Зошто СССР испраќаше во вселената кучиња, а не мајмуни?

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Додека САД изведуваа вселенски експерименти врз мајмуни, во СССР по долги дискусии се решија за кучиња. И тоа исклучиво за скитници, затоа што „ниеден расен пес не го цени толку човековиот добар однос спрема него како тие“.

Експериментите кои требаше да покажат дали е можен лет на човекот во вселената почнаа истовремено во СССР и во САД: во 40-тите и 50-тите години. Дотогаш ниедно живо суштество не доживеа ни состојба на полетување во ракета, ни слетување, а особено не бестежинска состојба или вселенско зрачење.

Како ќе влијае сето тоа на човекот требаше да покажат „билошките објекти“ на истражувањата. Но, кој ќе биде овие објекти? Тоа воопшто не беше едноставно прашање.

Зошто не мајмуни?

Советските конструктори разгледуваа различни можности: глувци, стаорци, мајмуни, мачки, кучиња. Се сметаше дека мајмуните повеќе се слични на човекот. Токму поради таа причина Американците почнаа да испраќаат во вселената мајмуни. Во ракетата прво полета резуз макаки по име Алберт 1948 година. Французите во 1963 година во вселената испратија мачка, а пред тоа стаорци. Во Советскиот Сојуз традиционално се користеа кучиња како експериментални животни во сложени неврофизиолошки експерименти. Добитникот на Нобеловата награда Иван Павлов врз нив го проучи системот на рефлекси и постигна исклучителни резултати.  

Впрочем, варијантата со користење мајмуни исто така сериозно се разгледуваше уште на почетокот на ерата на вселенски летови. Доктор Олег Газенко, еден од главните научници на вселенската програма, дури посетуваше и циркус и набљудуваше дресирани кучиња и мајмуни. Сфати дека со мајмуните би имало многу проблеми. Тие не се толку емотивно стабилни, умеат да дојдат во состојба на нервно растројство, кога изразуваат агресивност. Во САД, меѓу другото, против тоа се бореа со помош на наркотични средства. Предвидувајќи голем број проблеми со мајмуните, Советите се одлучија за кучиња. И тоа за скитници.  

„Лајка [првото куче што отиде во Земјината орбита] е најдена на улица. Како, впрочем, и повеќето кучиња кои учествуваа во експериментите. Зошто научниците се решија за кучиња од улица? Тоа е едноставно за објаснување: тие се многу интелигентни и не бараат многу. Ниеден расен пес не го цени толку човековиот добар однос спрема него како тие. Во прифатилиштето ги чистеа, капеа и обилно ги хранеа“, вели академик Газенко.

Соодветните кучиња ги бараа во прифатилиштата за скитници, се распрашуваа кај луѓето и ги земаа од улица. Тоа требаше да бидат мали кучиња тешки 6-7 килограми, стари од две до шест години, питоми, здрави и многу трпеливи. Се трудеа да најдат женки, затоа што за нив е поедноставно да се направи одело за исфрлање на урината, а бираа и кучиња со светла боја, затоа што тие подобро изгледаа на телевизија. Но, тоа беа само почетните критериуми.

Колку едноставна беше работата со кучиња?

Да се одбере куче за експериментите беше подеднакво сложена работа како што подоцна беше изборот на луѓето за лет во вселената. Кучињата поминуваа неколку фази на подготовка. Најпрвин ги дресираа и ја тестираа нивната издржливост.

Ги навикнуваа на вселенските костими. Ги учеа да се хранат од автоматска хранилка. Ги тренираа да се вртат во центрифуга, ги тестираа на апаратот за тестирање на отпорноста на вибрации, увежбуваа катапултирање.

Најсложениот тест беше сместувањето во затворена капсула. Престојот во неа постепено го продолжуваа. На пример, кандидатите за долги летови треба во затворено да го издржат оптималното време: до 20 дена. Најпрвин експериментите со кабина траеја до 55 дена. Не сите кучиња можеа да го издржат таквиот напор, некои почнуваа непрекинато да квичат и се обидуваа да ја скршат вратата. Се сметаше дека овие експерименти го покажуваат карактерот на кучето и стабилноста на неговата психа, па врз основа на тоа експериментаторите одлучуваа дали кучето е воопшто погодно за лет, а ако е, дали за краток или долг лет. Оние кои ќе ја поминеа првата селекција ги оперираа (што исто така беше ризична фаза): им вградуваа електроди и катетери за контрола на здравјето и им инјектираа лекови директно во крвта, а исто така им ги ампутираа и опашките (кои ја реметеа работата на системот за вентилација во кабината).

Во Советскиот Сојуз честопати кучињата ги испраќаа во вселената во парови, за да се уверат дека во добиените резултати постои одредена законитост, а не дека се работи за некоја индивидуална реакција. Затоа кучињата ги одбираа земајќи предвид и како меѓусебно се согласуваат, што беше уште еден значаен фактор.

СССР вкупно лансираше во вселената 51 куче, а 12 од нив не го преживеа летот. Најтрагична беше смртта на Лајка 1957 година, поради медиумското внимание посветено на нејзиното патување во вселената.

Мисијата се подготвуваше со многу брзање. Имено, во октомври Никита Хрушчов, првиот секретар на ЦК на КПСС, им рече на научниците дека сателитот со куче треба да биде лансиран во рок од месец дена, по повод годишнината од Октомвриската револуција, до 7 ноември, Но, во тој момент механизам за враќање на живо животно на Земјата сé уште не постоеше. Тоа значи дека судбината на Лајка беше запечатена, за што никој не смееше да знае. Требаше Лајка да умре околу една недела по полетувањето. „За жал, настрада значително порано“, се сеќава Газенко.

Во реалноста поради грешка во пресметката на топлотната проводливост Лајка се задуши само неколку часа по полетувањето, за што се дозна дури 2002 година. А во 50-тите години советскиот печат во текот на седумте дена објавуваше извештаи за здравјето на кучето, додека Лајка официјално беше „жива“. Потоа СССР соопшти дека во текот на експериментот дошол до непроценливи податоци и наводно го успал кучето, што наиде на бурна критика од страна на Западот.

Подоцна, коментирајќи ја смртта на Лајка, Газенко изјави дека „работата со животните е извор на страдање за сите нас. Ние спрема нив се однесуваме како спрема деца кои не зборуваат. Колку повеќе минува времето, толку повеќе жалам поради тоа. Не требаше да го правиме тоа. Од таа мисија не дознавме толку многу за да тоа може да ја оправда смртта на кучето“.

Многу подоцна, во 80-тите и 90-тите години, во СССР, а подоцна во Русија, научниците си ја пробаа среќата и со мајмуни. Во вселената во рамките на програмата „Бион“ беа испратени 12 мајмуни, но последниот по име Муљтик умре по слетувањето, по што беше одлучено да се укине програмата.