Одлуката телото на Владимир Ленин да се изнесе од Мавзолејот и погребе ќе биде донесена кога меѓу живите нема да има никого од последната генерација воспитана во СССР и која искрено веруваше во „заветите на големиот водач“, изјави Владлен Гурковски, бивш офицер на Кремљовскиот полк кој 1961 година учествувал во преместувањето и погребувањето на посмртните останки на Сталин. На тој начин тој ја коментира иницијативата на Сергеј Митрохин, претставник на партијата „Јаблоко“ („Јаболко“) во Московската градска дума, кој предложи да се погребе телото на Ленин.
„Кога повеќе ќе ме нема, кога нема да ги има луѓето кои одеа во Мавзолејот, го гледаа Ленин и го почитуваа, тогаш ќе го направат тоа. Треба да поминат уште педесетина години. Мое лично мислење е дека нема потреба сега да се бранува ситуацијата околу таа тема. Уште се живи комунистите кои искрено веруваат во Ленин“, рече Гурковски.
Тој додаде дека такви иницијативи се појавуваат на периоди и дека ги изнесуваат различни луѓе, но не се последица на некакви сериозни идеолошки промени во Русија. Според Гурковски, тоа се само обиди за стекнување политички поени.
„Не мислам дека сега почнува некаква деленинизација. Повеќе ќе да е дека луѓето кои се изјаснуваат против Ленин сакаат само да привлечат внимание на тој начин. Многумина сакаат да го оцрнат водачот. Таквите луѓе не ја познаваат историјата и не разбираат ништо, не се вдлабочуваат во суштината. Да се сетиме на 1917 година и конгресот на Советите на кој Ленин рече: „Постои таква партија!“ Земјата пропаѓаше и се урнисуваше“, истакнува поранешниот офицер на Кремљовскиот полк.
Што се однесува до преместувањето и погребувањето на посмртните останки на Сталин пред 60 години, Гурковски вели дека тоа е „друга работа“ и нагласува дека неговиот сопствен татко бил изложен на Сталиновите репресии и дека две и пол години бил под истрага.
Владлен Анатолиевич Гурковски бил непосреден учесник во преместувањето и погребувањето на посмртните останки на Сталин 1961 година. Тогаш по одлука на партијата телото на единствениот советски генералисимус е изнесено од Мавзолејот и погребано на спомен-гробиштата пред ѕидините на Кремљ. Гурковски во тоа време бил помошник на началникот на почесната стража и непосредно го контролирал целиот процес.
Претходно пратеникот во Московската градска дума Сергеј Митрохин покрена иницијатива Лениновото тело да се изнесе од Мавзолејот. Тој апелираше водачот на болшевиците да се погребе до своите блиски. Според Митрохин, Ленин е негативна фигура во руската историја бидејќи дејствувал со помош на германски пари и го распуштил Основачкото собрание кое требало да го дефинира понатамошниот пат по кој ќе се движи земјата по абдикацијата на царот Николај II.
Членот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ) Леонид Калашников ја осуди таа иницијатива. Според него, тоа е маневар чија цел е да го тргне вниманието од проблемите во земјата и на меѓународната сцена. Калашников смета дека преку 60% од населението на Русија се противи на погребувањето на телото на Ленин.
Урбанистот Андреј Иванов за порталот „Лента.ру“ изјави дека во Мавзолејот, кога ќе се изнесе телото на Ленин, би можел да биде отворен музеј посветен на жртвите на советските репресии.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче