Како Словаците војувале најпрво против, а потоа на страната на СССР

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Словаците беа првите сојузници на Германците во Втората светска војна, но затоа беа и најнесигурни.

Пролетта 1939 година, нацистичка Германија конечно ја дотепаа ослабената Чехословачка која западните сили веќе ја отфрлија. Додека германските единици го зазедоа Бохемија и Моравија практично без зрно барут, во другиот дел од земјата во содејство со Берлин е прогласена „независна“ Словачка република.

Така Словаците ја добија првата сопствена држава, но многумина од нив не се радуваа зашто нивната татковина беше претворена во тоталитарна држава и сателит на Третиот Рајх. Во поделеното словачко општество едни му помагаа на Хитлер во создавањето „нова Европа“, а други се приклучија на движењето на отпорот.

Кога во 1941 година Германците го нападнаа СССР десетина илјади Словаци заминаа на Источниот фронт за да се борат на страната на Германија, а други на страната на СССР.

Заедно со Хитлер

Словачката република беше првата сојузничка на Германија во Втората светска војна. Во септември 1939 година нејзината армија „Бернолак“, која броеше 50.000 војници, учествуваше во нападот на Полска, со намера да ги припои териториите што Чехословачка ги имаше изгубено во текот на претходните години.

Во јуни 1941 година владата на претседателот Јозеф Тисо и на премиерот Војтек Тука покренаа иницијатива повторно да се борат рамо до рамо со нацистите. „Во целосна солидарност со Големата германска империја, словачкиот народ го зазема своето место во одбраната на европската култура. Делови од нашата армија ги преминаа границите за да се приклучат на германските единици кои војуваат таму“, изјави на 22 јуни на радио министерот за внатрешни работи Александар Мах.

Словачките единици веќе од првите денови на војната учествуваа во борбените дејствија на територијата на СССР во состав на 17 германска армија. Воедно во земјата беше извршена сеопфатна мобилизација, така што набргу потоа словачката армиска група на Источни фронт броеше над 40.000 лица.

Меѓутоа, мошне бргу излезе дека со бројноста не може да се надополни недостигот од квалитет. Словачките војници и офицери беа слабо обучени, а нивните единици не беа доволно мобилни, така што не можеа ефикасно да учествуваат во молскавичниот германски блицкриг.

Затоа есента 1941 година Германците едноставно вратиле дома голем број Словаци. На територијата на Советскиот Сојуз останале само околу 15.000 и тие биле поделени во неколку единици. На една од нив, на Втората дивизија за обезбедување, ѝ беше доверено антипартизанското дејствување и обезбедување на важните заднински објекти и пруги на окупираната територија на Украина.

Од ноември 1942 до октомври 1943 година на советско-германскиот фронт дејствуваше 13 словачка ловечка ескадрила. На окупираниот Крим неколку месеци беше базирана 41 ескадрила на бомбардери.

Најопасната словачка единица беше Првата пешадиска дивизија („Брза“) која беше потчинета на командата на Групата армии „Југ“. Таа учествуваше во борбите за Киев и особено добро се покажа во второто заземање на Ростов на Дон во кули 1942 година, па дури и успеа да дојде и до подножјето на Северен Кавказ, од каде набргу потоа почна да се повлекува заедно германските сојузници.

Несигурен сојузник

Уште на почетокот на војната Војтех Тука во телеграма му соопшти на министерот за надворешни работи на Третиот Рајх Јоахим фон Рибентроп дека „словачкиот народ одлучил активно и со сите сили да застане на страната на големиот германски народ“. Во реалноста, меѓутоа, ситуацијата не беше толку розова како што сакаше премиерот.

Словаците интензивно преминувале на страната на советските партизани или без борба се предавале на Црвената армија, па и во првите години од војната, кога се чинело дека СССР не може да го избегне сломот. На пример, началникот на штабот на 101 словачки полк на втората дивизија за обезбедување Јан Налепка воспоставил контакти со партизаните уште на почетокот на 1942 година, а на 15 мај 1943 година пребегал на нивна страна заедно со група војници и офицери, и се борел против Германците сè дури не загинал до 6 ноември истата година. По војната постхумно му било доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз.

„Ако некој тогаш нè спасуваше и беше мошне добар кон нас, тоа беа Словаците...“, раскажа подоцна Лидија Гиренко (Шишкина), која живеела во окупираното Коростишево во Украина: „Меѓу нив имаше еден убав војник кој служеше во коњицата, Даниел Гонта, дури и името му го запаметив. Тој тајно им јавуваше на партизаните на која страна планираат да тргнат Германците... Им помагаше. Германците некако го открија тоа, па сакаа да го стрелаат, но словачкото раководство има кажа: 'ние ќе му судиме во Словачка', и го испратија дома. Секако, таму никој не му судеше. Можеби само привремено го затворија колку да се каже“. Словачките војници генерално не покажувале суровост кон локалното советско население, но имаше случаи кога нивните војници учествуваа во воени злосторства.

Словачките сојузници на Германците им создавале главоболки. Меѓу нив хитлеровците постојано морале да ги откриваат најнесигурните единици, да ги разоружуваат и да ги испраќаат во заднината. Во август 1944 година, ја разоружија целата Источнословачка армија со 38.000 војници, која беше создадена за одбрана на земјата од „болшевичката орда“. Во услови на Словачкото национално востание, кога тоа се распламти, многу единици на оваа армија не само што не беа задушени, ами и почнаа да преминуваат на страната на партизаните. На крајот со востанијата се пресметаа германските единици, а сите останати словачки вооружени сили под своја строга контрола ги презеде Берлин.

Заедно со Црвената армија

Десетици илјади Чеси и Словаци во Втората светска војна се бореа на страната на сојузничките армии за враќање на своите држави на политичката карта на Европа. Токму тие ги формираа првите странски единици кои стапија во борба против нацистите рамо до рамо со Црвената армија на советската територија.

По нападот на нацистичка Германија на СССР заедно со Словачка која им се приклучи, советските влади одбија да ја признаат марионетската држава на Јозеф Тисо и воспоставија воено-политичка соработка со чехословачката влада во прогон, на чие чело беше Едвард Бенеш.

Според заемниот договор постигнат на почетокот на 1942 година во градот Бузулук на границата со Казашката ССР од Честите и Словаците кои се нашле на советската територија (тоа се главно оние што избегале во Полска од нацистите) формиран е Првиот чехословачки одделен пешадиски баталјон.

Првиот командант на баталјонот Лудвик Свобода во своите мемоари има напишано: „Доброволците кои доаѓаа во Бузулук од разни краишта на непрегледната советска земја не стапуваа во воените единици за да демонстрираат нешто, ами за да војуваат и за да му помогнат на својот народ да го измие срамот на Минхен и што поскоро да се пресмета со окупаторите, со колаборационистите и со предавниците“.

Почнувајќи од своите први борби во март 1943 година Чесите и Словаците покажаа голема борбеност и мошне добра обука. Набргу врз база на баталјонот е формирана бригада, а во април 1944 година и Првиот чехословачки армиски корпус кој броеше околу 16.000 лица.

Во септември и октомври 1944 година корпусот заедно со другите единици на Црвената армија се обиде да се пробие преку Карпатите и да му дојде на помош на Словачкото национално востание, но тоа не им тргна од рака. На подрачјето што го контролираа востаниците беше уфрлена само Втората чехословачка десантно-падобранска бригада. Но, и таа беше принудена со големи загуби да се повлече од ова подрачје кога Германците го задушија востанието.

Словаците и Чесите кои се бореа на страната на СССР го дочекаа крајот на војната во Прага. Имено, на 10 мај 1945 година во ослободениот град влезе истурениот одред на Првата чехословачка тенковска бригада, а една недела подоцна на улиците на главниот град на Чехословачка на свечената парада мина целиот корпус.

Прочитајте исто така: Како хрватските воени единици војувале против СССР во Втората светска војна