Што се случи со питомецот од воената академија кој го удри Сталин?

Getti Images; Legion media; МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Питомецот на кој му била доверена задачата да го чува Сталин се качил на трибината, го удрил водачот по глава и викнал: „Ние дојдовме да ве чуваме, а што правите вие?“.

Веќе во текот нa триесеттите години од минатиот век звучело неверојатно дека некој може туку-така да го удри „таткото на народот“ по глава и да остане неказнет. Сепак, кон крајот дваесеттите години од минатиот век тоа било можно.

Троцкист во обезбедувањето на Сталин

Лев Троцки држи говор пред војници

Целиот Советски Сојуз на 7 ноември 1927 година се подготвувал да одбележи еден мошне важен датум, десетгодишнината од Октомвриската револуција. Била предвидена и традиционалната воена парада на Црвениот плоштад.

Државниот врв требало да се собере на трибината на Лениновиот мавзолеј и оттаму да ја следи парадата. За спречување на евентуален атентат, била донесена одлука да се зајакне обезбедувањето, па на помош на припадниците од специјалното обезбедување ОГПУ (Обединета државна политичка управа, специјален орган на државната безбедност во СССР), одговорно за безбедноста на советските лидери, испратени се питомци од Фрунзеовата воена академија. Меѓу нив бил и Јаков Охотников, човекот кој ќе го удри водачот по глава.

Тоа што Охотников бил питомец на воената академија не значи дека бил „гуштер“. Напротив, Јаков за 30 години од животот веќе успеал да мине „сито и решето“. Активно учествувал во револуцијата и во Граѓанската војна, и тоа како командир.

За волја на вистината, неговата повоена кариера не била толку успешна. Имено, Охотников бил убеден троцкист и тоа не го криел, дури и кога неговиот идол паднал во немилост по неуспешната политичка борба против Сталин во средината на дваесеттите години од минатиот век. За пропаганда на троцкизмот Јаков бил критикуван во партијата, но тоа не му пречело на началникот на Фрунзеовата воена академија Робертс Ејдеманис да го испрати како испомош за Сталиновото лично обезбедување.

Тепачка

Генрих Јагода, Александар Егоров, Климент Ворошилов, Михаил Тухачевски и Јан Гамарник на Црвениот Плоштад.

Охотников со уште двајца питомци – Владимир Петенко и Акркадиј Гелер – имал задача да го обезбедува партиското раководство на трибината на мавзолејот. Но, се случило питомците да задоцнат.

Кога дотрчале до мавзолејот пред нив се испречиле припадниците на ОГПУ. Питомците ги турнале на страна и се искачиле на трибината, каде советските лидери веќе биле собрани.

Припадниците од обезбедувањето секоја секунда очекувале атентат, така што веднаш се обиделе со сила да ги запрат питомците, што предизвикало масовна тепачка. Раководството на земјата било свртено кон плоштадот и поради бучната парада не ни знаело што се случува зад нивниот грб.

Удар

Сталин на трибината на Мавзолејот

Набргу Јаков Охотников се оттргнал од турканицата и гневно се упатил кон Сталин, кој не знаел што се случува, ниту што го чека. Бил мошне изненаден кога Охотников го удрил со тупаница по тилот и извикал: „Ние дојдовме да ве чуваме, а што правите вие?“.

Постојат и такви кои сметаат дека навредата од таквиот пречек не била единствената причина питомецот од воената академија да крене рака на својот лидер. Можеби тоа било своевидна освета за Троцки, кому му бил приврзан.

Јаков не успеал уште еднаш да го удри Сталин. Го запрел припадник на обезбедувањето, Литванецот Иван Јусис. На трибината на мавзолејот била строго забранета примена на огнено оружје, па затоа Јусис извадил нож и полесно го ранил Охотников.

Епилог

Портрет на Сталин

На крајот страстите ги смириле Семјон Буџони, Климент Ворошилов и други присутни генерали. Се чинело дека Охотников набргу ќе го „изеде мрак“, но Сталин во 1927 година не бил оној семоќниот и страшен „татко на народот“, што ќе стане во текот на триесеттите години од минатиот век.

Во заштита на питомците застанале раководителот на воената академија Робертс Ејдеманис, генералот Јона Јакир и началникот на штабот на Црвената армија Михаил Тухачевски, така што Сталин морал да попушти. Неговата положба во тоа време не му овозможувала да стапи во отворен конфликт со воениот врв.

Не следувала никаква казна. Охотников ја завршил воената академија, па дури и станал раководител на Државниот институт за проектирање фабрики за авиони „Гипроавиопром“.

Дури во 1932 година бил обвинет за контрареволуционерно дејствување во таканаречениот „Случај Смирнов“. И бил исклучен од партијата. Но, ниту тогаш не настрадал целосно. Испратен бил на рускиот Далечен Исток, во Магадан, каде раководел со тамошната воздухопловна база.

Но, кога започнале Сталиновите репресии, познати како „Големиот терор“, Јаков Охотников бил една од првите жртви. Повторно бил уапсен во 1936 година во Магадан, а потоа бил испорачан во Москва и стрелан на 8 март 1937 година поради „организирање атентат врз Сталин и Ворошилов“. Неговите покровители Ејдеманис, Јакир и Тухачевски биле обвинети за шпионажа и за велепредавство. Погубени се на 12 јуни.

Не е познато дали Јаков Охотников е стрелан по лична иницијатива на Јосиф Сталин.

Прочитајте исто така: Најди и ликвидирај: 3 советски непријатели на мета на КГБ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња