„Групата на чичо Јаша“: Како цела Европа стравувала од советскиот шпион

Archive photo; Russia beyond
Генијалниот разузнавач и организатор на многу специјални операции Јаков Серебрјански знаел толку тајни, што до крајот на животот морал да седи во затвор.

На почетокот од триесеттите години од минатиот век во Европа, Азија и во САД дејствувал советски разузнавачки тим кој упатените едноставно го нарекувале „Групата на чичо Јаша“. Од нивните акции се плашеле сите региони. Групата има извршено низа спектакуларни операции, од киднапирање на царски генерал до кревање бродови во воздух. Точните податоци за акциите на овој тим сè уште се чуваат во архивите на специјалните служби под печатот на државна тајна, особено деталите кои се поврзани со личното учество на предводникот Јаков Серебрјански, наречен чичо Јаша. Тој во меѓувреме стана легендарна личност.

Патот за Персија

Јаков Серебрјански

Јаша Серебрјански е роден во 1891 година во Минск, во еврејско семејство. Како млад им се приклучил на револуционерите и бил затворен поради „поседување преписка со противзаконска содржина“.

По излегувањето од затвор учествувал во Првата светска војна, при што бил тешко ранет. Потоа се посветил на револуционерното движење на Северен Кавказ, па за време на Граѓанската војна во Русија заминал во Персија. Таму болшевиците организирале мисија со цел да ги вратат бродовите што ги зеле белогардејците, но локалните востанија барале помош, така што во Персија се појавила Гиланска советска социјалистичка република.

На Серебрјански му била доверена разузнавачката задача во новото „посебно одделение“ на Црвената армија. Меѓутоа, Москва и Техеран набргу склопиле примирје, републиката била расформирана и армијата се вратила дома, а со неа и новопечениот разузнавач.

На задача на „ционистите“

Потпишување на руско-персискиот договор за соработка, 26 февруари 1921 година

Јаков се вратил во Москва, стапил во редовите на чекистите, но веќе во 1923 година заминал во Палестина, каде советската власт инфилтрирала тајни агенти на својата разузнавачка служба. Нивна главна задача била да дознаат какви планови имаат Англичаните во овој регион и да го испитаат расположението на локалното население.

Тука на советскиот чекист од голема полза му било неговото еврејско потекло. Тој се претставувал како закоравен ционист и борец за основање на еврејска држава. Врбувал многу руски емигранти и формирал цела мрежа агенти, најпрво во Палестина, а потоа меѓу ционистите во другите земји.

Пасош издаден на Јаков Серебрјански за работа во САД

Серебрјански зборувал француски, англиски и хебрејски, така што по службена должност го упатувале час во Белгија и Франција, час во Кина и Јапонија, час во САД. Формирал посебна група која не се занимавала со работата на разузнавачите, ами изведувала диверзии во странство. Серебрјански лично има врбувано над 200 агенти. Многумина од нив подоцна и самите станале легенди на советската разузнавачка служба.

Три спектакуларни акции

Една од најпознатите операции на „групата на чичо Јаша“ била киднапирањето на белиот генерал Александар Кутепов. Тој во 1928-1930 бил претседател на Рускиот војнички сојуз, милитаристичка организација основана во Франција. Чекистите добиле информација дека овој сојуз подготвува диверзии во Советска Русија, па донеле одлука да го неутрализираат шефот на организацијата и да го доведат во СССР.

Александар Кутепов

Припадниците на тимот на Јаша го нападнале Кутепов во самиот центар на Париз со намера да го уфрлат во автомобил, но генералот давал силен отпор. Тогаш еден врбуван француски комунист преоблечен во полициска униформа му зарил нож во грб. Убодот бил смртоносен.

Републиканците го заземаат градот Теруел.

Во текот на граѓанската војна во Шпанија, Серебрјански изведувал неверојатно сложени операции за кои добил Ленинов орден, едно од најголемите советски признанија. Купувал оружје и го префрлувал кај шпанските републиканци кои биле поддржани од Советите. Една од најтешките операции била испораката на 12 воени авиони што Серебрјански му ги доставил на генералот Франко под изговор дека станува збор за пробни летови.

Лев Троцки (лево) и неговиот син Лев Седов (десно).

Третата спектакуларна операција „групата на чичо Јаша“ ја извела во 1936 година во Париз. Серебрјански го уфрлил агентот во окружување Лев Седов, синот на најлутиот непријател на Сталин Лев Троцки. На разузнавачката служба ѝ било познато дека Троцки како еден од главните протагонисти на руската револуција има однесено од земјата огромна архива. Во неа била и преписката помеѓу Троцки и Ленин, каде, меѓу другото, се зборувало и за Сталин, а исто така и други мошне важни документи за чие уништување бил заинтересиран лично Јосиф Висарионович. Уфрлениот агент под раководство на Серебрјански успеал да украде дел од огромната архива и да го испрати во Москва.

Премногу знаел

Серебрјански со својот син

Серебрјански повеќе пати бил наградуван за разузнавачката работа. Бил еден од ретките разузнавачи кои двапати го добиле највисокото признание, односно значката „Почесен работник на ВЧК-ГПУ“ (кај народот познат како „почесен чекист“).

Меѓутоа, во 1938 година, во екот на Сталиновите чистки, бил повикан во Москва и директно од аеродромот бил одведен во затвор. По пат на мачење му се изнудени лажни изјави, по што бил осуден на смрт поради шпионажа во корист на Велика Британија и Франција, а исто така и поради подготвување терористички напади во СССР. Пресудата сепак не била извршена зашто започнала Втората светска војна, па луѓе како Серебрјански повторно ѝ биле потребни на државата. Бил амнестиран и вратен на работа.

Јаков Исакович Серебрјански, 1941.

Во текот на целата војна Серебрјански изведувал диверзии ширум Европа. Но, по смртта на Сталин во 1953 година повторно бил уапсен, и повторно бил осуден под истото обвинение, но сега на 25 години робија. Три години подоцна 65-годишниот разузнавач на едно сослушување почина од инфаркт.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња