Трите најголеми фобии на Сталин

Јосиф Висарионович како „човек од челик“, односно „Сталин“, не смеел да покажува пред народот дека и тој се плаши од нешто. Сепак, целиот свој живот тој страдал од овие три фобии.

Страв од летање

Сталин ја сакал авијацијата, но никако не можел да се натера да влезе во авион. „Таткото на нацијата“ секогаш им давал предност на возовите.

Неговиот страв станал уште поголем во дваесеттите и во триесеттите години од минатиот век по неколку авионски несреќи во кои настрадале некои водечки политички фигури. Во 1925 година група функционери загинаа во авионска несреќа покрај Тбилиси. Самиот Лев Троцки требало да биде еден од патниците во тој авион, но во последен момент се качил на воз. Познатиот советски воен теоретичар Владимир Трјандафилов загина во авионска несреќа во 1931 година. Две години подоцна истата судбина го снајде еден од основачите на советската воена авијација Пјотр Баранов.

Сталин го шокирале овие трагични настани и лично ја контролирал нивната истрага. Од време на време и самиот некому му забранувал да патува со авион, а можел и да даде укор доколку не го послушаат.

Сепак, и самиот „челичен“ Џугашвили понекогаш морал да лета. Дури двапати! Во 1943 година леташе на Техеранската конференција од Баку. Се врати исто така со авион. Инаку, се откажа од советските авиони и полета со американскиот Даглас С-47 Скајтрејн (што го користеше советската авијација), а го следеа 27 борбени авиони.

Страв од труење

Познато е дека офицерите за обезбедување морале да го пробаат секое јадење кое ќе се ставело за Сталин на маса. А, за време на таканаречените Големи чистки (1936-1938) неговата параноја само повеќе зајакнала.

Другарите комунисти кои јаделе на иста маса со него, Сталин секогаш ги замолувал да ја пробаат неговата храна. Па, дури и кога пиел со најблиските луѓе како што се Берија и Микојан, виното од неговата чаша прво го пробувале тие.

Мнозинството историчари веруваат дека Сталин умрел од природна смрт, но не престануваат ниту гласовите дека го отрул некој од најблискиот круг луѓе.

Страв од спиење

Сталин се плашел дека може да умре на сон. Тоа е една од причината зашто работел ноќе. Легнувал да спие дури откако ќе почувствувал претеран физички и психички замор. Советските раководители ја мразеле неговата работа ноќе зашто ненадејно среде ноќ можел кого било да повика на разговор.

„Таткото на нацијата работи додека целиот Советски Сојуз спие“, повторувала советската пропаганда.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња