МиГ-29 првпат полета пред 43 години

МиГ-29

МиГ-29

ZUMAPRESS.com/Global Look Press
Пред 43 години, на 6 октомври 1977, кон небото се вивна првиот советски повеќенаменски ловец од четвртата генерација МиГ-29 (според класификацијата на НАТО Fulcrum, т.е. „Потпорна точка“). Со авионот управуваше пробниот пилот Александар Федотов. Новата машина толку добро се покажа што овој авион и денес, по четири децении и неколку фази на модернизација, сé уште успешно се користи во Воздушно-космичките сили на Русија.

На почетокот на 1960-тите се сметаше дека воздушните борби припаѓаат на минатото и дека ловците ќе се борат едни против други од големо растојание, со помош на моќни радари и современи ракети. Меѓутоа, со војната во Виетнам и долготрајниот арапско-израелски конфликт се покажа дека млазните авиони со моќни мотори сé уште директно се судираат на небо, а исходот од таквиот судир во голема мера зависи од вештината на пилотот и маневарските можности на авионот.

Во СССР 1971 година почна работата на создавање нов лесен суперманеварски ловец со максимална автоматизација на системот за управување и водење борба. Заради олеснување на конструкцијата на авионот одделни делови од алуминиумски легури се заменети со композитни материјали од полимер зајакнат со јаглеродни влакна.  

МиГ-29 доби две вертикални опашки за подобрено управување и два мотора. Моторите се максимално оддалечени еден од друг и имаат дополнителни системи на заштита. Тоа му овозможува на ловецот дури и со еден мотор успешно да се врати на аеродром. Авионот е опремен со тогашните најсовремени уреди и средства за погодување воздушни цели. Пилотот имаше на шлемот систем за обележување на целта со чија помош можеше да ја фиксира целта со едно движење на главата, без да го менува правецот на движење на авионот. МиГ-29 може да носи неколку тони оружје. Покрај авионскиот топ со калибар 30 мм, може да биде вооружен и со наведувани ракети со различен дострел, ненаведувани ракети и авионски бомби. Благодарение на современата радарска опрема авионот открива цели на големо растојание и истовремено може да отвори оган по неколку непријателски цели од дистанца од 80 километри.

МиГ-29 го имаа во својот арсенал 49 земји. Спаѓа меѓу руските авиони кои се најчесто применувани во вооружени судири. Користен е во војните и вооружените конфликти во Персискиот залив, Приднестровје, Југославија и Јужна Осетија. Есента 2017 година неколку авиони МиГ-29СМТ учествуваа во борбите на владините сили против терористите во Сирија.

По 37 години експлоатација МиГ-29 во различни модификации и понатаму служи во морнаричката авијација и Воздушно-космичките сили на Русија. Искуството стекнато при создавањето и експлоатацијата на овој авион-ловец послужи како основа за нови проекти на компанијата МиГ. Еден од нив е рускиот повеќенаменски лесен ловец МиГ-35 од генерацијата 4++.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња