Грешката на Сталин што ја поттикна Турција да влезе во НАТО

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Дипломатскиот притисок на Советскиот Сојуз врз Турција не ѝ донесе на Москва ништо освен проблеми, кои го забрзаа влезот на Анкара во НАТО.

Во јуни 1945 година Советскиот Сојуз беше на врвот од својата моќ. Нацистичка Германија беше поразена, цела Источна Европа потпадна под силно влијание на Москва, додека Црвената армија (тогаш најсилна на светот) се подготвуваше за решавачки напад врз Јапонија.

Советското раководство сметаше дека во такви околности е вистински момент за дипломатски притисок врз Турција, со која се насобрале низа нерешени воено-политички и територијални спорови. Големиот авторитет и огромното влијание на СССР, како и фактот што на западните сојузници им беше неопходна советската помош во војната против Јапонија, го наведоа Сталин до тоа да поверува дека Москва од Анкара брзо или лесно може да добие сè што ќе посака. Меѓутоа, развојот на настаните покажа дека советскиот водач се прелажал.

Комплицирано соседски односи

Политиката на Турција за време на Втората светска војна кај раководството на СССР предизвика мошне противречни чувства. Од една страна неутралноста што ја застапуваше јужниот сосед и одбивањето на Анкара да го пушти Вермахтот преку својата територија Москва ги дочека со радост.

Од друга страна, во најтешките моменти од советско-германскиот судир Турците на границата со СССР концентрираа голема формација свои сили. Есента 1941 година на повик на фелдмаршалот Герд фон Рундштет окупираните советски територии ги посетија генералите на турската војска Али Фуад Ерден и Хусеин Хусну Емир Еркилет.

Кремљ сметаше дека во случај на пораз на Црвената армија и на пад на Москва и на Сталинград овие сили би можеле да го заземат советски Кавказ. „Кон средината 1942 година никој не можеше да гарантира дека Турција нема да застане на страната на Германија“, има напишано во своите мемоари генералот Семјон Штеменко.

За одбивање на можниот напад беше потребно да се издвојат сили кои беа потребни на некои од деловите на фронтот.

Освен тоа, СССР беше уверен дека Анкара повеќе пати ја има прекршено конвенцијата од Монтре од 1936 година за статусот на мореузот на Босфор и на Дарданелите, затворајќи очи на минувањето на помоќните воени бродови на германската воена морнарица под камуфлажа на трговски бродови во Црното море. Прашањето за турскиот суверенитет над мореузите го загрижуваше Сталин и пред војната, а во 1945 година имаше можност повторно да поработи на тоа.

Советски притисок

Москва интензивно се подготвуваше за дипломатски конфликт со Турција и пристапувањето на Анкара на 23 февруари 1945 година кон коалицијата против Хитлер не влијаеше врз нејзините планови. Во март истата година СССР го поништи советско-турскиот договор за пријателство и неутралност од 1925 година, а на 7 јуни турскиот амбасадор во СССР Селим Сарпер беше повикан на состанок кај народниот комесар (министер) за надворешни работи Вјачеслав Молотов.

На турската страна ѝ беше соопштено дека со оглед на тоа што Анкара не може да ја спроведе потребната контрола над мореузите, отсега треба да ја реализира заедно со Советскиот Сојуз, на кој треба да му препушти неколку воени бази во Босфор и на Дарданелите.

Освен тоа, СССР инсистираше на тоа да се ревидира Московскиот договор од 1921 година, врз основа на која болшевиците на Турците им предадоа дел од територијата која претходно беше дел од Руската Империја: пространите области со градовите Карс, Ардаган и Артвин. Со оглед на тоа дека владите на Ленин и на Ататурк одржуваа пријателски односи и заедно се спротивставуваа на Антантата, во тоа време ова отстапување за Москва беше важен чекор во целта за воспоставување долгогодишно цврсто сојузништво.

Кон крајот на четириесеттите години од минатиот век оваа ситуација во СССР доби поинаква интерпретација. Во печатените медиуми пишуваше за предавство на Турците кои ја искористиле слабоста на Советска Русија и на советските кавкаски републики, за „насилно одземање“ на исконските земји на малите народи, за неопходноста советска Ерменија и Грузија да се обединат со своите браќа преку границите. „Не постојат никакви разумни аргументи против враќањето на овие територии на нивните законски сопственици – на ерменскиот и на грузискиот народ“, се наведува во аналитичкиот текст на Народниот комесаријат за надворешни работи кој беше подготвен за раководството на земјата во август 1945 година.

Реакција

Притисокот на Москва врз Турција предизвика пораст на антисоветско расположение. Во турското општество за Сталин се зборуваше како за наследник на руските цареви кои со векови се обидуваа да ги освојат црноморските мореузи. „Водачите на црвениот режим се истите оние Романови“, изјавуваа пратениците на меџлисот.

Прашањето на враќањето на „териториите кои законски му припаѓаат на Советскиот Сојуз“ и преиспитувањето на статусот на Босфорот и на Дарданелите СССР ги споменуваше и на преговорите со западните сили. „Конвенцијата од Монтре во целост беше насочена против Русија... На Турција ѝ беше дадено право да ги затвора мореузите за нашите бродови не само во случај на војна, ами и кога на Турција ќе ѝ се причини дека постои опасност од избивање војна, при што за тоа одлучува самата Турција“, изјави Сталин на Потсдамската конференција во јули 1945 година. „Излегува дека мала земја која има поддршка од Англија држи за врат голема земја и не ѝ дозволува да помине...Се поставува прашањето дали на нашите бродови да им се овозможи слободен премин од Црното море и назад. Но, со оглед на тоа што Турција е слаба... мораме да имаме некаква гаранција дека овој слободен премин ќе ни биде овозможен“.

Согласувајќи се усно дека е неопходно да се коригира договорот за мореузите, британскиот премиер Винстон Черчил и американскиот претседател Хари Труман дипломатски сепак ги отфрлија сите суштински барања на СССР кога станува збор за базите и за турските територии. Меѓутоа, како што покажаа понатамошните настани, ниту конвенцијата од Монтре не беше ревидирана.

По поразот на Јапонија и по завршувањето на Втората светска војна односите на некогашните сојузници нагло се влошија. Турското прашање притоа беше еден од катализаторите на студената војна. Него, меѓу другото, го спомена Черчил во својот познат фултонски говор од 5 март, со кој фактички беше означен почетокот на големиот судир.

Дипломатскиот притисок врз Анкара не му донесе никаква придобивка на Советскиот Сојуз. А, притоа придонесе за молскавично зближување на Турција со Соединетите Американски Држави и со Велика Британија. Веќе во 1952 година таа се приклучи на Северноатлантската алијанса.

По смртта на Сталин во 1953 година, СССР „во името на зачувувањето на добрососедските односи и на зајакнувањето на мирот и безбедноста“, конечно се откажа од своите барања кон Турција. Многу подоцна еден од главните учесници на овие настани Вјачеслав Молотов ги нарече „неостварлива работа во погрешно време“. Сметам дека Сталин е исклучителен политичар, но и тој имаше свои грешки“, истакна поранешниот народен комесар.

Многу поемотивен став беше искажан од страна на новиот шеф на државата Никита Хрушчов во 1957 година: „Ги победивме Германците. Тоа ни се удри од глава. Турци, наши другари, пријатели. Не, ајде да напишеме нота и веднаш ќе ни ги подарат Дарданелите. Такви будали не постојат. Дарданели не се Турција, ами таму постои блок народи. Не, ние напишавме специјална нота дека го раскинуваме договорот и дека им плукаме на Турците в лице... Тоа е глупаво. Го изгубивме пријателството со Турција и сега имаме американски бази на југот кои го држат нишанот на нашиот југ...“

Прочитајте исто така: Како болшевиците помогнаа во создавањето на модерна Турција