Кои се Шумските браќа, трн во окото на Советите?

Литвански Шумски браќа, 1950 година

Литвански Шумски браќа, 1950 година

Фотографија од архива
Овој „партизанско движење“ и денес предизвикува поделба и напнати односи помеѓу Русија и балтичките држави.

НАТО на 11 јули 2017 година објави видео посветено на Шумските браќа. Или таканаречените Народни партизани. Тоа беа герилци кои се бореа против советските власти во балтичките држави откако станаа дел од СССР во 1940 година.

Видеото прикажува неколку ветерани на Шумските браќа кои се сеќаваат на својата борба против „советските освојувачи“ по завршувањето на Втората светска војна. Министерството за надворешни работи на РФ не го пречека овој филм топло. Официјалната претставничка на МНР Марија Захарова изјави дека видеото е обид за извртување на историјата, и дека се заборава на резултатите од Нирнбершкиот процес. Захарова истакна дека Шумските браќа ѝ биле лојални на нацистичка Германија и дека имаат убиено илјадници цивили.

Приказната за герилскиот отпор со години беше пречка во односите помеѓу балтичките држави и Русија.

Потеклото на движењето

Шумските браќа настанале на Балтикот за време на руската револуција во 1905 година, кога многу источни Европејци бегале во шумите од царскиот режим. Групацијата повторно се појави во летото 1940 година кога трите балтички земји станаа дел од Советскиот Сојуз.

Тие жестоко се противеа на комунистичката идеологија и на губењето на независноста на своите земји. Голем дел припадници на буржоазијата беа принудени да бегаат од градовите, барајќи засолниште во шумите каде се формирале мали борбени единици: од пет до неколку десетина луѓе.

Команден штаб не постоеше, и секоја група дејствуваше независно од другите, но сепак беа обединети во заедничката цел за спротивставување на Советскиот Сојуз во обид да ја вратат независноста на своите матични земји.

Борците живееја во добро скриени бункери длабоко во шумите. Ги напаѓаа советските војници од заседа на патиштата, во селата и во помалите градови.

Шумските браќа избегнуваа судири со поголеми, добро вооружени единици на советската војска. Главна мета им беа партиските чиновници и помалите воени единици, а ги користеа познатите тактики на герилското војување и на тероризмот.

„Народните партизани“ по германската инвазија

„Народните партизани“ ја зајакнаа својата борба против Светите кога Германија го нападна СССР на 22 јуни 1941 година. Во првите денови од нацистичката офанзива спорадичните напади на Шумските браќа ги кочеа советските сили.

Германската војска влегува во Рига, јули 1941 година.

Дел од балтичките герилци во Втората светска војна им се придружи на нацистите. Потоа неколку СС дивизии ги пополнија своите редови со Естонци, со Литванци и со Латвици кои имаа извршено многу злосторства над жителите, особено над Евреите и над Русите од Псковската област.

Но, и многумина од нив кои имаа склопено сојуз со нацистите се вратија добро вооружени во шумата за повторно да му се приклучат на движењето, оти им станало јасно дека Германија нема да им ја врати независноста на нивните земји.

Повоена борба

Движењето на „народните партизани“ се активираше во 1944 година кога советските единици почнаа да ги ослободуваат балтичките територии од фашистите.

Но, нивните заедници повеќе не беа мали. Имаа формирано големи, добро вооружени одреди, беа поискусни во војувањето, а во своите редови имаа и војници на Вермахтот и СС-овци со балтичко потекло, блокирани во Курландксиот џеб (назив за блокадата на Оската од страна на Црвената армија на полуостровот Курландија).

Советското знаме на зградата на Врховниот совет на Естонија, Талин, 1944 година.

Од 1944 до 1947 година советските единици се соочуваа со големи формации балтички герилци, често составени од неколку илјади војници. Некои од нив, како Народноослободителната војска на Литванија, имаа генералштаб, заедничка команда, па дури и воени школи. Но, се мачеа во редовните судири со поголемите и подобро вооружени советски единици.

Шумските браќа сфатија дека можат да опстанат само доколку студената војна помеѓу СССР и сојузниците се претвори во вистинска војна. Многумина од нив беа во постојан контакт со западните разузнавачки служби.

Сепак, студената војна никогаш не прерасна во отворен судир, а движењето почна да губи сила. Единиците почнаа повеќе да личат на банди и ја изгубија важната поддршка од локалното население.

Советските разузнавачи успеаја да продрат во редовите на Шумските браќа, и тоа одигра значајна улога во судбината на движењето. Последната група балтички „народни партизани“ исчезна во 1969 година.

Шумските браќа во масовната култура и во јавното мислење

Во Советскиот Сојуз ова „партизанско движење“ беше или долго игнорирано или негативно прифаќано, како во романот на Арвидс Григулис „Кога дождот и ветрот удираат во прозорецот“ (1965 година).

Жителите на Рига ги пречекуваат советските ослободители, 1944 година.

Првиот обид за Шумските браќа да се прикажат непристрасно беше направен, и покрај советската цензура, во 1966 година кога беше снимен литванскиот филм „Никој не сакаше да умре“. Тука борбата помеѓу комунистите и „народните партизани“ не се прикажува како судир помеѓу доброто и злото, ами како национална трагедија – кога општеството е поделено, а братот е принуден да пука на брата си.

И денес некои балтички историчари се обидуваат да докажат дека сите „народни партизани“ не биле исти. За латвискиот научник Артурс Звинклис, на пример, некои биле криминалци, а некои идеолошки борци:

„Имало луѓе кои верувале дека се борат за независност на Латвија од окупаторот“, вели тој.

Сцена од филмот „Никој не сакаше да умре“ (1965 година).

Историчарот Игор Гусев категорично не се сложува. Тој смета дека во приказната за Шумските браќа нема апсолутно ништо јуначко.

„Можам да наведам многу примери кога убивале обични селани, силувале комунистки, ограбувале продавници. Кога обичниот бандитизам се прикажува како 'борба против тоталитарен режим', чесниот човек може да почувствува само малнина и гадење, вели рускиот историчар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња