„Ворошиловските стрелци“: Зошто Советите имале најдобри снајперисти

City News Moskva/Global Look Press
Во текот на Втората светска војна сите завојувани страни имаа области на вооружените сили во кои се истакнуваа. Во првата фаза од војната на Германија против Советскиот Сојуз Германците биле супериорни во многу аспекти од водењето на војната, но во една од почетокот до крајот на војната беа зад Советите, а тоа беа снајперистите.

Многумина имаат слушнато за Василиј Зајцев, за Људмила Павличенко, за Иван Сидоренко и за многу други снајперски асови кои имаат уништено поединечно речиси цел баталјон на непријателската пешадија за време на својот воен пат. Доколку се погледне списокот на педесет најдобри снајперисти од Втората светска војна, се гледа дека над четириесет ѝ припаѓаат на Црвената Армија. Зад секој успех постои предисторија, па така и за толкавиот број снајперски асови. Корените досегаат во историјата на Советскиот Сојуз во првата половина од триесеттите години од минатиот век.

Со оглед на тоа дека Советскиот Сојуз бил опкружен од сите страни со потенцијални непријатели поради социјалистичкиот систем што го градел, концептот на вооружените граѓани чиј идеал биле речиси на сите револуционерни општества започнал да дава свои резултати и во практика.

Со потенцијален напад поединечно или со здружени сили на интервенционистите требало да им се спротивстави огромна маса граѓани кои минале низ макар основна пешадиска обука или низ обука за ракување со оружје. На тој план Советскиот Сојуз има вложено значителни материјални и пропагандни средства. Најголемиот дел од животот на цивилите кои се подготвувале за војна се одвивал во рамките на организацијата основана во 1927 година на предлог на народниот комесаријат за воено-поморски работи на Ворошилов со назив „Друштво за промоција на одбраната и за воздухопловно-хемиски конструкции на СССР“ или скратено ОСОАВИАКХИМ СССР.

Народниот комесар за одбрана Ворошилов со комсомолки на 1 октомври 1935 година.

На дваесет и деветти октомври 1932 година утврден е статусот на „Ворошиловските стрелци“ во рамките на организацијата а во декември истата година пуштена е во оптек значка која му се давала на секој прецизен стрелец. Со тоа се удрени темелите на масовното движење кое ќе создаде илјадници снајперисти. Јасно е дека самиот назив „Ворошиловски стрелци“ е поврзан со името на Климент Ворошилов.

Најпопуларна верзија за називот е дека Ворошилов во 1932 година за време на посетата на стрелците, зел револвер од еден ученик и погодил 59 кругови (на метата). Потоа изјавил дека „не постои лошо оружје, ами постојат лоши стрелци“. Оваа негова изјава стана популарна зашто беше напечатена во воените гласила на Црвената Армија по што и стана широкопозната во Советскиот Сојуз. Организацијата ја вклучуваше и училишната младина. Воведени се степени во наградите. За момчињата и девојчињата од 12 до 15 години биле доделувани значки „млади Ворошиловски стрелци“. Набргу бројот на стрелците станал масовен.

Основна обука на теоријата на нишанење

Во 1934 година бил отворен клуб на Ворошиловските стрелци во Москва во Бауманскиот реон. Истиот клуб го има претставувано Советскиот Сојуз на меѓународни натпревари во стрелаштво каде во финалето извојува победа против американскиот стрелачки клуб од Портсмут со голема разлика. На првиот Сесојузен натпревар на пионери и ученици меѓу стрелците првото место го зазеде екипата од Москва. Единицата на млади стрелци, формирана од одлични ученици од училиштата од Бауманскиот реон, на Московската организација учествуваше на парадата во чест на деветнаесетгодишнината од Октомвриската револуција. Во 1936 година беа изменети правилата во наградувањето со значка „млад Ворошиловски стрелец“ која се доделувала на возраст од 13 до 16 години, додека за значката за вториот степен во голема мера се зголемени критериумите и тоа исклучиво од огнено оружје. На пример според статутот нормите што морал да ги исполни еден „млад снајперист“ биле:

  • „...да ги знае сите делови на малокалибарска пушка од домашно производство,
  • да ги знае нејзините карактеристики и ефикасноста на дејствување на определени растојанија,
  • да знае да набљудува низ двоглед и да врши коректура на дејствието,
  • да го познава маскирањето и правилниот избор на место за набљудување,
  • да умее да го определува растојанието со помош на агломер со отстапување од најмногу 10%...“ итн.

Статусот на млад снајперист можеле да го добијат учениците кои имаат максимум 17 години. Критериумите што морале да ги исполнат биле високи за таа возраст. Разликата во бројот на значката ја покажувала тежината на добивањето на вториот степен. Бројот на наградени „млади стрелци“ во 1935 година изнесувал 900 илјади, додека значка „втор степен“ добиле само 4.706 стрелци. Вкупно до пред војната значки од сите степени имаат добиено од 6 до 9 милиони луѓе.

Градна значка на Ворошиловските стрелци

Ваквиот систем што им бил овозможен на милионски маси да се сретна со умешноста на стрелаштвото од основаната форма на преден и заден нишан до врвен стрелец, создал огромна база за селекција на луѓе што понатаму ќе се забележи во резултатите за време на Втората светска војна. Сите категории граѓани биле обучувани во рамките на здруженијата, од научници до работници и работнички во фабриките, колхозите и совхозите, до децата од основните училишта и средни училишта. На тој начин општеството покрај класичната воена обука се милитаризирало и се подготвувало за идните настани.

При пишувањето на оваа статија користени се книгите:
Л.М. Толубаев, М.Д. Павлов. Млади Ворошиловци: Сеќавања. Москва; Кујбишев, 1935
М. Каплун, Ј. Коган, Е. Лихтенштејн. Поколението на победниците: Зборник. М.: ОНТИ, 1936.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња