувањето завршиле во Гулаг. Еден од нив е Лев Мишченко. Тој бил осуден на десет години во казнено-поправен логор каде работел како преведувач.

Британската армија во Северозападна Европа во периодот од 1944-1945 година ослободила руски заробеници на принудна работа, извлекувајќи ги од подрум кој претходно го запалил германски полицаец, Оснабрик, 7 април 1945.

И на оние што се вратиле дома животот им бил тежок зашто заробеништвото во Германија било како некаков жиг во нивниот живот. „Сограѓаните нè презираа“, ладнокрвно констатира Панченко. „Не можев да претендирам на некоја подобра работа и затоа 37 години работев во фабрика. И кога ќе дојдеше до некаква грешка секогаш ми велеа: О, па не ни чудно што сте работеле за Хитлер“. Други со децении молчеле за своето искуство во Германија зашто не сакале тој жиг да влијае на нивната кариера или на семејството.

Дури кон крајот на осумдесеттите години и подоцна, по распадот на СССР, јавноста обрати внимание на судбината на остарбајтерите. Меморијалните друштва, друштвата на историчарите и организациите за заштита на човековите права заедно со германскиот фонд „Сеќавање, одговорност и иднина“ го започнаа Интернет-проектот „Другата страна на војната“ каде можат да се најдат десетина интервјуа со луѓе кои го преживеале германското заробеништво. Од тој сајт се преземени и нивните сеќавања наведени во овој текст.

Прочитајте уште: Најпосакуваните трофеи од Втората светска војна: Што се земало од убиените непријатели

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња