На 26 декември 2020 година во Москва во 99 година почина Џорџ Блејк, еден од најпознатите двојни агенти од времето на студената војна. Како соработник на МИ6 тој речиси десет години работеше за советската разузнавачка служба и стана еден од најскапоцените агенти во целата нејзина историја.
Во служба на Нејзиното Величество
Џорџ Бехар е роден во 1922 година во Холандија, но за време на Втората светска војна се преселил во Велика Британија, каде го сменил презимето во Блејк. Откако стапил во служба на Кралската воена морнарица, набргу бил врбуван од страна на разузнавачката служба МИ6.
Getty Images
Специјалност на Блејк бил Советскиот Сојуз. Откако научил руски јазик, бил испратен во Сеул како вицеконзул во британската амбасада. Неговата прва задача била собирање податоци за советскиот Далечен исток, за Сибир и за кинеска Манџурија.
Агентот на британската служба во Сеул бил затечен од Корејската војна. Кога севернокорејската војска го зазела градот, Блејк се нашол во заробеништво, каде останал до завршувањето на конфликтот.
Во текот на тригодишното заробеништво од книгите достапна му била само „Капитал“ од Карл Маркс. „Оваа книга ја преврте мојата свест, влијаеше на мене речиси како... Библијата своевремено. Со страст посакав да им се приближам на луѓето во таа светла иднина за која пишуваше Маркс“; се сеќаваше Блејк. „Сега сфаќам колку сум бил наивен, колку работев под влијанието на романтичарските тежнеења, но токму на тој начин станав убеден комунист...“
U.S. National Archives and Records Administration
Шокиран од последиците на бомбардирањето на севернокорејската територија од страна на американската авијација, Џорџ решил да соработува со Советскиот Сојуз, но под еден услов: на Москва ќе ѝ ги дава само оние информации кои се однесуваат на безбедноста на земјите од Варшавскиот пакт. Блејк одбил да земе пари за своите услуги.
Советски агент
Блејк се вратил во Велика Британија како врбуван агент на советската пропаганда. Како заменик началник на одделот за технички операции на МИ6, а потоа и како соработник на берлинската разузнавачка служба, на Москва ѝ испраќал информации за тоа како Англичаните и Американците се запознаени со војните тајни на СССР. Освен тоа, Блејк на Москва ѝ ги открил имињата на 400 соработници на МИ6 кои тие ги врбувале, а кои биле активни на територијата на Источна Европа.
Getty Images
На почетокот на педесеттите години од минатиот век тајните служби на САД и на Велика Британија ја спроведоа операцијата „Злато“ која подразбираше копање подземен тунел од Западен Берлин поради тајно приклучување на телефонски линии во штабот на советската војска во Германија. Благодарение на Блејк СССР дозна за оваа операција кога изградбата на тунелот не беше ни започната. Сепак, за да не го предадат скапоцениот агент, тие дозволија операцијата да биде изведена. Речиси една година ЦИА и МИ6 добиваа внимателно подготвени дезинформации, додека во април 1956 година тунелот „случајно“ не го открија советските и источногерманските војници.
Getty Images
Блејк го открил соработникот на полската разузнавачка служба Михаил Голеневски кој пребегнал на Запад. Во 1961 година е уапсен и осуден на 42 години затвор.
Нов живот
По пет години Џорџ Блејк успеа да избега од лондонскиот затвор и да стаса до Источна Германија. Оттаму беше упатен во Советскиот Сојуз, каде започна сосема нов живот. Во Велика Британија останаа неговите три сина, а жена му се разведе од него набргу по неговото откривање.
Global Look Press
„Отсекогаш ме шокирала леснотијата со која се прилагодуваше на ситуацијата“, изјави неговата братучетка Силви Бребан. „За разлика од другите британски агенти како што се Филби и Меклин на кои во Русија сè им одеше со тешкотија, Џорџ немаше никакви проблеми. Кога стаса во Москва, замина во локал каде можеше да испие вотка и да изеде сендвич. И сето тоа за смешни пари. По што себеси си рекол: Земја во која секој себеси може да си дозволи кавијар е татковина на комунизмот“.
Archive photo
Во СССР Блејк доби ново име: Георгиј Иванович Бехтер. Стаса до чинот полковник на КГБ, а се занимаваше со обука на кадри на советската разузнавачка служба и беше одликуван со ордени, вклучувајќи го и Орденот на Ленин и Црвеното знаме.
Многу години подоцна легендарниот агент се сретна со своите синови. Иако не ја одобруваа постапката на татка си, сепак ги разбираа мотивите што го натерале на таква активност. Како што тврди Блејк, успеале да воспостават одлични односи.
AP
Откако го преживеа распадот на Советскиот Сојуз, Џорџ Блејк сепак до крајот на својот живот остана убеден комунист. „Ми недостасува победата на комунизмот“, велеше тој. „Она што беше создадено во СССР и во Кина е далеку од оние идеали во кои верував. Да, СССР врз себе презеде одговорност за големиот експеримент, но тој не успеа... Сепак, ќе минат децении и светот ќе сфати дека едноставно не може да постои друг модел на општество освен комунизмот, и тогаш повеќе нема да има војни...“