Легенда 1. Сталин имал страв о летање и затоа на целото партиско раководство му забранил да лета со авион
Вистина
Според сè ова е вистина зашто Сталин во сиот свој живот има летано само двапати по 500 километри: кога во ноември 1943 година од Баку заминал во Техеран за да се сретне со Рузвелт и со Черчил и кога во декември истата година се вратил назад. Во сите останати случаи тој поволно бирал превоз на копно или преку вода, без разлика колку траело патувањето. Дури и на конференцијата во Потсдам во 1945 година Сталин не заминал со авион, ами се фотографирал покрај авионот, а потоа во Германија заминал со воз.
Овој страв, меѓутоа, бил оправдан. Имено, тие години авионските несреќи биле редовна појава и во нив гинеле инженерите и соработниците на Сталин. На пример, до 1933 година не постоела задолжителна годишна проверка на способноста на пилотите, ниту пак имало инструменти за ноќно летање и за летање во услови на слаба видливост. По една таква „бесмислена и ужасна несреќа“ Сталин наредил категорично да се забранат летови за членовите на Политбирото и на раководителите од висок ранг. За оној што ќе ја прекршел забраната следувала строга казна.
Легенда 2. Сталин ги правел воените планови на глобус
Лага
Измислиците за тоа дека Сталин оперативната ситуација во текот на Втората светска војна ја следел на глобус (зашто не се разбирал во мапи) и дека, гледајќи на него издавал наредби, ја има лансирано неговиот наследник Никита Хрушчов на 20 конгрес во февруари 1956 година. „А, треба да се каже дека Сталин ги следел операциите на глобус. (Џагор во салата). Да, другари, ќе го земел глобусот и на него ги покажувал линиите на фронтот“, забележано е во стенограмот на конгресот. На него Хрушчов освен уривање на култот на личноста на поранешниот водач и разоткривањето на неговите злосторства, исто така се обидел да го претстави како целосен аматер во воени прашање. Но, ова не било точно. Современиците на Сталин го потврдуваат тоа.
Маршалот Александар Василевски има запишано дека од средината на војната Сталин станал „најсилната и најуспешна личност во стратешката команда“, а генералот Сергеј Штеманко за глобусот го напишал следново: „Покрај масата, во аголот [на кабинетот на Сталин], стоеше голем глобус. Сепак, морам да кажам дека за стотина пати колку што го имам посетено неговиот кабинет, никогаш го немам видено дека е користен за разгледување на оперативни прашања. Разговорите за управување со дејствијата на фронтот би биле бесмислени на глобус“.
Легенда 3. Сталин до десеттата година не зборувал руски, ами го научил јазикот за да стане свештеник
Вистина
Сталин бил родум од Грузија, па затоа во детството зборувал на мајчиниот грузиски јазик. Мајката на Сталин сакала нејзиниот син да стане свештеник и решила да го испрати во православна богословија. Но, го одбиле зашто не знаел руски. Тогаш таа ги наговорила децата на локалниот свештеник да го научат нејзиниот син руски.
„До осмата година од животот Јосиф речиси не зборувал руски, но за две години го научил“, вели историчарот Владимир Долматов. „Богословската школа во грузискиот град Гориј ја завршил со пофалби. Бил одличен студент на првите години во Тифилиската богословија. Но, бил исфрлен поради револуционерната дејност. Во 1924 година започнал да собира библиотека. До крајот на животот таа броела над 20 илјади книги. Читал до 500 страници дневно“.
Легенда 4. Псевдонимот Сталин значи челик
Лага
Својот главен псевдоним под кој Јосиф Џугашвили влегол во историјата го избрал кога решил да ги напушти рамките на регионалната кавкаска политика. Со оглед на тоа дека потсетува на зборот „стаљ“ (челик) и дека ја опишувал неговата главна особина – цврстината – многумина сметале дека Сталин токму поради тоа го избрал ова име. Во текот на неговиот живот и извесно време по смртта ова прашање не било анализирано.
Меѓутоа, подоцна излегло дека неговиот псевдоним нема никаква врска со челикот. Но, понатамошните толкувања се разликуваат. Најинтересната верзија гласи вака: Сталин себеси си дал вакво име во чест на либералниот новинар Евгениј Сталински, кој беше автор на преводот на грузиската поема на Шота Руставели „Витез во тигрова кожа“. Сталин бил голем љубител на Руставели, а особено на оваа негова поема, но од некаква причина најдоброто издание на поемата од 1889 година во превод на Сталински е тргнато од сите изложби, од сите библиотеки, библиографски описи и не се споменува во стручните текстови. Историчарот Виљјам Похљобкин смета: „Сталин, со наредбата да се отстрани изданието од 1889 година, се грижел пред сè за тоа да не биде откриена 'тајната' за тоа како го избрал својот псевдоним“.
Легенда 5. Сталин добил дете со 14-годишна селска девојка
Вистина
Таа се викала Лида Перепригина и за време на врската со 37-годишниот Сталин имала само 14 години. Тој живеел во нејзината куќа од 1914 до 1916 година за време на прогонството во Сибир. Во тој период Лида родила две деца од него. Првото дете починало, а второто го родила во април 1917 година и било запишано како Александар Џугашвили (со вистинското презиме на Сталин). Во селото Сталин бил обвинет за обесчестување на малолетна девојка и морал да вети дека ќе се ожени со неа, но штом истекла казната од прогонството, Сталин заминал.
Подоцна Перепригина му пишувала на Сталин и барала помош од него, но не добила одговор. Наместо тоа, во триесеттите години од минатиот век морала да потпише дека нема да ја шири „тајната за потеклото“ на нејзиниот син.
Легенда 6. Сталин бил аскет
Лага
Популарниот мит за тоа дека Сталин сиот свој живот го носел истиот војнички шинел, дека зад себе нема оставено никаков имот и дека водел аскетски начин на живот нема никаква врска со реалноста. Всушност, тој бил исклучително богат зашто имал неограничен пристап кон сите добра и привилегии. Автомобили, дачи, приватни лекари, храна, бројна послуга во секоја негова резиденција, сето тоа било бесплатно и целосно на државен трошок. Додека тој бил на чело на СССР ширум светот за него се изградени 20 официјални резиденции и сите биле опремени со последниот збор на техниката. Сталин никогаш не носел пари со себе, зашто не му биле потребни. Но, имал и официјална плата (која самиот себеси си ја доделил) од 10.000 рубли (околу 3.2 милиони рубли месечно во денешни пари или 43.500 американски долари), како и огромни тантиеми за своите напишани и преведени дела.
Легенда 7. Сталин бил мошне загрижен за својата безбедност, па затоа го чувале неколку илјади припадници на НКВД
Вистина
Сталин го чувале од неколку десетина до неколку десетина илјади луѓе (на пример во текот на неговото патување во Потсдам летото 1945 година). Според сеќавањето на неговиот телохранител Владимир Василев, дури и на свечените заседание кои се одржувале во Бољшој театар, освен обезбедувањето околу зградата, на влезовите и на излезите и зад кулисите, салата била преполна со соработници на органите за безбедност во цивилно: на тројца поканети имало еден агент. Не верувал никому, дури ни на своите лични готвачи, и на приемите храна земал дури откако некој претходно ќе се послужи.
А, во повоените години обезбедувањето на Сталиновата „Блиска“ дача кај селото Волинское можело да се спореди само со обезбедувањето на Хитлеровата „Волча дупка“ (Волфшанце): „Единствениот пат до дачата дење и ноќе ја контролираше милицијата. Тоа беа крупни момчиња со големи плеќи, сите со чин капетан и мајор, иако носеа еполети на постар водник. Шумата околу дачата беше густо преградена со бодликава спирална жица. Доколку некој дури и успее да мине низ неа, на него немаше да остане кожата. По него ќе се затрчаа германските овчари кои стражареа покрај жицата оптегната помеѓу столбовите“, пишува Василев.
„Следната линија на заштита беа сензорите донесени од Германија. Два паралелни зраци сигурно го покриваа преминот. Доколку, на пример, скокнеше зајак меѓу нив, на пултот на дежурниот ќе се запалеше ламба која покажуваше во кој сектор се наоѓа престапникот. Потоа имаше ограда висока пет метри со дебели штици. На неа беа направени прозорчиња-пушкарници на кои беше поставена вооружена стража. Следуваше втората ограда, малку пониска. Меѓу нив беше поставен морски сигнален рефлектор. А, покрај самата куќа дежураше личното обезбедување, таканаречената Деветка“, се сеќава Василев.
Прочитајте исто така: Зошто Сталин се плашел од мајка си?