Петтемина најефикасни советски снајперисти од Втората светска војна

Георгиj Зелма/Sputnik
Овие петмина снајперисти заедно имаат ликвидирано речиси три илјади непријателски војници и офицери. Но, сите ја немаат доживеано заслужената благодарност од својата татковина.

Михаил Сурков

Најефикасниот советски снајперист од Втората светска војна Михаил Сурков има ликвидирано 702 непријателски војници и офицери. Во текот на летото и на есента 1942 година во источна Украина и на Северен Кавказ овој сибирски ловец во просек уништувал по 160 Германци месечно.

Сурков не војувал само со снајпер. На 30 ноември 1942 година за време на борбата кај осетинскиот град Ардон тој, учествувајќи во напад, се пробил во непријателски бункер и со бодежи усмртил цело митралеско гнездо од тројца војници.

Кога на 30 ноември 1942 година бил ранет, младиот поручник Сурков бил отпуштен од активна служба. Никогаш не го добил највисокото одликување – звањето Херој на Советскиот Сојуз. Не се знае зошто се случило тоа. Според една од најчесто споменуваните верзии, главна причина бил неговиот бунтовнички карактер и дрскиот јазик кои не им се допаѓале на надредените.

Владимир Салбиев

Владимир Салбиев минал долг и тежок воен пат: ги бранел Ленинград и Сталинград, учествувал во ослободувањето на Украина, трипати бил ранет. Шрапнелот кој го погодил во глава кај Харков во март 1943 година останал со него до крајот на животот.

Најдобриот снајперист на Првиот украински фронт и еден од најдобрите во целата Црвена армија, Салбиев усмртил 601 непријателски војник и офицер. Освен тоа, има обучено и низа ефикасни снајперски единици.

За своите исклучителни успеси Салбиев има добиено над дваесет одликување, но како и во случајот со Сурков, од непознати причини, не му е доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз. Наместо тоа пред смртта добил Орден на Црвеното Знаме.

Василиј Квачантираѕе

За Василиј Квачантираѕе се зборувало дека најдобро од сите умее да го предвиди однесувањето на непријателот. Познатиот советски снајперист има усмртено 534 непријателски војници и офицери.

Квачантираѕе работел како сам така и во двојка. Едно време со него во двојка работел и еден друг прославен снајперист Кузма Смоленски (414 ликвидирани непријатели). Еднаш биле откриени додека се наоѓале во непријателската заднина. Откако влегле во отворен судир, ликвидирале два непријателски артилериски екипажи и уништиле над триесет Германци, по што се пробиле кај своите.

Со звањето Херој на Советскиот Сојуз на Василиј Квачантираѕе на почетокот исто така не му одело лесно. На 9 јули 1943 година командата на 43 армија го предложила за највисокото одликување, но командата на Калининскиот фронт одобрила да му се врачи само Орденот на Ленин. Сепак, овој исклучителен снајперист на крајот ја добил заслужената награда. На 24 март 1945 година му е доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Ахат Ахметјанов

Обичниот наставник по математика од едно селско училиште Ахат Ахметјанов за време на војната има ликвидирано 502 непријателски војници и офицери. Податоците за нив грижливо ги бележел во својата лична книшка која ја нарекол „Пресметка на одмаздата“.

„Прави го она што според мислењето на непријателот е невозможно. Почесто ставај се во неговата позиција. Учи од непријателот!“, сакал да каже Ахметјанов. Своето искуство и своето знаење како инструктор го пренел на две стотини снајперисти.

Во 1944 година по ранувањето во стомакот Ахметјанов бил повлечен од боиштето. Со задоволство се посветил на својата омилена наставничка дејност.

Иван Сидоренко

Војната против нацистичка Германија поручникот Иван Сидоренко ја започнал како командант на минофрлачка чета. Во текот на борбите во Смоленската област на почетокот на 1942 година морал да пука од пушка за што, како што се покажало, бил мошне талентиран.

Командата одлучила Сидоренко да биде префрлен меѓу снајперистите и не погрешила. Иван Сидоренко има ликвидирано околу 500 непријателски војници и офицери и има обучено 250 снајперисти. Повеќе пати своите ученици ги водел во заседа, ги учел да ги препознаат навиките на непријателот, како да ги паметат нивните средства за камуфлажа, патеките по кои се движат и местата на кои се кријат. На 4 јуни 1944 година Иван Сидоренко го добил звањето Херој на Советскиот Сојуз „за примерно извршување на борбените задачи на командата на фронтот во борбата против германско-фашистичкиот освојувач и за покажано јунаштво и хероизам“.

Прочитајте исто така: „Ворошиловските стрелци“: Зошто Советите имале најдобри снајперисти

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња