Зошто Наполеон ја нападнал Русија?

Getty Images
Инвазијата на Наполеон на Русија била неговата најголема и најборбена кампања, но таа воедно претставувала и крах на неговата армија и крај на неговото владеење. Наведуваме четири причини поради кои Бонапарта војувал против Руската империја.

Наполеон Бонапарта (1769-1821), француски император (1894-1814,1815), имал амбиции да воспостави целосна контрола над континентална Европа. Тоа подразбирало политичка контрола над европските држави што Наполеон ја воспоставил во своите триумфални воени кампањи, а покрај тоа и контрола над морињата и над главните трговски пристаништа.

1. Наполеон сакал да ја „столчи“ Русија

Средба на Наполеон Први и на Александар Први на Неман, 25 јуни 1807 година, „Тилзитски мир“, Адолф Роен.

Рускиот император Александар Први во 1807 година со Наполеон го потпишал Тилзитскиот мировен договор со кој е завршена Војната на четвртата коалиција (Русија, Прусија, Саксонија, Шведска и Велика Британија против Франција). Од оваа војна Франција излегла како победник. Според Вториот Тилзитски договор што го потпишаа Франција и Прусија, прускиот крал на Наполеон му отстапил речиси половина од својата предвоена територија. На неа Наполеон ги основал Кралството Вестфалија, Варшавското војводство и „Слободниот град Данциг“. Останатиот дел од територијата го доделил на тогашните француски држави-сателити и на Русија.

Француски медалјон направен по Тилзитскиот мировен договор. Прикажани се францускиот и рускиот император како се прегрнуваат.

Русија и Франција, тогашните две големи империи, со потпишување го склопиле Тилзитскиот мировен сојуз против Велика Британија и Шведска. Така настанала тешка ситуација која набргу, веќе во 1809 година, преминува во Војна на петтата коалиција, односно Австриската империја и Обединетото Кралство против Наполеонова Франција и нејзините сојузници. Прусија и Русија не учествувале во оваа војна, но било очигледно дека Русија е следна на списокот на Наполеон. Францускиот император во 1811 година му рекол на Доминико Дуфуро де Прадо, француски амбасадор во Варшава: „За пет години јас ќе владеам со светот, ќе остане само Русија. Но, јас и нејзе ќе ја столчам... Тогаш ќе станам и господар на морињата, и на секоја трговија секако ќе мора да оди преку мене“. Со други зборови, „пријателството“ на двајцата императори, благо речено, било занишано. „Тој е прав Византиец“, рекол Наполеон за рускиот цар Александар, зашто тој бил мошне снаодлив и не бил премногу отворен.

2. Русија не се придружила на континенталната блокада на Обединетото Кралство

Императорот Наполеон Први (1769-1812), Жак-Луј Давид, 1807 година.

Според Тилзитскиот мировен договор требало Русија да се приклучи на континенталната блокада на британската поморска трговија со цел на Британците да им биде оневозможен извоз на стока во континентална Европа. Тие тогаш главно извезувале железо и текстил, а тоа ѝ било потребно на секоја армија на која ѝ недостасувале оружје и униформи. На овој начин Наполеон со помош на блокадата воедно сакал да оневозможи снабдување на армиите на европските земји, вклучувајќи ја и Русија. Покрај тоа, по блокадата, според рускиот историчар Љубомир Бескровни, четирикратно бил редуциран извозот на руското жито,

Чарлс Вилијамс, Заемна почест во Тилзит, или Мајмун, мечка и орел. 1807 година. Обоен бакропис.

Блокадата очигледно била спротивна на она што го сакала и за што имала потреба Русија како политичка сила. Меѓу другото, слични желби и потреби имале и останатите европски држави. Наполеон издал директни наредби на својата флота да ги пресретнуваат и да ги блокираат трговските бродови на различни нации кои ја игнорирале блокадата, што имало голем ефект,

Блокада против блокадата или Џон Бул и Бони, 1807 година.

Русија во 1810 година продолжила да тргува со Велика Британија. Згора на тоа, ја зголемила царината за француската стока, а тоа веќе била отворена конфронтација.

3. Наполеон бил навреден зашто двапати барал раката на руска кнегинка и двапати бил одбиен

Руската кнегинка Екатерина Павловна, Јохан Фридрих Август Тишбајн.

Наполеон немал владетелска крв и затоа сакал барем да се ожени со девојка од кралско или од царско потекло. Двапати ја барал раката на руската кнегинка, надевајќи се дека така преку личното влијание ќе може да ја контролира руската политика. Така во 1808 година, набргу по потпишувањето на Тилзитскиот мировен договор, преку министерот за надворешни работи на Франција Шарл Морис де Талеран ја побарал раката на кнегинката Екатерина Павловна (1788-1819) од Александар Први, која била негова сестра. Александар го одбил Наполеон, и тоа во нему својствен манир – не му одговорил ништо.

Великата руска кнегинка Ана Павловна околу 1813 година (копија на сликата на Валтер направена во 19 век).

Наполеон во 1810 година повторно се обидел, овој пат ја запросил 14-годишната сестра на Александар Ана Павловна (1795-1865), подоцна холандска кралица. Повторно бил одбиен и набргу потоа се оженил за Марија Луиза (1791-1847), ќерка на австрискиот император Франц Втори (1769-1835). Било очигледно дека на Наполеон му бил потребен сојуз со Австрија ако сака да влезе во војна против Русија, и затоа овој брак дополнително ги заострил и онака затегнатите односи помеѓу двете држави.

4. Русија склопила сојуз со Шведска која ја напуштила Наполеоновата коалиција

Жан Батист Бернадот, Карл XIV Јуан Шведски и Карл III Јохан Норвешки, маршал француски, 1818година според сликата на Франсоа Кинсон.

Во тоа време Наполеон веќе собирал интернационална сојузничка армија во Европа. Оваа Голема армија не ја поддржала само една држава, а таа држава била Шведска. Со Шведска тогаш управувал Жан Батист Бернадот (1763-1844), поранешен маршал на француската империја кој со помош на итри политички интриги станал Карл XIV Јуан Шведски. Тој сакал да биде независен владетел, а со самото тоа не се вклопил во системот на Наполеон. Така тие двајца станале непријатели.

Во јануари 1812 година Наполеон ја окупирал Шведска Померанија. Бернадот во март одлучил да направи сојуз помеѓу Шведска и Русија. Царот Александар ветил дека ќе му помогне да стане и крал на Норвешка (што подоцна и се случило).

Наполеоновата армија го форсира Неман

Сојузот со Шведска бил решавачки чекор на Русија. Набргу потоа, на 28 мај 1812 година, Русија со Османлиското царство го потпишала Букурешкиот договор, со кој е завршена шестгодишната војна. Османлиите исто така се обврзале да го раскинат сојузот со Франција. Договорот го потпишал рускиот војсководец Михаил Кутузов, а го ратификувал рускиот цар Александар Први. Само 13 дена потоа Наполеон ја нападнал Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња