„Манастир“: најуспешната операција на советската контраразузнавачка служба во Втората светска војна

Министерство за одбрана на РФ; Archive photo; Витолд Муратов (CC BY-SA 3.0), Роман Кадигробов (CC BY-SA 4.0)
Вешто манипулирајќи со радиоврската со Абвер, советските разузнавачи ги „скусиле“ Германците за десетина шпиони, за неколку милиони рубли и неколку победи во најважните битки на Источниот фронт.

Една зимска ноќ кон крајот на 1941 година на германските положби кај Можајск во Московската област пребегал човек кој се претставил како припадник на црковно-монархистичката организација „Престол“ и борец против болшевиците подготвен да им помогне на Германците во соборувањето на советската власт.

Тоа бил Александар Демјанов, кој всушност работел за советската разузнавачка служба. Така била активирана операцијата „Манастир“, една од најуспешните акции во историјата на советската разузнавачка служба.

Идеален кандидат

Александар Петрович Демјанов („Хајне“), таен агент на советската контраразузнавачка служба

Александар бил шармантен, образован и интелигентен, одлично зборувал германски, имал благородничко потекло и углед во круговите на „белите“ емигранти. Само мошне мал круг во Москва биле запознаени со фактот дека советската разузнавачка служба го има врбувано Демјанов уште во текот на триесеттите години од минатиот век.

Во јули 1941 година советските специјални служби ја формирале фиктивната организација „Престол“, која наводно била составена од илегалци од монархистички настроени кругови. Тие, демек, го очекувале доаѓањето на германските единици во главниот град на СССР. Демјанов дејствувал во името на оваа организација. Неговото конспиративно име било „Хајне“.

Враќање во СССР

Александар Демјанов „Хајне“ на врска со германскиот „Центар“

Првобитно било замислено Демјанов да дојде во Берлин и таму да се инфилтрира во круговите на претставниците на руската емиграција која соработувала со Германците и да воспостави тесен контакт со германската разузнавачка служба.

Германците, меѓутоа, долго и исцрпно го проверувале Демјанов. Дури и го изведувале пред стрелечки вод, за да го заплашат. На крајот решиле да го искористат како свој агент на територијата на СССР. Така операцијата „Манастир“ добила неочекуван пресврт.

Војник на тајната служба за радиоврска во странство

По неколку месеци обука во Абверовата школа за воени разузнавачи, Александар го добил псевдонимот „Фламинго“ и бил испратен на советска територија.

Почеток на играта

Кога „Хајне“ се вратил во Москва (каде одамна се мислело дека исчезнал), било одлучено новите околности да се искористат за радиоигра со Германците.

Абверова машина за шифрирање „Енигма“

Пред сè било потребно „Фламинго“ да се стекне со доверба кај германските разузнавачки служби и да ја докаже ефикасноста на антиболшевичката илегала. Затоа ги известил Германците дека „Престол“ подготвува диверзии во советската заднина.

Набргу потоа советските весници почнуваат да објавуваат вести за „соработниците на нацистите“ и за експлозиите кои тие ги предизвикале во индустриски објекти на Урал и во Сибир. Сето тоа немало врска со стварноста, но Германците почнале да му веруваат на „Фламинго“.

Незаменлив агент

Заштита на небото над Москва. Радиотехнички единици за ПВО кои го набљудуваат воздушниот простор. Москва, јуни 1941 година

На годишнината од почетокот на операцијата Барбароса, 22 јуни 1942 година Германското воено воздухопловство подготвило подарок за фирерот во вид на масовен воздушен напад на Москва. Германците му наложиле на Демјанов да ја набљудува состојбата на противвоздушната одбрана во советската престолнина и наскоро добиле ваков извештај: Во градот има голем број нови ловечки авиони и оружје за ПВО. Наскоро ќе бидат применети нови технички средства кои овозможуваат пресретнување авиони во широк дијапазон и на големи височини“. Операцијата бргу била запрена.

Со текот на времето „Фламинго“ станал еден од најдрагоцените агенти на Абвер на Источниот фронт. Третиот рајх бил заплиснат од дезинформации кои за поголема убедливост биле „разблажени“ со попатни точни податоци. Германците го известувале „Фламинго“ за диверзантите и за разузнавачите што ги уфрлиле на територијата на СССР, па советската државна безбедност ги фаќала тие луѓе и дел од нив ги вклучувала во радиоиграта против нивните претходни работодавачи. Така биле неутрализирани над 20 непријателски агенти и воедно биле запленети неколку милиони рубли.

Крупни операции

Операцијата „Манастир“ одиграла клучна улога во големите битки на Источниот фронт. На 4 ноември 1942 година „Хајне“ им соопштил на Германците дека Црвената армија нема да нападне кај Сталинград, ами на Северен Кавказ и кај ‘Ржев. Германците своите резерви ги насочиле на таа страна.

Поради тоа пропаднала советската офанзива кај ‘Ржев, позната како операција „Марс“, но затоа Шестата германска армија била опколена кај Сталинград, што за Германците било големо изненадување.

„Жуков не знаеше за оваа разузнавачка игра и тоа го чинеше скапо. Во офанзивата кај ‘Ржев изгинаа илјадници наши војници под негова команда. Тој во мемоарите пишува дека резултатот на оваа офанзивна операција бил незадоволителен. Жуков никогаш не дозна дека Германците биле известени за нашата офанзива во правецот на ‘Ржев и дека поради тоа насочиле толкава војска на тој дел од фронтот“; пишува непосредниот раководител на Демјанов Павел Судоплатов.

Јуриш на Рајхстагот, мај 1945 година

Меѓу другото, дезинформациите на „Хајне“ придонеле Германците неколку пати да ја одложат офанзивата кај Курск, благодарение на што Црвената армија добила време и успеала подобро да се подготви.

Интересно е што советското раководство го наградило Александар Демјанов со орден Црвена ѕвезда, а германското раководство со Витешки крст. Германците до крајот на војната верувале дека агентот „Фламинго“ му е целосно лојален на Третиот рајх.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња