Зошто Сталин се плашел од мајка си?

Историја
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Ќерката на Сталин Светлана Алилуева еднаш има изјавено дека нејзиниот семоќен татко никогаш од никого не се плашел, освен од мајка си. Мајката на Јосиф Висарионович Екатерина (или Кеке, како што ја нарекувале) не зборувала руски и била разочарана од кариерата на својот син.

Млада невеста

Мајката на Сталин е родена како Екатерина Гелаѕе. Нејзиниот татко бил кмет и до ослободувањето на кметовите му припаѓал на грузиски благородник. Умрел кога се родила неговата ќерка. И покрај обичаите од тоа време, Леле научила да чита и да пишува на грузиски јазик.

Семејството се преселило во Гори, а по смртта на мајката, младото сираче се омажило за чевларот Висарион Џугашвули.

Семејни несогласувања

Набргу по свадбата младата брачна двојка во 1875 година доживеала трагедија – им починало детето два месеци по раѓањето. Една година подоцна им починало и другото дете.

Во декември 1878 година Кеке и Висарион го добиле третото и последно дете. И тоа дете ќе остане запаметено како еден од најмоќните и најбрутални владетели во историјата на човештвото.

По трагичната загуба на децата мажот на Екатерина, кој претходно бил примерен верник, се оддал на алкохолот, што ѝ паднало тешко на Екатерина. Покрај тоа, постојано се карале за иднината на нивниот син единец. Висарион сакал наследникот да тргне по неговите стапки и да стане чевлар, а Кеке многу сакала нејзиниот син да стане свештеник.

На крајот Висарион го напуштил семејството по еден скандал предизвикан од кавга за школувањето на синот, а младиот Јосиф Висарионович во септември 1888 година се запишал на богословија. Добро учел, но правел и извесни испади.

Старата мајка на „новиот цар“

Кога младиот Јосиф бил исфрлен од богословија, го зел презимето Сталин и почнал активно да учествува во револуционерното движење, губејќи ја врската со мајка си. Младиот револуционер уште еднаш се сретнал со својата мајка во 1904 година по бегството од Сибир, и во следните десет години немал никакви контакти со неа.

Како што растело значењето на Сталин во болшевичките кругови, така и неговата мајка станувала сè поважна политичка личност, па нејзината безбедност и нејзината благосостојба биле еден од приоритетите на новата болшевичка држава.

Кеке Џугашвили била преселена во дворецот каде пред револуцијата било сместено Царското козачко намесништво. Но, таа се задоволила со само една малечка просторија.

Нејзиниот син кон средината на триесеттите години од минатиот век веќе станал влијателна и мошне опасна политичка личност. Сталин грижата за мајка си му ја доверил на Лаврентиј Берија, човекот кој стана познат како крвожеден шеф на советската тајна полиција. Берија сериозно ја сфатил задачата и максимално го зајакнал обезбедувањето.

Јосиф Висарионович, пак, на мајка си ретко ѝ пишувал куси писма кои по обемот на текстот повеќе личеле на телеграми. Ги пишувал на грузиски, што нему не му било лесно, зашто таа не знаела да чита и да пишува на руски. Лично ја посетил својата мајка во 1921 година, а во 1926 таа ја посетила Москва, но тоа „не ѝ се допаднало“.

Семоќниот диктатор на новата суперсила последен пат ја видел својата мајка на 17 октомври 1935 година. Кога мајка му го прашала од што живее, тој, наводно, одговорил: „Мамо, се сеќаваш ли на нашиот цар? „Е, па, јас сум нешто како цар“.

„Подобро ќе беше да станеше свештеник“, му одговорила таа. Во тоа време веќе било незамисливо некој во СССР на ваков начин да му се спротивстави на Јосиф Сталин. Тоа можела да си го дозволи само неговата мајка.

Многу подоцна ќерката на Сталин Светлана Алилуева посведочила дека Сталин никогаш од никој не се плашел, освен од мајка си, која го тепала кога бил мал.

Екатерина Џугашвили, моминско презиме Гелаѕе, починала на 4 јуни 1937 година од воспаление на белите дробови. Имала 80 години. Сталин не присуствувал на погребот. Го испратил Берија како свој претставник да го носи ковчегот и венецот со натпис на грузиски и на руски: „На мојата драга и сакана мајка од синот Јосиф Џугашвили.