Грибоедов во историјата е запаметен пред сè како автор на популарната комедија „Од многу ум“. Неговите достигнувања како драмски писател (и талентиран пијанист) го следеле еднакво вредниот триумф на полето на дипломатијата. „Неговата меланхолија, остриот ум и доброто срце, дури и неговите слабости и пороци кои неизбежно го следат човековото битие, сето тоа кај него беше необично привлечно“, има запишано за својот стар пријател најголемиот руски поет Александар Пушкин (кој во 1817 година ја започнал својата служба во Министерството за надворешни работи).
Грибоедов ѝ се приклучил на дипломатската служба како преведувач во 1817 година (бил полиглот и течно зборувал неколку јазици). Александар бил распореден во руската мисија во САД, но го одбил ова место. Наместо тоа тргнал по стратешки пат. Именуван е за секретар на царскиот амбасадор во Персија (денешен Иран).
Додека работел во Персија и на соседен Кавказ, Грибоедов научил арапски, турски, грузиски и персиски. Учествувал на клучните состаноци и преговори при склучувањето и при ратификацијата на Турманчајскиот мировен договор со кој е завршена Петтата руско-персиска војна во 1828 година на начин кој ѝ одговарал на Руската Империја (Русија и Персија војувале околу спорна територија на Кавказ).
Потоа Грибоедов бил именуван за амбасадор во Иран и овој пат ја прифатил функцијата. Но, за време на посетата на Техеран, каде во својство на нов дипломатски претставник требало да се сретне со иранскиот шах, се случила трагедија. Инаку, Грибоедов бил интензивно вклучен во процесот на пасување и на безбедно враќање на заробените граѓани во татковината. Тој бил човек кој секогаш сакал да им помогне на оние што се во неволја. Кон крајот на јануари 1829 година стасал очајнички повик за помош од две Ерменки кои биле заробени во харемот на еден Персиец. Обидот на Грибоедов да ги спаси предизвикало насилство против рускиот дипломат.
На 30 јануари 1929 година толпа што ја предводеле муслимански фанатици ја нападнала руската мисија во Техеран. Грибоедов бил убиен заедно со останатите работници на руската амбасада. Само постариот секретар Иван Маљцов го преживеал нападот. Како итра и плашлива личност, се обидел да го убеди Грибоедов заедно да се скријат некаде и да молчат. Но, авторот на „Од многу ум“ бил храбар и чесен човек. „Руски благородник не си игра мижитатара“, бил неговиот судбоносен одговор.
Прочитајте исто така: Легендите на руската дипломатија: Александар Горчаков (1789-1883)