Најмонструозните злосторства на нацистите во СССР

Аркадиj Шаjхет/russiainphoto.ru
Нацистичка Германија и нејзините сојузници жестоко се нафрлиле врз советското население, сакајќи да го истребат. Агресорите во СССР со земја срамнувале илјадници населени места и ги погубувале нивните жители.

Војната што против Советскиот Сојуз ја водеше нацистичка Германија беше борба до целосно уништување. И додека агресорите во окупираните западни земји настојуваа да зачуваат каков-таков привид на цивилизиран однос кон локалното население, на истокот, кон луѓето од „понискиот вид“ немаа никакви скрупули.

Германските казнени одреди плански погубиле на окупираните територии на СССР седум и пол милиони луѓе. Биле убивани Евреи, Роми, комунисти, како и мирни граѓани осомничени за давање помош на партизаните. За еден убиен германски војник биле во состојба да запалат цело село заедно со неговите жители.

Покрај „ескадроните на смртта“ кои биле специјални формирани за уништување на Евреите и на болшевиците, во вршењето воени злосторства биле вмешани и војниците на СС-единиците и на Вермахтот. Интензивно им помагале и балтичките, белоруските, украинските и руските колаборационисти.

Бабји Јар

Германските единици го зазеле главниот град на советска Украина Киев на 19 септември 1941 година, а осум дена подоцна во градот започнале масовни погубувања. Први жртви биле 752 пациенти од локалната психијатриска болница.

Непосредно по тоа на ред дошле еврејските жители на Киев. Луѓето добиле наредба да се јават на 29 септмеври во осум часот наутро во долот Бабји Јар на северозападниот крај од градот за попис и понатамошно преселување. Одбивањето послушност се казнувало со смрт.

Илјадници луѓе оделе со своите работи во рацете во пресрет на смртта, без никаква свест за тоа. Оние кои ја сфатиле својата судбина и ги фатила паника, германските војници ги носеле со сила.

„Мајка ми нè штитеше колку што можеше, се трудеше ударите да завршат на неа, а не врз нас“, се сеќава Гења Баташева која по некакво чудо сето тоа го преживеала. „Луѓето ја кубеа косата, хистерично врескаа, полудуваа. Одеднаш видов бебе кое лежи на земја и плаче. Еден фашист се приближи и со кундакот му ја смачка главата. Во тој момент веројатно сум изгубила свест и не се сеќавам што се случувало потоа“.

На местото на погубувањето осудените биле наредени на работ на долот, по 30-40 луѓе и пукале во нив од митралези. Звукот на куршумите биле придушени од музиката и од бучавата од авионите кои летале над долот. Децата биле истуркани живи во дупките.

На 29 и на 30 септември биле стрелани 33.771 лице. На овој начин Германците за два дена го уништиле речиси целокупниот број еврејски жители на Киев. Во Бабји Јар пред Црвената армија да го ослободи градот, до 1943 година убиени се помеѓу 70 и 200 илјади луѓе.

Хатињ

Единица на 118 полициска бригада влегла во Минската област во советска Белорусија на 22 март 1943 година, наутро, во заседа на партизанската бригада „Вујко Васја“ на Василиј Вороњански. Во пукањето се убиени неколку војници и миленикот на Адолф Хитлер шампионот на Берлинската Олимпијада од 1936 година во фрлање ѓуле Ханс Велке.

По партизаните кои се повлекле во селото Хатињ тргнал 118 баталјон кој бил составен главно од украински колаборационисти, како и озлогласениот СС баталјон Дирлевангер. По куса борба селото било напуштено, а казнениот одред веднаш го опколил.

Мештаните биле насилно протерани од своите домови надвор и биле одведени во една шупа и заклучени. Откако Украинците го запалиле сламениот покрив внатре настанала паника. Луѓето почнале да викаат, да плачат, да молат за милост и да удираат по заклучената врата.

Кога по неколку минути ја обиле вратата, луѓето почнале да бегаат од шупата, а полицијата ги пречекала со оган од автоматски пушки и митралези.

„Со својот 15-годишен син Адам се најдов покрај ѕидот, убиените луѓе паѓаа врз мене, сè уште живите луѓе се фрлаа во толпа, како некој бран, од телата на ранетите и на убиените течеше крв“, се сеќава Јосиф Камински. „Запалениот покрив се урна, страшното, силно викање на луѓето се засилуваше. Живите луѓе кои гореа по покривот толку многу викаа и се движеа што покривот едноставно се вртеше“. Камински се здобил со тешки изгореници и по некакво чудо успеал да преживее, но го изгубил својот син.

Во заклучената шупа во селото Хатињ живи биле запалени 149 луѓе. Од нив 75 биле деца, а најмладиот од нив Толик Јаскевич имал само седум недели. Откако го погубиле луѓето Германците и Украинците го опљачкале, а потоа го запалиле селото.

Началникот на штабот на 118 баталјон кој бил на чело на полицијата во текот на масакрот Григориј Васјура успеал да ја го крие своето минато и по војната мирно да живее во Советскиот Сојуз, претставувајќи се како ветеран. Тоа траело до 1986 година кога овој 71-годишен припадник на казнениот одред не бил откриен и набргу потоа бил стрелан.

Хатињ не е ниту првото, ниту последното советско село што Германците заедно со неговите жители го срамниле со земја во Втората светска војна. Меѓутоа, токму ова село станало еден од најпознатите симболи на бруталноста на нацистите на окупираните територии на СССР.

Врз основа на сторијата за уништувањето на Хатињ заснован е потресниот филм за Втората светска војна “Оди и гледај“ на Елем Климов. „Помислив, светот не знае за Хатињ. За Катињ и за стрелањето на полските офицери се знае. А, за Белорусија не. Иако таму изгореа повеќе од 600 села. Затоа решив да снимам филм за оваа трагедија“, вели режисерот.

Корјуковка

Ноќта помеѓу 26 и 27 февруари 1943 година партизаните на Алексеј Фјодоров го нападнаа унгарскиот гарнизон, сместен во населеното место Корјуковка во Черниговската област во Украина. Рацијата беше успешна, загинаа 78 непријателски војници, осуммина беа заробени, беше крената во воздух фабриката за обработка на дрво, командата, железничката станица, мостот и магацинот со гориво. Покрај тоа од локалниот затвор беа ослободени повеќе од сто осуденици.

Како знак на одмазда следеше акција на окупаторот која не беше насочена кон партизаните, ами кон жителите на населеното место Корјуковка. На први март местото се најде во цврста опсада на СС одред, единица на 105 унгарска дивизија и на украинската помошна полиција.

Припадниците на казнените одреди, наводно проверувајќи ги документите влегуваа во куќата и ги стрелаа домаќините. Други ги затвораа во куќите и живи ги палеа, а оние кои успеале да избегаат ги докрајчуваа со автоматски пушки. Масовните погубувања беа вршени во зградите на театарот, на училиштето, во ресторани и во поликлиники. Барајќи спас, 500 луѓе избегаа во црква, но и таму беа убиени заедно со свештеникот.

„Мојата мала ќерка ми беше на градите кога почнаа да пукаат по нас во ресторанот. Не тераа како стока на колење... Видов еден фашист... И повеќе на ништо не се сеќавам. Моите три деца беа убиени. Не можеше нити да бидат погребани... Ги запалија проклетите џелати“, вели преживеаниот Евгениј Римара.

За два дена казнените одреди запалија околу 6.700 луѓе (5.612 трупови останаа неидентификувани), што ја прави корјуковската трагедија едно од најстрашните воени злосторства на нацистите во Втората светска војна.

По две недели во Корјуковка влезе Црвената армија. Меѓутоа, ослободителите немаше кој да ги пречека.

Прочитајте исто така: Армија на предавници: Над милион советски државјани на страната на Германија во Втора светска војна

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња