Пет клучни победи на Црвената армија во Втората светска војна

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Сталинградската битка беше преломниот момент во конфронтацијата на СССР и Третиот рајх. По неа на многумина во светот им стана јасно дека нацистичка Германија е осудена на пропаст.

1. Битката кај Москва

Во октомври 1941 година СССР беше на работ на катастрофа. Во борбите околу градот Вјазма, само 200 километри од Москва, Црвената армија изгуби милион луѓе – загинати, ранети или заробени. На тој начин на Вермахтот му беше отворен патот кон главниот град.

Свежите дивизии од Сибир од Урал и од рускиот Далечен исток не стасаат во одбрана на престолнината, па советската команда го задржуваше непријателот со сите расположливи средства. И покрај тоа, Германците напредуваа незадржливо, така што на 2 декември единиците на Втората тенковска дивизија го зазедоа населеното место Краснаја Пољана оддалечено само триесетина километри од Кремљ.

Германската команда беше уверена дека сломот на Црвената армија е неминовен. Тргнувајќи во последниот решавачки напад, таа го игнорираше фактот дека германските единици поради постојаните советски контранапади беа исцрпени и преоптоварени, а тенковските и моторизираните дивизии тешко ги совладуваа многубројните мински полиња на приодите кон градот. Покрај тоа, започнаа проблеми со снабдувањето и масовно гинење на коњите предизвикано од недостиг на сточна храна на почетокот од зимата.

Единиците на Западниот фронт на Георгиј Жуков и на Југозападниот фронт на Константин Тимошенко на 5 декември преминаа во голема контраофанзива, што непријателот не го очекуваше. Добивајќи силен удар, исцрпените германски единици започнаа со голема брзина да се повлекуваат и да се оддалечуваат од престолнината. Понекаде повлекувањето се претвори во панично бегство. Во текот на јануари 1942 година на Германците им тргна од рака да го стабилизираат фронтот.

Хајнц Вилхелм Гудеријан, командант на 2 тенковска група кој исто така бил сменет, многу години подоцна во своите „Војнички сеќавања“ ќе напише: „Офанзивата на Москва пропадна. Сите жртви и напори на нашите храбри единици беа залудни“. Стратегијата на блицкригот доживеа крах. Нанесувајќи му на Вермахтот мошне силен удар, Црвената армија го отфрлила непријателот на 100-250 километри од Москва, при што тој повеќе не претставуваше сериозна закана за советската престолнина.

2. Сталинградската битка

По поразот на советските единици кај Харков во мај 1942 година на Вермахтот му се даде можност да тргне во голема офанзива во насока на нафтените наоѓалишта на Кавказ и Сталинград, крупен советски индустриски центар, кој воедно беше и важен сообраќаен јазол на Волга. Загубата на овој град ќе беше вистинска катастрофа за Црвената армија.

Сталинград беше речиси целосно уништен во масовните бомбардирања и во непрекинатите жестоки улични борби. Давајќи очајнички напор на Германците, единиците на 62 армија беа принудени да се повлечат кон реката, каде со последните сили држеа минијатурни парцели на подрачјето на фабриките „Красни октјабр“ и „Барикада“.

„Имавме вошки, бевме гладни, меѓутоа во определен момент нè обзеде бес, повеќе не се жалевме нити себе, ниту Германците... Жестоко се боревме за секоја педа, а ноќе и ние и Германците се извлекувавме и се обидувавме да се пробиеме низ фабричките комуникации и тунели. Ние го правевме тоа за да дојдеме до храна и муниција, а Германците со намера да нè збришат од Волга. Константно доаѓаше до директни судири на мали групи“, пишува во сеќавањата војникот на 138 стрелачка дивизија Миља Розенберг.

Советските единици почекаа германската 6 армија целосно да „заглави“ во градот, а потоа на 19 ноември 1942 година силно удрија по нејзините крила кои ги бранеа лошо вооружените Романци. Пробивајќи ја нивната одбранбена положба, Црвената армија го затвори обрачот околу единиците на непријателските сили кои броеја 330.000 војници. Тоа беше една од најкрвавите битки во историјата на човештвото. И двете страни вкупно имаа околу два милиони убиени и ранети.

Поразот кај Сталинград силно го разниша Третиот рајх и неговите сојузници кои кришум почнаа да бараат начин како да се извлечат од конфликтот. Турција конечно се откажа од агресивните планови што ги имаше во поглед на Советскиот Сојуз. Се наѕираше коренит пресврт во Втората светска војна.

3. Курската битка

Летото 1943 година Германците се подготвуваа за голема офанзива во централниот дел на советско-германскиот фронт, на подрачјето кај градот Курск. Вермахтот во таа насока ја победи Црвената армија и се надеваше дека ќе ја врати стратешката иницијатива во војната, изгубена по Сталинградската катастрофа.

Германците сметаа на факторот изненадување, но тој овој пат изостана. Советската воена разузнавачка служба благовремено ги откри подготовките на непријателот за офанзивната операција „Цитадела“, и дури дозна дека нејзиниот почеток е планиран за 5 јули.

Во битката кај Курск од обете страни учествуваа два милиони луѓе, 4.000 авиони и 6.000 тенкови, така што тоа беше најголемата тенковска битка на сите времиња.

На главните правци на нападот, Германците наидоа на цврст отпор од страна на советските единици и за една недела напредуваа само десетина километри. „Битката беше толку тешка и напорна што јас сè уште добро се сеќавам како пред крајот на денот сметав дека би се израдувал доколку бидам ранет или убиен“, ќе напише подоцна командирот на минофрлачката чета Евгениј Окишев: „Нервите толку многу беа напнати, а згора на тоа беше и многу жешко, немаше храна... Нашите ровови беа на височинка околу која од сите страни беше бришан простор што го контролираа Германците“.

Откако го поднесе германскиот напад, Црвената армија тргна во голема контраофанзива и го порази ослабениот непријател. Вермахтот конечно ја изгуби иницијативата во војната против СССР и почна да се повлекува кон запад. „И на Источниот фронт повеќе немаше мирни денови“, истакна Хајнц Гудеријан во „Спомените на еден војник“.

4. „Багратион“

Летото 1944 година Црвената армија против Вермахтот го примени неговото оружје, односно стратегијата „молскавична војна“, т.е. блицкриг. Таа покажа способност со добро координирана примена на тенковските единици и на авијацијата за кусо време да ја пробие моќната непријателска одбрана, да ги опколи и брзо да ги уништи крупните групации на непријателските единици.

Големата советска офанзива против групата армии „Центар“ во Белорусија започна на 23 јуни 1944 година. За германската команда ова беше непријатно изненадување. Таа сметаше дека на Црвената армија сè уште ѝ е приоритет офанзивата во насока на Украина низ која може да се стаса до нафтените наоѓалишта во Романија.

Офанзивната операција „Багратион“ го доби името по рускиот војсководец од Татковинската војна против Наполеон во 1812 година. Траеше нешто повеќе од два месеци. За тоа време советските единици напредуваа 600 километри на запад, ја ослободија територијата на Белорусија и дел од источна Полска, стасаа до приодите на Варшава и на Источна Прусија. Групата армии „Центар“ изгуби половина милион луѓе – убиени, ранети и заробени, и фактички престана да постои.

Важна улога во операцијата „Багратион“ одиграа белоруските партизани. Тие ѝ ги укажуваа на Црвената армија најранливите места во непријателската одбрана, но и самите задаваа удари од заднината, помагајќи им на советските единици во решавачките моменти на битката. „Со секој ден растеше списокот на фашистички ешалони кои се лизнале од пругата благодарение на диверзии“, пишува маршал Иван Баграмјан во мемоарите објавени под насловот „Така одевме кон победата“. „Железничкиот сообраќај во фашистичката заднина фактички беше парализиран. На хитлеровците не им беше ништо полесно ни на патиштата. Партизаните ни таму не им даваа мир ни дење, ни ноќе“.

На 17 јули 1944 година на улиците на Москва е спроведена колона германски војници заробени во текот на борбите во Белорусија. Во таканаречената „Парада на победените“ во советската престолнина учествуваа 57.000 германски војници и офицери, вклучувајќи и неколку десетина генерали.

5. Битката за Берлин

За офанзивата на главниот град на Третиот рајх советската команда ги концентрираше своите сили кои броеја над два милиони луѓе. Ним им се спротивставија 800.000 војници на Вермахтот, СС-дивизии и германската народна милиција (Фолкштурм). Германците го претворија градот во непристапна тврдина, а на приодите имаше неколку линии со длабоко ешалонирана одбрана.

Далекострелната артилерија на 79 стрелачки корпус му го „честиташе на фирерот роденденот“ така што на 20 април 1945 година го изврши првиот артилериски напад врз Берлин. По пет дена Црвената армија го опколи градот.

Речиси една недела се водеа жестоки борби за престолнината на нацистичка Германија. Германците секоја улица ја претворија во линија на одбраната преполна со барикади, бункери, ровови и митралески гнезда. Колку што советските единици беа поблизу, центарот на отпорот беше појак.

Борбата за Рајхстагот започна на 30 април. Во раните зори на 1 мај на неговиот покрив беше подигнато црвено знаме, но борбите траеја во текот на целиот тој ден.

По самоубиството на Хитлер на 30 април новото германско раководство се обрати на советската команда, надевајќи се на примирје, но СССР одговори дека ќе прифати само беспоговорна капитулација. Германците го одбија ова барање и борбите продолжија со нова жестокост, но не траеја долго. Веќе на 2 мај берлинскиот гарнизон конечно капитулираше.

„Нашите борци во борбените дејствија покажаа голема инспирација, херојство и дрскост. Зрелоста на нашата армија и нејзиното раснење во воените години целосно се одразија во берлинската борба. Војниците, помладите и постарите офицери и генералите во берлинската операција се покажаа како инспиративно зрели, решителни и исклучително храбри луѓе“, напиша маршалот Георгиј Жуков. Во борбите за германската престолнина загинаа над 75.000 советски војници.