На познатата Тверскаја улица во Москва на бојот 10 се наоѓа мистериозно здание. Тоа е зграда покрај која денес многумина минуваат и не ја забележуваат. А, изгледа вака:
За време на големите чистки во СССР во текот на триесеттите години од минатиот век Јосиф Сталин од некогаш ексклузивниот хотел направил злокобна стапица за комунистите од целиот свет кои биле доволно невнимателни да отседнат тука.
Пред Октомвриската револуција зградата, подигната во 1837 година, била во сопственост на рускиот бизнисмен Дмитриј Филипов. Во 1911 година сопственикот го проширил својот бизнис и во зградата издвоил простор за отворање хотел под името „Франција“.
Новоотворениот хотел бил олицетворение на отменост. Го краселе столбови, ентериерот бил изработен во мермер, додека во предворјето се извојувале високи огледала. Освен тоа, зградата се наоѓала во непосредна близина на Црвениот плоштад, архитектонското срце на престолнината. На тој начин хотелот бил исклучителна привилегија за богатите и славните.
Болшевиците кои дошле на власт по револуцијата во 1917 година имале поинакви планови за ексклузивното здание. Хотелот е национализиран, биле изградени уште два ката, бројот на соби е зголемен на 300, а името е сменето во „Лукс“. Сега можел истовремено да прими најмногу 600 гости.
По револуцијата од 1917 година комунистите од целиот свет побрзале во Советска Русија, дали за учество во Коминтерната, меѓународна организација која се борела за светско владеење на комунизмот, било за да се скријат од прогоните и од репресиите на кои биле изложени во други земји.
Во хотелот отседнувале мошне угледни гости, како што се водечкиот германски комунист Валтер Убрихт, идниот прв претседател на Германската Демократска Република Вилхелм Пик, успешниот германски политичар Херберт Венер, политичкиот ривал на Хитлер Ернст Телман, идниот градоначалник на Западен Берлин Ернс Ројтер и угледниот германски новинар и советски шпион Рихард Зорге. Исто така во хотелот престојувале и првиот премиер на Народна Република Кина Џоу Енлаја и виетнамскиот револуционер Хо Ши Мин.
Wilhelm Pieck
Deutsche FotothekВо хотелот со тогашната сопруга Пелагеја Белоусова и со синот Жарко пролетта 1936 година два месеци минал и идниот претседател на Југославија Јосип Броз Тито. Тој бил сместен во собата број 275 на четвртиот кат. На рецепцијата Тито бил запишан како Фридрих Фридрихович Валтер.
Кога во триесеттите години од минатиот век започнала Сталиновата голема чистка, бранот терор го зафатил и хотелот и неговите несреќни гости. За многумина од нив раскошниот ентериер на хотелот станал смртоносна замка.
По доаѓањето во хотелот гостите на рецепција ги предавале своите пасоши и притоа добивале пропусници. Никој не може ниту да влезе, ниту да излезе од хотелот без пропусница. Во практика тоа значело дека гостите станале заложници на своето привремено престојувалиште и не можеле да се одјават без претходна согласност на власта.
Некои гости, заробени во Русија поради војната во Европа и поради други политички околности, минале низа години во хотелот заедно со бубачките и со глувците.
„Лукс беше заверенички хотел, како за гостите, така и за надворешниот свет. Ниту списокот на гости, ниту списокот на починати во него не даваат податоци за тоа кој сè и кога престојувал во хотелот. Вистинските имиња на гостите обично беа имињата во нивните документи, а податоците сепак не се поклопуваа со нивниот партиски псевдоним“, има запишано Рут фон Мајенберг која во хотелот минала осум години.
Многу од гостите паднале како жртви на Сталиновиот терор. Биле уапсени, мачени или убиени во Советскиот Сојуз или, пак, биле предадени на други земји, вклучувајќи ја и нацистичка Германија, каде неизбежно исто така биле апсени и убивани. Стравот и очајот ги исполнувале собите и ходниците на хотелот, зашто сите се прашувале која ќе биде следната жртва на Сталиновата тајна полиција.
Во хотелот се случил и еден страшен инцидент во кој не учествувал НКВД. „Израснав во Москва, во центарот на моќта, како и на државниот и на недржавниот криминал, на Улицата Горки [денес го носи првобитното име Тверскаја], во хотелот 'Лукс'. Во него живеевме од 1938 до 1946 година. Во хотелот си игравме партизани и Германци и еднаш во текот на играта случајно обесивме едно дете. Не можеа да го вратат во живот“, раскажува некогашниот гостин на хотелот Ролф Шелике, кој во детството минал осум години во хотелот.
Големиот терор во Советскиот Сојуз ослабел на почетокот на четириесеттите години од минатиот век, а конечно му бил ставен крај со смртта на Сталин во 1953 година. Во Европа завршила војната и политичките бегалци кои сè уште живееле во собите на хотелот „Лукс“ почнала да се враќаат во своите земји.
Во педесеттите години од минатиот век хотелот го сменил името во „Центраљни“.
Денес, додека зградата е во процес на реновирање, илјадници луѓе во блажено незнаење секојдневно минуваа покрај ова место кое крие многу мрачни тајни.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче