Ленин не е осамен: Три познати руски мумии надвор од мавзолејот

Getty Images
Русија не може да се мери со Египет, но, сепак, и таа сѐ уште има неколку мумии од луѓе кои се балсамирани по нивната смрт.

Разликата помеѓу нив и мумијата на Ленин е во тоа што тие на живеат во Мавзолејот на Црвениот плоштад. Сите знаат дека советските научници го мумифицирале Владимир Ленин, водачот на болшевиците во револуцијата од 1917 година. Неговата мумија е сместена во Мавзолејот на Црвениот плоштад во самиот центар на Москва и сѐ уште претставува туристичка атракција (иако околу него се кршат многу копја).

Постојат доста занимливости во целата приказна за тоа како Ленин станал сличен на египетски фараон, започнувајќи од процесот на неговата мумификација, па до евакуацијата на неговото тело во Сибир за време на Втората светска војна. Но, водачот на пролетеријатот не е единствената мумија во Русија. И приказните за другите руски мумии се исто така занимливи.

1. Николај Пирогов (1810-1881): Генијален хирург

Можеби никогаш не сте слушнале за Николај Пирогов, но доколку некогаш гипсот ви помогнал да ви зарасне скршена рака или нога, треба да му заблагодарите токму на овој човек зашто тој го има измислено гипсот. Како хирург во руската империја Пирогов вовел многу нешта без кои е тешко да се замисли современата медицина. Тој во 1847 година бил првиот лекар што користел етарска анестезија на бојното поле (за време на Кримската војна) и придонел овој метод да стане општоприфатен, со што им го спасил животот на илјадници луѓе.

Пирогов бил толку вешт што „војниците понекогаш му носеле тела со откината глава, надевајќи се дека семоќниот лекар ќе успее да ги оживее мртвите“, ја пренесува КР.ru легендата која кружи кај народот. Тој го има составено и едниот од најдеталните атласи на анатомијата во тоа време.

По смртта на овој „крал на медицината“, неговата жена Александра донела одлука да го чува телото на својот сопруг „во негниечка состојба – за себе и за потомците“. Дури и Православната црква ја одобрила одлуката со специјална напомена: „За учениците на Пирогов и за оние кои напредуваат во благородните напори, да можат да го видат неговиот светол лик“.

Давид Видовцев, еден од студентите на Пирогов, ја извршил муификацијата и тоа толку добро што телото на Пирогов не се променило многу дури ни по 140 години. Тоа се наоѓа во малата семејна гробница во Виница (Сегашна Украина).

2. Григориј Котовски (1881-1925): Заборавениот „црвен“ командант

Григориј Котовски, како и Ленин, е поврзан со револуцијата. Поранешниот бандит благодарение на својата лукавост, воената вештина и среќата која го следела напредувал до командант на дивизијата на Црвената армија во Украина и во Молдавија во Руската граѓанска војна. Бил контроверзна личност (благо речено): „Тешко е да се каже дали тој бил природен криминалец, политички бандит или заштитник на угнетените“, пишува историчарот Едуард Бурда.

По завршувањето на граѓанската војна Котовски бил убиен од својот аѓутант. Со оглед на тоа дека командантот бил мошне популарен, властите одлучиле да го мумифицираат и за таа цел бил ангажиран стручњакот по анатомија Владимир Воробјов, човекот што го мумифицирал Ленин. Мумификацијата била успешна, по што мумијата на Котовски била сместена во Мавзолејот во Подољск (денешна Украина, во близина на Одеса), кој, секако е многу помал од оној на Ленин.

За разлика од мумијата на Ленин, Котовски бил принуден да го „напушти“ својот мавзолеј. Имено, кога во 1941 година Германците влегле во Украона го изнеле телото на командантот на Црвената армија и го фрлиле. Остатоци од мумијата на Котовски се пронајдени по војната и се погребани во обичен гроб, а неговиот мавзолеј денес е празен.

3. Јосиф Сталин (1878-1953): Исфрлен од Мавзолејот

Во текот на целиот свој живот се сметало дека Сталин како лидер на СССР е семоќната четврта алка во нескршливиот синџир на комунистички лидери: Маркс – Енгелс – Ленин – Сталин. Поради тоа не е чудно што по смртта тој „тргнал“ по стапките на Ленин и нашол место во Мавзолејот. Кога Сталин умрел на 5 март 1953 година, властите решиле да го зачуваат и неговото тело.

Стручњаците кои се грижеле за мумијата на Ленин добро ја завршиле и оваа работа, така што до 1961 година и мумијата на Сталин му „правела друштво“ на Ленин во неговиот мавзолеј. Но, била принудена да го „напушти“ по кампањата од времето на Никита Хрушчов која била насочена против Сталин. „Сталин го предаде наследството на Ленин, ја злоупотреби власта, вршеше масовни репресии против чесните советски граѓани... Затоа е неприфатливо сандакот со неговото тело да се наоѓа во Мавзолејот на В.И. Ленин“, гласела официјалната одлука.

Така Сталин бил изнесен од Мавзолејот и бил погребан покрај ѕидините на Кремљ каде се наоѓа и денес. Вадим Милов, научник кој работи во Мавзолејот претпоставува дека мумифицираното тело на Сталин е сѐ уште во добра состојба. „Советските научници тежнееле да ги зачуваат и телото и лицето, така што покојникот да личи како да спие. Доколку гробот на Сталин е доволно сув, тогаш неговото тело е добро зачувано“, изјави Милов за RT. Но, ова е невозможно да се провери зашто советскиот лидер се наоѓа речиси два метри под земјата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња