Најдобриот советски војсководец во Втората светска војна

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Четирикратниот Херој на Советскиот Сојуз маршалот Георгиј Жуков беше архитект на клучните победи на Црвената Армија над нацистите во Втората светска војна. Него власта секогаш го испраќала на најопасните делници на советско-германскиот фронт.

1. Еден од главните протагонисти на триумфот на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија, маршалот Георгиј Константинович Жуков, учествуваше во подготовката на најважните стратешки операции на Црвената армија во Втората светска војна. За него војниците велеа: „Каде е Жуков, таму е победата“.

2. Својот борбен пат Георгиј Жуков го започна во Првата светска војна во која дотурка до чинот командир на ескадрон и доби два Георгиевски крста. По револуцијата од 1917 година им се приклучува на болшевиците и учествува во Граѓанската војна. Како командант на поголема формација дебитира мошне подоцна, летото 1939 година на реката Халкин Гол, во борбите против императорската армија на Јапонија.

3. Именуван е за командант на Првата армиска група која со голем напор го задржуваше продорот на Јапонците на територијата на Монголија, сојузничката на СССР. Жуков фактички го претвори поразот во победа. Не само што го одби планираниот непријателски напад на заднината на советските единици, ами и успеа да го опколи и да го сотре непријателот. „За сета наша војска, за командирите на единиците и лично за мене борбите на Халкин Гол беа голема школа за војувањето“, му рапортираше Георгиј Константинович на Сталин; „Мислам дека и јапонската страна сега ќе извлече поправилни заклучоци за силата и за способноста на Црвената армија“. И не згреши: Јапонија по поразот стана многу повнимателна во ковањето агресивни планови против Советскиот Сојуз.

.

4. „Георгиј Константинович Жуков ми остана во сеќавање како човек со силна волја и решителност, богато надарен со сите квалитети што треба да ги има еден војсководец“, изјавил еден друг славен војсководец Константин Рокосовски. Жуков никогаш не се плашеше да дејствува храбро и решително, умееше правилно да ја оцени сложената стратешка ситуација и да носи вистински одлуки во критични околности кои брзо се менуваат. Тој беше еден од првите советски војсководци кои согледаа колку важна улога во современата војна имаат механизираните единици и сфатија како ефикасно да ги примени.

5. Кога Германците влегоа на територијата на Советскиот Сојуз Жуков стана многу баран. Беше постојан член на Главниот штаб на врховниот командант Јосиф Сталин и негов заменик, а во различни времиња командуваше со единиците на пет фронта. Георгиј Константинович секогаш беше упатуван на најопасните жаришта каде непријателскиот напад беше најсилен.

6. Во септември 1941 година Георгиј Жуков стаса во Ленинград кој тогаш беше на работ на катастрофа. Тој нареди по кратка постапка да се стрелаат сите командири и војници кои самоволно ќе се повлечат и ќе ја напуштат линијата на одбрана околу градот. „Еден паничар можеше да погуби цела единица, поради еден плашливец цели водови трпеа големи загуби. Сето тоа го преживеавме во борбите за Ленинград. Поради тоа децидно тврдам дека наредбите на Жуков ни помогнаа да го победиме непријателот“, ќе напише подоцна ученикот во одбраната на градот П. Муштаков. На крајот генералот ги мобилизираше сите можни (иако во суштина мизерни) ресурси на градот и го стабилизираше фронтот, не дозволувајќи непријателските единици на германската и на финската армија да го заземат Ленинград.

7. Во октомври Жуков беше повикан во Москва, кон која молскавично напредуваше германскиот „Тајфун“. Единиците на Западниот фронт под негова команда ги издржаа најголемите напади на непријателот, ги измачија и ги исцрпија Германците, за на 5 декември да започне големата контраофанзива на Црвената армија. Георгиј Жуков активно учествуваше во нејзината подготовка. Вермахтот беше отфрлен 100-250 километри од главниот град. „Во тоа време на особено жестоки судири... лично јас спиев најмногу два часа во текот на денот и ноќта, а и тоа беше со прекини...“, се сеќаваше подоцна Жуков: „Кога мина кризата на битката за Москва толку цврсто бев заспал така што долго не можеа да ме разбудат. Тогаш Сталин се имаше јавено двапати на телефон, и двата пати му рапортираа: 'Жуков спие, не можеме да го разбудиме'. Врховниот командант им одговорил: 'Не будете го дури самиот не се разбуди'.

8. Во постсоветскиот период се прошири верзија според која Георгиј Жуков бил вистински „касап“, одговорен за „отстрелот на рускиот народ“ зашто не ги жалел војниците и го затрупувал непријателот со трупови. „За него се карактеристични малите загуби“, одговара на овие обвинувања историчарот Алексеј Исаев: „Ако се погледне во однос на бројноста на единиците на фронтот и на загубите во проценти, тие кај него беа стабилно помали одошто кај останатите војсководци, кај Конев и кај Малиновски. Поради тоа и му беа доверувани фронтови со милион војници, зашто се знаеше дека тој успешно ќе манипулира со тој фронт и дека загубите ќе бидат умерени, зашто тој навистина беше врвен професионалец“.

9. Прочуениот генерал има доживеано и големи неуспеси. Конкретно, неуспешна беше Втората ржевско-сичевска операција, позната и како операција „Марс“, која беше изведена под негова команда. Операцијата започна на 25 ноември 1942 година, само една недела по почетокот на офанзивата на советските единици кај Сталинград. „Марс“ пропадна, но воедно одигра и позитивна улога – исцрпената група армии „Центар“ не можеше да испрати резерви на помош на Шестата армија на Фридрих Паулус, која беше опколена во Сталинград.

10. Жуков беше архитектот на победата на Црвената армија на Курскиот фронт во 1943 година, по која Германците конечно ја изгубија иницијативата во војната против СССР. Токму тој му беше предложил на Штабот на врховниот командант да не тргнува во голема офанзива, ами да дејствува бранејќи се. „Подобро ќе биде ако го исцрпиме непријателот со наша одбрана, да ги онеспособиме тенковите, а потоа да воведеме свежа резерва, да преминеме во офанзива и конечно да ја сотреме основната непријателска групација“, има напишано тој во својот рапорт од 8 април. Планот беше прекрасно реализиран во јули и во август,

11. Во 1943 година Георгиј Константинович Жуков стана маршал на Советскиот Сојуз, по што организираше крупни офанзивни операции кои во буквална смисла го потресоа непријателот. Во операцијата Висла-Одра Првиот белоруски фронт на Жуков ја столчи 35 германска дивизија и стаса до приодите на Берлин. За оваа операција генералот Мелентин Фридрих фон Вилхелм има напишано: „Руската офанзива преку Висла се развиваше со невидена сила и брзина. Невозможно е да се опише сето она што се случи помеѓу Висла и Одбра во првите месеци од 1945 година. Тоа беше трагедија од невидени размери... Европа нема видено вакво нешто од пропаѓањето на Римската империја“.

12. Не е чудо што Сталин токму на Жуков му го доверил заземањето на престолнината на Третиот рајх, а потоа и раководењето со Парадата на Победата на Црвениот плоштад во Москва на 24 јуни. Навистина, во повоениот период Георгиј Константинович повеќе пати беше во немилост поради конфликти, пред сè со „таткото на народот“, а потоа и со неговиот наследник Никита Хрушчов, но народот многу го сакаше и му го даде прекарот „Маршал на Победата“. Жуков во своите мемоари има напишано: „За мене најважно беше да се служи на Татковината, на својот народ. Со чиста совест можам да кажам: направив сè за да го исполнам тој свој долг“.

Прочитајте исто така: Како маршалот Жуков ги отепа сите криминалци во Одеса