Каде се борела Црвената армија против нацистите по германската капитулација

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Додека советските единици јуришале на Берлин дел од територијата на Советскиот Сојуз сè уште бил под германска окупација.

„По капитулацијата на нацистичка Германија нашиот полк уште пет дена водеше борба во чешките планини. Неколку момчиња загинаа во тие борби по Победата“, се сеќава постариот водник на 1433 одделен Новогородски самоодно-артилериски полк Владимир Востров.

Битките против нацистите се водени и по официјалното завршување на војната во Европа. Вкупно во тие борби загинале неколку илјади војници на Црвената армија.

Што ги принудило Германците да продолжат со давање отпор кога веќе сè било завршено? Пред сè стравот од руска одмазда. Тој ги натерал во борбите да се пробиваат на запад со цел да им се предадат на Англичаните или на Американците.

Борнхолм

Германската капитулација стапила на сила на 8 мај, а следниот ден двесте советски војници со чамци извршиле десант на данскиот остров Борнхолм каде се наоѓал германски гарнизон со над 11.000 војници. Германците веднаш соопштиле дека ќе им се предадат само на сојузниците, и дека за Русите е подобро да го напуштат островот зашто во спротивно ќе бидат уништени.

Тогаш десантната единица тргнала во напад и го зазела пристаништето и телеграфот, ги пресекла каблите за комуникација и му поставила ултиматум на командантот на гарнизонот генерал Ролф Вутман дека доколку Германците не го положат оружјето, советската авијација ќе го бомбардира целиот остров. Неколку часови подоцна Германците капитулирале. За ослободувањето на Борнхолм животот го дадоа триесет советски војници.

Истиот ден, на 9 мај, околу островот се воделе борби на море и во воздух зашто германските конвои се обидувале да продрат на запад. Потопени се вкупно десет непријателски бродови и соборени се 16 нивни авиони.

Прага

„Нашиот поход на Прага воопшто не беше едноставен. Сите патишта беа минирани, Германците постојано удираа од сите страни“, се сеќава командирот на тенковскиот вод на 52 гардиска тенковска бригада, гардискиот потпоручник Иван Маслов.

Чешка во која биле сконцентрирани остатоците од германските единици требало да стане „втор Берлин“, според планот на генерал-фелдмаршал Фердинанд Шернер. Германците имале задача да ја запрат офанзивата на Црвената армија и што подолго да издржат на положбите, додека од другата страна да пристигнат западните сојузници и да им се предадат ним.

Борбите за чешката престолнина започнаа на 5 мај. Против германскиот гарнизон се кренаа и жителите на Прага. Ним им се придружи Првата пешадиска дивизија на колаборационистичката Руска ослободителна армија (РОА), надевајќи се дека на тој начин ќе заслужи милост кај победникот.

Кога на 8 мај единиците на Првиот украински фронт му пријдоа на градот, војниците на РОА ги напуштија позициите и поитаа на запад, во пресрет на американските единици. Веднаш по нив се повлече и поголемиот број германски единици против кои колаборационистите се бореа тие неколку денови. Во прага од Црвената армија се бранеа делови од Вермахтот кои не успеаја да се повлечат, како и единиците на СС-дивизиите „Валенштајн“, „Рајх“ и „Викинг“.

Борбите за главниот град на Чехословачка траеја од раното утро на 9 мај до четири часот попладне, сè дури непријателот не капитулираше. Советските единици го ослободија градот и го продолжија продорот на запад, така што на 11 мај вечерта воспоставија линија на разграничување со американските единици. Истиот ден во близина на селото Сливица црвеноармејците и чехословачките партизани со поддршка на американските единици тргнаа во офанзива на позициите на последната организирана формација на германските вооружени сили во Централна Европа. На чело на оваа формација од 7.000 војници беше СС групенфирерот Карл Фридрих фон Пиклер-Бургхаус. Тоа беа остатоци од СС дивизиите „Валенштајн“ и „Рајх“.

Курландија

Кон средината на октомври 1944 година во голема офанзива на Црвената армија на Балтикот германската група „Север“ беше изолирана и блокирана во Курландија (западна Латвија). Околу 400.000 нацисти се најдоа во Курландкиот обрач кој во Советскиот Сојуз го доби шеговитиот назив „логор на вооружени воени заробеници“.

Сè до капитулацијата на Германија беа водени жестоки борби во обид да се ликвидира групата „Север“ која на почетокот на мај броеше 250.000 лица. „Целиот 'Курландски обрач' е ишпартан со ровови. Ќе заземеме еден ров, а веднаш зад него ќе наидеме на друг. Се чинеше дека нема крај“, пишува Јаков Карасин, редов на 140 армиски резервен полк.

На осми мај вечерта започна масовна капитулација на единиците во обрачот (се предадоа 60.000 лица), но останатите продолжија да даваат отпор. Германците се обидуваа да им се приклучат на последните конвои кои заминуваа на запад, а исто така по копнен пат да се пробијат до Источна Прусија.

„Во Курландија војната не ја завршивме на 8, ами на 13 мај, кога беше прочешлан сиот ослободен терен. Четири дена по Победата моравме да пролеваме крв додека не ги фативме и не ги докрајчивме оние што не сакаа да се предадат. Практично се боревме со луѓе осудени на смрт, Нашата чета го дочека крајот на војната со само 11 луѓе, сметајќи ме и мене“, раскажува натпоручникот Михаил Левин.

Последната поголема битка во Курландија се водеше на 22 мај, кога остатоците од 6 армиски СС корпус (300 луѓе) тргнаа во пробив на обрачот. По неуспешниот обид на командантот на оваа група СС обергрупенфирерот Валтер Кригер изврши самоубиство.

Определени раштркани одреди Германци даваа отпор на Црвената армија сè до јули 1954 година. Покрај тоа, илјадници колаборационисти од Балтикот по ликвидацијата на обрачот стапија во редовите на таканаречените „Шумски браќа“. Тие уште цели пет години даваа герилски отпор на советската власт.