Непобедливиот „Беркут“: Како е одбранета Москва од нуклеарно бомбардирање

С-25, ПВО на Москва, во музејот „Капустин Јар“, Знаменск.

С-25, ПВО на Москва, во музејот „Капустин Јар“, Знаменск.

commons.wikimedia.org
Пред 70 години започна формирањето на првиот стратешки систем за противвоздушна одбрана С-25. Тој беше наменет за заштита на Москва од бомбардери со нуклеарно вооружување. Користените технологии според многу параметри беа револуционерни.

САД кон крајот на 1940-тите подготвија десетина планови за напад на СССР. Сите тие беа засновани на масовно нуклеарно бомбардирање на најголемите индустриски центри на Советскиот Сојуз. Американците можеа да си го дозволат тоа благодарение на привремениот монопол над атомската бомба и огромната флота. На авионите на големи височини не можеа да им се спротивстават ниту противвоздушната артилерија ниту ловците со клипни мотори. Летото 1950 година, кога избувна Корејската војна, меѓународната ситуација беше толку напната што Сталин им постави на конструкторите задача во најкраток можен рок да обезбедат заштита на Москва од масовен авионски напад (1200 бомбардери) од која било страна и таа заштита мораше да биде апсолутна. Дури и ако до главниот град би се пробиле неколку авиони со нуклеарни бомби, тоа, се разбира, би било неприфатлив резултат.

Заштита сложена колку и атомска бомба

Пресметките покажаа дека за заштита на такво ниво се неопходни 56 стартни позиции за противвоздухопловни ракети кои би биле распоредени во два концентрични круга околу главниот град. Надворешниот би бил оддалечен 85-90 км од центарот на Москва и би имал 34 артилериски системи. Задачата на внатрешниот круг би била пресретнување на бомбардерите кои ја пробиле првата линија на одбраната и би имал 22 системи.

Беше планирано секоја стартна позиција да се опреми со повеќеканален радар за да може истовремено да се гаѓаат 20 цели, со 60 ракети во лансерите за да не се губи време за полнење на истиот лансер. Системот би имал 14 моќни радари и тоа 10 на надворешниот и 4 на внатрешниот круг.

Ништо од наброеното во тој момент сé уште не постоеше никаде. Павел Куксенко, со кого Сталин се консултираше, рече дека овој систем на ПВО според сложеноста е еднаков на нуклеарен проект.

Работите за создавање на сите компоненти на системот беа изведувани паралелно. Институтот НИИ-20 (сега ВНИИРТ) го правеше радарот А-100 со голем домет. Конструкторското биро KB-1 (денес одделение на концернот за ПВО „Алмаз-Антеј“) го проектираше општиот изглед на системот и неговиот најсложен дел, т.е. радарот за следење цели и наведување ракети. Тој радар функционираше во сантиметарски дијапазон, имаше футуристички изглед и ознака Б-200. Експериментално-конструкторското биро „Лавочкин“ ја направи ракетата В-300. На проектот работеа десетици организации низ целата земја, а го финансираше првата (нуклеарна) управа при Советот на министри на СССР.

С-25 со В-300, Парк „Патриот“.

Радарот за кружно скенирање А-100 „Кама“ беше направен за три години. Радарската станица Б-200 и ракетите В-300 беа испратени на тестирање на полигонот Капустин Јар во септември 1952 година. Осум месеци подоцна системот со една ракета собори авион-мета Ту-4 на висина од 7 километри. Патем, како и во случајот со нуклеарниот проект, генералитетот не беше запознаен со деталите на системот С-25. Затоа во 1953 година командата на противвоздухопловните сили бараше компаративно тестирање затоа што угледните генерали не можеа да поверуваат дека некакви летачки „петролејки“ се поефикасни од нивните топови кои беа користени во војната. По пробните гаѓања веќе немаа никакви прашања.

„Прадедо“ на системот С-300

Во 1954 година околу Москва почнаа да се градат стартните позиции. Тие беа поврзани со бетонски патишта-обиколници (денес тоа се федералните патишта А-107 и А-108 што толку ги сакаат камионџиите). Една година подоцна, руската армија го воведе во експлоатација системот С-25 „Беркут“. Тоа беше систем со големи иновации каде секоја компонента беше пионерски потфат без еднакви во светот: оперативно-стратешки систем за ПВО, повеќеканални радарски станици, ракети со вертикално лансирање... Системите С-25 беа организирани во ракетни полкови и 4 ракетни корпуси од кои беше формирана Првата армија на ПВО за посебна намена. Таа, по извесни измени, сè уште го чува небото над Москва.

Откако „Беркут“ беше воведен во експлоатација, нагло се намали бројот на странски авиони кои се обидуваа да го нарушат воздушниот простор на Советскиот Сојуз. Овој систем беше на борбена должност 30 години и, за среќа, никогаш не беше применет за целите за кои бил наменет. Технологиите на системот С-25 беа искористени во мобилниот систем С-75, со кој беше соборен U-2 на Пауерс и во системот С-125, со кој беше соборен „невидлив“ F-117, а подоцна беа искористени и во нови системи, вклучително и во ракетниот систем С-300, кој во текот на 1980-тите беше поставен наместо „Беркут“ да го чува небото над Москва.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња