Кој бил главниот непријател на Руската Империја?

„Кој кого? Дуел на донски козак со полски улан“, В.В. Мазуровски. Руско-турска војна 1877-1879.

„Кој кого? Дуел на донски козак со полски улан“, В.В. Мазуровски. Руско-турска војна 1877-1879.

Виктор Мазуровски
Русите најчесто војувале против Турците.

1. Четири века Русија и Османската Империја влегувале во крвави судири, борејќи се за брегот на Црното море, за Балканот и за Кавказот. Од средината на 16 век до крајот на Првата светска војна меѓу нив имало повеќе од десет војни и вооружени конфликти. Во просек периодите на мир биле помали од 25 години.

Балканска серија

2. Првиот воен судир помеѓу Русите и Турците избил во 1541 година. Тогаш Сахиб Први Гирај, хан на Кримскиот ханат кој политички зависел од Османското царство, тргнал во поход на Москва, замолувајќи го султанот да му помогне со одред јаничари и со артилерија. Руската војска однела убедлива победа, „многумина царски Татари луто ги столчија и на Турците многу топови им уништија“.

Бегството на Сахиб Гирај со ордата од Ока, 1541 година

3. Султанот Селим Втори бил сериозно загрижен од експанзијата на Руското Царство на југ, односно од освојувањето на Казањскиот (1552) и на Астрахањскиот (1556) ханат. Портата сфатила дека мора што поскоро да ги потисне Русите од границата со својата империја и Крим кој зависел од османлиите. Воената среќа, меѓутоа, не им била наклонета на Турците. Неславно завршил нивниот обид да го заземат Астрахањ во 1569 година, а во 1572 година во Молодинската битка на 50 километри од Москва заедно со војската на кримскиот хан Давлет Гирај загинале седум илјади елитни јаничари.

Портрет на Селим Втори, султан на Отоманското Царство (1566-1574)

4. И кон крајот на 17 и почетокот на 18 век Руското Царство успешно водело борби против Турците. Успеало да ја запре експанзијата на Османското Царство на украинската територија, зацврстувајќи ги своите позиции во Киев и на левиот брег од Днепар, а во 1696 година ја заземе турската тврдина Азов на брегот на Азовското море и почна да ја основа првата регуларна военопоморска флота. За Русите, меѓутоа, како студен туш бил Прутскиот поход од 1711 година, кога армијата на Петар Први со 80.000 војници во Молдавија опколил 200.000 Турци и Кримски Татари. Царот успеал да склопи мир и да ја зачува армијата, но Азов бил изгубен и потоа тој нецела четвртина век не бил во руски раце.

Азовската флота. Од дневникот на патувања на Јохан Георг Корб.

5. Една од најважните војни во историјата на руско-турските конфронтации била војната од 1769 до 1774 година. Во јули 1770 година руска ескадра целосно ја уништила турската фота во Чешменскиот залив на Егејското море и потоа, благодарение на тоа, воспоставила целосна доминација во источниот Медитеран. „Водата измешана со крв и пепел изгледаше многу гадно. Изгорените трупови пловеа на брановите и толку многу го наполнија пристаништето што беше тешко да се плови во чамец“, напишал кнезот Јуриј Долгоруки кој учествувал во битката.

Чешменска битка, 1770.

6. По триумфот на море следуваа успеси и на копното. Турските единици доживеаја пораз кај Ларга, Кагула и Козлуџа. Извесно време руската војска го држеше и Бејрут, едно од најважните пристаништа на Османската Империја. По оваа војна Крим прогласи независност и повеќе не беше под власт на султанот (полуостровот беше припоен кон Руската Империја во 1783 година). Воедно Русија доби право на Црното море да има военопоморска флота која непречено ќе може да минува низ Босфор и Дарданели.

Гравура. Битката на Кагула.

7. Во подоцнежните воени конфликти сè до средината на 19 век Русија успешно ја потиснуваше ослабената Османлиска Империја од северните брегови на Црното море, од Кавказ и од Балканот. И Кримската војна 1853-1856 година на почетокот беше поволна за Русите. Во Синопската битка на 30 ноември 1854 година руската флота ја столчила турската. Биле потопени 15 бродови и загинале над 3.000 морнари, заробен бил лично командантот на турската флота, вицеадмиралот Осман-паша. „Со искрена најсрдечна радост ви наложувам на НАШИТЕ храбри морнари да им пренесете дека им се заблагодарувам за подвигот направен во слава на Русија и во чест на Руското знаме. Со задоволство гледам дека Чешме не е заборавено во руската флота, дека правнуците се достојни на своите прадедовци“, му напишал императорот Николај Први на министерот Александар Меншиков.

Битката кај Синоп.

8. „Масакрот во Синоп“, како што оваа битка ја нарекоа англиските медиуми, послужи како повод за влегување на Велика Британија, на Франција и на Сардиниското Кралство во војна на страна на Турците. Користејќи ја неразвиеноста на руската армија, сојузниците на крајот извојуваа победа. Еден од најтешките услови на Парискиот мировен договор со кој е завршена војната беше тој што Русија немаше право да ја држи военопоморската флота на Црното море (ограничувањето беше укинато во 1871 година).

На палубата на адмиралскиот брод „Императорка Марија“ за време на битката кај Синоп

9. Турците во 1876 и во 1877 година брутално го задушиле востанието на христијанското население во Бугарија и во Босна, по што бран револт ја заплисна цела Европа. Русија на 24 април 1877 година ѝ објави војна на Османлиската Империја со цел да ги ослободи балканските народи. И покрај привремените потешкотии, воената кампања на руската армија се развиваше успешно, така што во јануари следната година Русите веќе беа на приодите кон Истанбул. Според условите на Санстефанскиот мировен договор официјално е прогласена независност на Романија, на Србија и на Црна Гора, а Турците им отстапија на Русите дел од територијата на Кавказ и на Балкан, додека на Босна и Херцеговина ѝ дадоа автономија. Меѓутоа, главниот резултат од мировниот договор беше обновувањето на бугарската држава на голема територија од Црното до Егејското море, со тоа што беше планирано Бугарија во првите неколку години да биде под непосредна руска управа.

Генерал Гурко ја освојува Софија

10. Ваквото зајакнување на позициите на Руската Империја на Балканот сериозно ги вознемири западните сили. Под нивен дипломатски притисок условите од Санстефанскиот мировен договор беа преиспитани на мировниот конгрес во Берлин летото 1878 година. Независноста на Романија, на Србија и на Црна Гора е потврдена, но Босна и Херцеговина наместо автономија доби „привремена“ австроунгарска окупација (за помалку од 20 години Виена и официјално воспостави власт во овој регион). Наместо Голема Бугарија воспоставено е вазалско кнежевство со значително редуцирана територија и со центар во Софија, а исто така Источна Румелија како автономна провинција на Османлиското Царство. „Нам Европа ни даде право само да ги убиваме Турците, да пролеваме руска крв и да ги трошиме руските пари, но ни случајно од тоа да извлечеме корист за себе и за нашите браќа по вера по нашето сопствено напаѓање“, со жалење констатираше рускиот амбасадор во Истанбул Николај Игнатјев.

Сатирична мапа на Европа, 1877 година

11. Последниот вооружен конфликт во историјата на конфронтациите на двете империи беше Првата светска војна. Руската армија успеа да ги наруши плановите на Турците кои сакаа да го заземат руското Закавказје, па дури и тргна во голема контраофанзива. Така на почетокот од 1916 година единиците на генералот Николај Јуденич ја победија 3 турска армија и го зазедоа стратешки важниот град Ерзурум, со што беше отворен пат во длабочината на османската територија.

Турски топ (15 cm Ringkanone L/26 Krupp) што руската војска го зароби кај Ерзурум, 1916 година.

12. На руската војска, меѓутоа, не ѝ беше судено до крај да ги порази Турците. Февруарската револуција од 1917 година предизвика пад на самодржавната власт во Русија, а воедно и молскавичен распад на руската армија. Турската војска успеа да ја поврати цела Источна Анадолија, па дури и да ѝ ги одземе на Русија Батумската и Карската област. Но, независно од тоа, исходот од светскиот вооружен конфликт не беше поволен за Османлиската Империја и Портата веќе ги броеше своите последни денови.

Руски ровови во шумите на Саракамиш.

13. По завршувањето на Првата светска војна поранешните непомирливи непријатели влегоа во период на воспоставување на билатерални односи. Болшевиците му дадоа поддршка на Турското национално движење на Кемал Ататурк во борбата против странската интервенција. Така Советска Русија дури и стана сојузничка на Турската Република, основана во 1923 година врз урнатините на Османлиското Царство. За волја на вистината, ова ново пријателство траеше мошне кратко.

Посета на советска делегација на Турција во 1933 година. Средба на народниот комесар за одбрана на СССР Климент Ворошилов со претседателот на Турција Мустафа Кемал Ататурк на парадата во чест на 10-годишнината од Турската Република (19 октомври 1923 година).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња