Како храбра Русинка стана херој во двете светски војни

Russia Beyond (Photo: Public domain)
Кира Башкирова неколку пати беше враќана дома од фронтот, но тоа не можеше да ја запре. Таа упорно сакаше да војува и повторно заминуваше на фронт.

Во Првата светска војна владееше мислење дека на жените не им е местото на бојното поле. Тие можеа да бидат милосрдни сестри и да се грижат за ранетите во заднината, но крајно ретко им беше дозволено да дојдат на првата линија на фронтот.

Некои припаднички на понежниот пол не можеа да се помират со таквата состојба на нештата. Тие едвај чекаа да се впуштат во борба против непријателот наместо да седат во заднината по болниците. Понекогаш дури прибегнуваа и кон лукавост, бидејќи немаше друг начин да дојдат на фронтот.

Доброволецот Николај Попов

Првата светска војна ја затекна 16-годишната Кира Башкирова во Вилнус, каде што учеше во локалната виша женска школа. Кира знаеше дека никој нема да ѝ дозволи да оди во војна, па затоа одлучи да побегне.

Ги пресече плетенките, продаде дел од личните работи и за парите што ги доби купи војничка униформа. Ја зеде училишната потврда на нејзиниот братучед по вујко Николај Попов и отиде во Лоѓ, каде што беше распореден 88 Петровски пешадиски полк. Камуфлажата беше добра, така што Башкирова беше прифатена како доброволец под името на нејзиниот братучед.

Офицери на 88 Петровски пешадиски полк и митралесци, 1911.

„Николај“ на фронтот се бореше пожртвувано против непријателот и честопати одеше во извидувачки мисии. Во едно ноќно извидување девојката дури успеа и да зароби непријателски војник и за тој подвиг доби Георгиевски крст од 4 степен. Таа успеа да го зароби тој војник сама, бидејќи нејзиниот ранет другар воопшто не можеше да ѝ помогне.

Кира ја чуваше својата тајна долго време. Се капеше одделно, а во сé друго се трудеше да не се истакнува. Научи дури и да зборува со машки глас. Сé му објасни на своето семејство во писмо и нејзините најблиски немаа друг избор освен да се помират со тоа.

Вистината излезе на виделина кога Кира беше хоспитализирана поради болест. Командата беше во шок. Беше наредено Башкирова веднаш да биде испратена во заднината. Па сепак, наградата не ѝ беше одземена и дури ѝ напишаа и пофалница.

Се чинеше дека војната за Кира заврши, но таа не планираше да се предаде толку лесно. „Храбрата девојка не си отиде дома, туку повторно се претстави како младичот Николај Попов и се пријави како доброволец во нова единица, каде што беше ранета во борба, по што беше испратена во една болница“, пишува весникот „Задушевное слово“ во 1915 година.

Кира Башкирова во списанието „Задушевное слово“

Кога повторно е откриена и повторно испратена дома, Башкирова отворено напиша барање под нејзино име да биде примена во армијата. На нејзина голема радост, нејзиното барање беше прифатено, така што до октомври 1917 година Кира легално се бореше во редовите на 30 Сибирски стрелечки полк.

Повторно војна

По завршувањето на Првата светска војна, Кира ја напушти војската и се посвети на работата со деца без родители. Во Полтава организира прифатилиште за нив.

Кира Башкирова

Кога нацистичка Германија го нападна СССР летото 1941 година, Башкирова (мажена Лопатина) повторно оди во војна. Мајка на две деца, сега веќе четириесетгодишната Кира Александровна, се разбира, не постапи како порано, во младоста, но исто така даде придонес за заедничката победа.

Во болница, 1941-1945.

Како постара медицинска сестра во воената болница во Мурманск, таа се грижеше за ранетите војници. Често ѝ беа доверувани најтешко ранетите. Повеќе пати им помага на хирурзите во оперирање на ранетите, и тоа директно под налетите на германската авијација.

Пожртвуваноста на Кира Лопатина е наградена со медалите „За борбени заслуги“ и „За одбрана на Советското Заполарје“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња