Путин: Злосторствата на нацистите не застаруваат (ВИДЕО)

Alexei Druzhinin/ZUMAPRESS.com/Global Look Press
Злосторствата на нацистите не застаруваат, заклучоците на Нирнбершкиот процес се и денес актуелни, изјави претседателот на РФ Владимир Путин во обраќањето до учесниците на форумот „Лекциите од Нирнберг“, меѓу кои се и млади експерти од Балканот кои допатуваа во Москва во рамките на програмата на „Россотрудничество“ „Нова генерација“.

„Оцена им даде токму Нирнбершкиот процес, квалификацијата на злостор против човечноста што ја изнесе тој го дефинираше поимот „геноцид“ и легна во основата на Конвенцијата на ОН за борба против геноцид од 1948 година“, истакна Путин.

Рускиот лидер истакна дека „заклучоците од Нирнберг се и денес актуелни“.

Путин потсети дека пред еден месец, потпирајќи се на одлуката на Нирнбершкиот процес, Солецкиот суд на Русија првпат во домашното судство ги прогласи за геноцид масовните погубувања во близина на селото Жестјанаја Горка кај Велики Новгород, каде што ѕверски беа убиени илјадници невини луѓе.

„Долг на целата меѓународна заедница е да ги чува одлуките на судот на народите, затоа што се работи за принципи кои лежат во основата на вредноста на повоениот светски поредок и нормите на меѓународното право. Тие и денес остануваат цврста и сигурна основа за конструктивен дијалог и соработка, додека нивното заборавање, обидите за релативизација претставуваат напад врз безбедноста во целиот свет. Ете зошто Русија упорно ги поставува овие прашања на сите преговарачки платформи“, рече рускиот претседател.

Тој изјави дека обидите за рехабилитација, па дури и величење на нацистичките злосторници и нивните соработници се бесрамни и невистинити.

„Непрекинато се навраќаме на лекциите на Нирнбершкиот процес, го сфаќаме нивното значење за одбрана на вистината на историското сеќавање за со помош на докази, аргументирано да им се спротивставиме на намерите настаните од Втората светска војна да се извртуваат и фалсификуваат“, додаде Путин.

Во петок, 20 ноември 2020 година, се навршуваат 75 години од почетокот на Нирнбершкиот процес над најголемите германски воени злосторници.

Меѓународниот воен трибунал во Нирнберг е основан на иницијатива на СССР, САД, Велика Британија и Франција за да се спроведе истрага за злосторствата на раководството на нацистичка Германија.

Снимка од обраќањето е објавена на „Јутјуб“.

Учесниците во програмата „Нова генерација“ ќе учествуваат во еден од клучните настани на руската година на сеќавањето и славата - Меѓународниот научно-практичен форум „Лекциите од Нирнберг“. Млади лидери од Бугарија, Црна Гора, Србија, Белорусија, Јужна Осетија, Босна и Херцеговина и Германија ќе разговараат во Москва за зачувувањето на историското сеќавање, за значењето и улогата на Нирнбершките процеси и воспоставувањето на современиот светски поредок.

Панел-дискусијата со учество на познати руски и странски меѓународни правници ќе се одржи на 20 и 21 ноември во Музејот на Победата во паркот Поклонаја гора. Експерти на Форумот ќе бидат раководители на руските министерства и ресори, соработници на водечки научни институции и јавни здруженија.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња