Седум предмети клучни за преживување во опсадата на Ленинград

Борис Кудојаров/Sputnik
На 27 јануари беа одбележани 77 години од завршувањето на опсадата на Ленинград. Овие седум предмети им помогнале на луѓето да ги преживеат тие 872 дена.

Бонови за храна

Боновите им овозможувале на граѓаните на државните пунктови да набавуваат храна. Секој бон покажувал колку намирници можат да с купат. Леб можело да се купи секој ден, а други производи еднаш во десет дена. Меѓутоа имало и дефицит, особено на месо.

Следувањето постепено се намалувало сè до ноември-декември 1941 година, кои биле најтешки месеци, кога на работниците им било одобрено 150 до 250 грама леб дневно, додека државните службеници, децата и издржуваните лица добивале само по 125 грама дневно. Како месечно следување работниците и инженерите добивале: 1.5 килограми месо, 2 килограми фиде, 800 грама маст (билна или свинска) и околу 1.5 килограми шеќер. Државните службеници можеле да очекуваат 800 грама месо, 1.5 килограми фиде, 400 грама маст и околу 1.2 килограми шеќер.

Боновите за храна имале огромна вредност. Доколку некој изгубел бон, тоа можело да му донесе гладување, па дури и смрт.

Ретрорефлектори

Во текот на опсадата во Ленинград било задолжително целосното замрачување: ноќе се гаселе сите светла, за да се избегнат непријателските воздушни напади. Затоа луѓето на својата облека закачувале ретрорефлектори или, едноставно речено „свици“, како што ги нарекувале во опсадата, за лесно да можат да се видат во мрачните улици.

„Свиците“ биле направени од отпад од метал и пластика и покриени со комбинација од радиум-226 и фосфор, така што светеле во мрак.

Санки

Детската играчка станала основно транспортно средство во опсадата и нејзин непријатен симбол. Поголем дел од опсадата била зима. Сообраќајот во градот не функционирал поради економските рестрикции, па луѓето ги користеле санките за превоз на своите работи, како и за пренесување на труповите до гробишта.

Софија Саговска, учителка, се сеќавала: „Како маѓепсани чудовишта во сказочен сон, стојат замрзнати трамваи. Наоколу висат бели жици од прекинатите кабли. Секое утро по улиците се лизгаа санки со мртовци покриени со бели платна...“ Многумина од оние кои ја преживеале опсадата велат дека санките подоцна ги потсетувале на непријатните стравови од војната.

Лепило за дрво

Лепило, целулоза, четини од зимзелени дрвја, ѓонови, кожни ремени и многу други работи, всушност сè што било од органско потекло, било користено во исхраната во текот на опсадата.

Едно време во некои градски фабрики на граѓаните им делеле вакви производи: свинска маст и вазелин за подмачкување скелиња за време на пуштање на бродовите во вода, лепило од животински коски и брашно од коски, па дури и органски ималин. Луѓето пронаоѓале начини сето тоа да го искористат во исхраната,

Лепилото се варело на тивок оган (мирисот бил неподнослив), потоа му додавале сол, бибер. Се додавале различни зачини, оцет и сенф, за оваа замена за храна да може полесно да се голта

Кофа

Додека се обидувале да го освојат Ленинград, Германците најпрво го бомбардирале градскиот водовод. До 1942 година немало вода во славините, па луѓето ја земале од каналите и од реките.

„Клечевме околу отворите во мразот и вадевме вода со кофи... А, додека ја донесеме кофата до дома, водата замрзнуваше. Ја носевме дома и ја топевме. Секако, тоа беше валкана вода. Па, потоа ја варевме“, се сеќава еден преживеан. „Малку користевме за готвење, а ни беше потребна и за перење. Моравме често да одиме по вода. И беше страшно лизгаво, па беше многу тешко да се спуштиш до дупката во мразот. Со оглед на тоа дека луѓето беа многу слаби, често се случуваше некој да наполни вода во кофата, но да не може да стане. Си помагаа еден на друг, се извлекуваа додека водата се излеваше“.

Улични звучници

За време на пеколните денови од опсадата во Ленинград биле поставени над 1.500 звучници. Тие емитувале радиопрограма и ги предупредувале луѓето за воздушните напади и за бомбардирањата. Во текот на опсадата биле емитувани 3.740 предупредувања. Исто така бил емитуван звук на метроном. Кога звукот бил бавен, тоа значело дек е „мирно“, кога бил забрзам, тоа значело дека се приближува бомбардирање и дека сите треба да заминат во скривници.

Но, се емитувала и симфониска музика, а поетите, како Ољга Бергољц и Ана Ахматова, ги читале своите стихови и се обидувале да го одржат духот на народот. Денес постои споменик на уличните звучници на ѕидот на зградата на адреса Невска авенија 54.

Цигари

Кога започнал недостигот од храна, цигарите станале особено скапоцени, зашто пушењето ја намалувало потребата за храна, а се верувало и дека тутунот им помагал на луѓето во борбата против скорбутот (болест која настанува поради недостиг од витамин Ц). Со оглед на тоа дека во градот немало големи резерви на тутун, локалната фабрика почнала да додава во тутунот листови и хмељ. До 1942 година една кутија цигари чинела како две до три следувања леб. Неверојатно е тоа што фабриката за цигари не престанала со работа до крајот на опсадата.

Со помош на цигари можело да се купи облека, чевли, зеленчук. Во текот на опсадата цигарите биле повредни од пари. Речиси сите деца научиле да пушат за да го совладаат гладот и слабоста, а поголем дел од преживеаните продолжиле да пушат и подоцна во текот на животот.

Прочитајте исто така: Ова не сте го знаеле: Десет факти за Црвената (Советската) армија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња