Како СССР за 19 дена ја победи епидемијата на големи сипаници

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
На службите од престолнината им беа потребни нешто повеќе од две недели за да го локализираат смртоносниот вирус во Москва и да спречат негово ширење на територијата на целиот Советски Сојуз.

Кога на 23 декември 1959 година патнички авион долета од Делхи во Москва, од него излезе човек поради кој набргу потоа главниот град на СССР беше доведен во голема опасност. Сликарот Алексеј Кокорекин не можеше ни да претпостави дека од Индија има донесено големи сипаници.

Големите сипаници (variola vera) беа една од најстрашните болести на човештвото. Со леснотија уништуваа цели села, градови, па дури и држави. Во осмиот век од оваа болест починаа 30% од населението на Јапонија, а во 16 век милион автохтони жители на Америка кои се заразија од конкитадор.

Советскиот Сојуз долго и упорно се бореше против големите сипаници. Се проценува дека во 1919 година во земјата имало 186.000 заболени, а веќе во 1936 година никој не бил заразен. Но, болеста се врати 23 години подоцна, кога веќе беше заборавена,

Нултиот пациент

По доаѓањето Кокорекин чувствувал само мала настинка, што не му изгледало чудно со оглед на декемвриските мразови. Но, истата вечер добил висока температура, силна кашлица и остра болка по целото тело.

Следното утро отишол во поликлиника. Дијагнозата гласела: грип. Но, препишаните лекови не му помогнале. По целото тело му се појавиле дамки. Лекарите мислеле дека станува збор за алергија. Само една млада асистентка, откако дознала од каде допатувал сликарот, внимателно изнела сомнеж дека станува збор за големи сипаници, но била „замолчена“ со презрена насмевка на своите професори.

Алексеј Кокорекин почина на 29 декември, по неколку дена помината во болничка соба со пациенти заболени од грип. Лекарите не успеаја да откријат што можело да го убие силниот организам на 53-годишниот маж. Еуфоричното расположение пред Нова година брзо го засени овој трагичен случај.

Почеток на епидемијата

Втората недела од новата 1960 година неколку пациенти во таа болница ги добија истите симптоми: грозница, кашлица и осип.

Повеќе не смееше да се ризикува. Во испитувањата беа вклучени стручњаци на Научно-истражувачкиот институт за вакцини и серуми. Заклучокот беше шокантен: во Москва стаса вариола вера.

Излезе дека Алексеј Кокорекин во текот на посетата на Индија присуствувал на церемонија на палење починат браман, па дури и ги допирал неговите работи. Тогаш нултиот пациент се заразил со оваа смртоносна болест.

Мерки без преседан

На 15 јануари веста за ширењето на големите сипаници стаса до државниот врв. Веднаш беа мобилизирани сите сили на московските болници, поликлиники, милициските станици и КГБ. Потрагата по потенцијалните носители на опасниот вирус се водеше во режим нон-стоп.

Во карантин беа сместени сите луѓе со кои се сретнал и со кои разговарал Кокорекин, со кои контактирале членовите на неговото семејство, и сите кои имаа добиени од него подароци од Индија. Така, директно од предавање во болница беа однесени 150 студенти од факултетот на кој студираше неговата ќерка Валерија.

Од примарните контакти се одеше на секундарните и така натаму, сè дури не се стасаше до последниот човек во таа низа. Луѓето беа симнувани од возовите, а авионите со потенцијалните болни се вртеа во воздухот и се враќаа од каде што полетале.

Во карантин се најдоа 9.342 лица. Изолирана беше Боткинската болница, каде нултиот пациент ги мина последните денови. Во неа беа затворени илјадници лекари и пациенти. Немаше доволно постелнина за сите нив, па со специјален указ беа отпечатени неприкосновените државни резерви кои се чуваа во случај на војна.

Опасноста е отстранета

Решителната мерка во борбата против големите сипаници беше целосна вакцинација на сите жители на Москва и на Подмосковје, возрасните и децата, па дури и оние кои веќе беа на смртна постела. За една недела беа вакцинирани над 9.5 милиони луѓе, што е случај без преседан во историјата.

За таа цел беа мобилизирани медицински лица од сите струки, од медицински техничари до студенти по медицина. „Тоа беше херојски потфат“; вели докторот по медицина, вирусологот Светлана Мареникова: „Епидемиолозите работеа од утро до мрак“.

Опасната болест во Москва беше откриена кај 45 лица. Тројца болни починаа. Веќе на 3 февруари во СССР немаше луѓе заразени со големи сипаници. Со навремени и усогласени дејствија на московските правосудни и медицински служби смртоносниот вирус беше запрен за само 19 дена.