Тајните на рускиот систем за ПРО: Амур може да истопи непријателска боева глава

Михаил Мецељ/TASS
Моќниот противракетен систем кој ја штити Москва е строго чувана воена тајна. Но, по нешто сепак се знае.

Пред 25 години во арсеналот на руската армија се појави А-135 „Амур“, систем за противракетна одбрана на Москва и на Централниот индустриски реон. Станува збор за уникатно оружје, како според задачите, така и по можностите. Тоа е своевиден нуклеарен „чадор“ над главниот град на Русија. Чадорот е нуклеарен од две причини. Прво „Амур“ ја штити Москва од боеви глави на балистички ракети, а се знае дека таквите боеви глави не се наполнети со пенеста гума. Второ, за неутрализација на слични ракети исто така се користи нуклеарно оружје, само од друг вид.

Да кажеме веднаш: А-135 е една од најстрого чуваните воени тајни кога станува збор за борбените системи. Она што се знае официјално (односно што го има соопштено Министерството за одбрана на РФ) е тоа дека тој систем постои, дека е на борбено дежурство и дека континуирано се модернизира. Сите други податоци се собрани од јавно достапни извори.

„Амур“ се појави како последица на интересна дипломатска колизија. Имено, Советите и Американците до 1970 година направија доволно нуклеарни боеви глави за неколку пати да се уништат едни со други, а воедно и целиот свет. Поради тоа и едните и другите се позанимаваа со заштитата од непријателски ракети. Но, излезе дека ПРО всушност ја зголемува опасноста од избивање нуклеарна војна. Звучи парадоксално, но така е. Земјата која има противракетна одбрана има и стимул да изврши превентивен напад на нуклеарниот арсенал на противничката страна, зашто има помалку ракети со кои противникот може да возврати на нападот, поголема е ефикасноста од противракетната одбрана на напаѓачот. Покрај тоа, системите за пресретнување ракети ја разнишаа доктрината на гарантирано заемно уништување, а токму оваа доктрина е главната кочница која спречува влегување во Трета светска војна.

Поради сето тоа Москва и Вашингтон потпишаа договор за ограничување на системите за ПРО. Според договорот, секоја земја има право да постави противракетна одбрана само на едно подрачје и со него да се покрива радиус од 150 километри. Советскиот Сојуз ја покри Москва, а САД ги покрија стартните положби на своите интерконтинентални балистички ракети во Северна Дакота. Овој договор направи голем проблем за творците на системот А-135 зашто мораа во голема мера да го редуцираат постојниот проект и да го прилагодат на меѓународниот договор, со цел Американците по 20 години едноставно да го отфрлат овој договор.

Подрачјето околу Москва

Авионите кои од североистокот му приоѓаат на аеродромот Шереметјево специјално ја заобиколуваат населбата Софрино. Патникот кој има малку среќа може низ прозорецот среде шумите во близина на Москва да види огромна пирамида со засечен врв и бели прстени на страничните агли. Тоа е радарската станица „Дон-2Н“, тоа се очите, ушите и мозокот на системот А-135. Податоците за оваа станица се државна тајна, но тоа не е единствената причина поради која авионите ја заобиколуваат. Вкупната сила на зрачењето што ја емитува изнесува 250 мегавати. Белите прстени на нејзините агли со пречник од 18 метри се антени за прием на сигнал. Покрај нив се наоѓаат квадратни предаватели. Тие не се толку воочливи, но токму тие предаватели ги емитуваат споменатите мегавати. Со помош на четири пара антени, обезбеден е преглед на теренот во целосен круг.

„Дон“ го набљудува небото, а покрај тоа бара потенцијални цели, ги квалификува, ја пресметува патеката и ги наведува ракетите-пресретнувачи. Антените направени по технологијата на активна фазирана антенска решетка можат истовремено да следат 100 цели. Џиновскиот радар во случај на потреба може целата таа работа да ја извршува во автоматски режим. Радиусот на откривање боеви глави на интерконтинентални балистички ракети изнесува 3.700 километри. Чувствителноста на овој советски радар веќе стана легендарна. Имено, „Дон“ е единствениот радар кој од Земјата успеа во космос да најде топка со големина на тениско топче исфрлена од шатлот Дискавери, и да ја пресмета неговата патека.

Стрелите на „Амур“

Првобитно системот А-135 имаше пресретнувачи со голем и со мал дострел со нуклеарни боеви глави. Пресретнувачите 51Т6 во 2006 година беа повлечени од експлоатација. Нивното место треба да го заземе новата ракета-пресретнувач со голем дострел која во моментов се тестира. Се знае само дека таа е најбрза на светот. Пресретнувачите со мал дострел (а, во противракетната одбрана тоа е висина до 100 километри) носат ознака 53Т6. Оваа ракета е конус долг 10 метри и тежок 10 тони, На старт постигнува стократно забрзување и поднесува експлоатациско оптоварување до 210 Г. Мрежата на електрични кабли е замотана во оплатата. Нуклеарната боева глава е заштитена со носен конус од огноотпорна керамика.

Нуклеарното оружје „Амур“ се користи за уништување цели, но и за нивно откривање. Боевите блокови по одвојувањето од балистичката ракета се кријат во облак од лажни цели. Ваквата камуфлажа не функционира во атмосферата зашто тешките боеви глави веднаш ги стасуваат лесните диполни антирадарски рефлектори, а за препознавање на вистинските цели над атмосферата се користи таканаречено „изместување со помош на нуклеарна експлозија“. Едноставно кажано, дури и ако првата ракета-пресретнувач не ја погоди целта, детонацијата на нејзината боева глава ја менува патеката на сите објекти во близина. Лесните лажни цели се распрснуваат како „мачки“ од топола, а тешките боеви глави само незначително ја менуваат патеката.

Нуклеарното полнење на „Амур“ се разликува од другите боеви глави со тоа што има дополнителен блок со изотоп на берилиум. Резултат на верижната реакција е сноп брзи неутрони кој е погубен за непријателските ракети. Минувајќи низ плутониумот на нивните боеви глави, неутроните предизвикуваат предвремена верижна реакција, иако сè уште не е постигната критична маса. Во САД оваа појава го доби називот „ефект на пенлив пијалак“, зашто боевата глава тешка неколку мегатони експлодира како ќор-фишек. Покрај тоа, функционирањето на неутронското оружје е следено со меко, но моќни рендгенско зрачење кое за момент ја топи обвивката на непријателското полнење и го распрснува во атмосферата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња