Галина Брежњева. Семејна прослава
Јуриј Рибчински/МАММ/МДФ/russiainphoto.ruЛаврентиј Берија, десната рака на Сталин и шеф на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД), имаше само еден син. Серго имаше прекрасна кариера на воен инженер.
Серго Берија во младоста.
Archive photoНа самиот почеток од Големата татковинска војна 20-годишното момче заврши забрзани тримесечни курсеви во радио-техничката лабораторија на НКВД, за потоа со звање поручник-техничар да започне со служба во армијата. Во 1941 година беше упатен на тајна задача во Иран, а во 1942 година работеше во Севернокавкаската армија, за подоцна по специјална задача да присуствува на конференциите на шефовите на антихитлеровската коалиција во Техеран и во Јалта. По војната дипломираше на Ленинградската воена академија за офицери за врски. Додека работеше на дипломската Серго ја проектираше првата советска крстосувачка ракета од класата воздух-море КС-1 „Комета“ и потоа стана еден од главните воени конструктори. На своите проекти ја одбрани и кандидатската и докторската дисертација и за нив доби Ленинов орден и Сталинова награда.
Но, сѐ нагло се промени кога неговиот татко беше уапсен и стрелан во 1953 година. Серго по овој настан една година помина во затвор, му беа одземени сите титули, награди и научни звања. Со проверка беше установено дека неговите дисертации се плагијат, дека во нив се само прераскажани голем број трудови на научни работници и инженери. И покрај сето тоа, тој во 1954 година заедно со мајка си беше испратен во административно прогонство на Урал, каде доби трособен стан и право да се занимава со ракетна тематика. И мајката и синот мораа да го сменат презимето зашто беа уверени дека „со презимето Берија народот ќе ги растргне“. Го зедоа презимето Гегечкори.
Серго Лаврентјевич Берија (Сергеј Алексеевич Гегечкори) (1924-2000), инженер, конструктор на радари и ракетни системи, син на Лаврентиј Берија. Фотографија од колекцијата на Нина Мелија.
Sputnik„Гегечкори беше презимето на неговата мајка. Тој секогаш така се претставуваше. Ниту еднаш немаше споменато дека Лаврентиј Берија му е татко“, раскажува Рељ Матафонов, негов колега од педесеттите години од минатиот век. Серго ја започнува кариерата од почеток, како обичен инженер, но со текот на годините повторно напредува. Така во 1964 година замоли да биде преместен во Украина, во Киев, каде продолжи да напредува во службата. Од 1990 до 1999 Берија работеше како главен конструктор во киевскиот научно-истражувачки институт. По распаѓањето на СССР откри дека е син на Берија. Дури и објави мемоари во кои на сите начини се обиде да го рехабилитира татка си кого многу го сакаше. Серго сметаше дека на Берија му се неправедно припишани злосторствата на партиската врхушка, и дека сѐ што правел татко му било неопходно за државата.
Човекот што го раскринка култот за личноста на Сталин имаше шест деца. Највпечатлив е животот на неговиот најстар син Леонид.
Леонид Никитич Хрушчов
Archive photoСинот на идниот прв секретар на Централниот комитет на КПСС најпрво работеше во фабрика, а во 1939 година доброволно стапи во Црвената армија и замоли да го испратат на фронт како пилот на бомбардер во советско-финската војна. Во таа војна за само една година имал над 30 борбени летови.
Веднаш потоа заминал во Големата татковинска војна, и речиси веднаш, во јули 1941 година неговиот авион беше погоден. Леонид се здоби со тешки повреди. Една година подоцна, со незалечена нога повторно е испратен на фронт како пилот на ловечки авион. Сестрата Рада тврдеше дека осакатениот Леонид е казнет со испраќање на фронт зашто во 1942 година на седенка се напил и случајно убил морнар (внуката на Леонид, Нина Хрушчова смета дека тоа е измислена приказна и дека нема врска со реалноста). Како и да е, синот на Хрушчов продолжи да лета, а во 1943 година не се врати на аеродромот и беше вброен како исчезнат без трага.
Според официјалната верзија, Леонид со својот авион го покривал авионот на својот другар од германскиот ловец Фоке-Вулф Fw-190. Постои и конспиролошка верзија за која сега се смета дека настанала меѓу сталинистите за дискредитација на Никита Хрушчов, но своевремено беше мошне популарна.
Според оваа верзија Леонид се согласил на соработка со Германците поради што по наредба на Сталин е киднапиран и стрелан, но тоа се држело во најголема тајност. Оваа приказна никогаш со ништо не е потврдена. За волја на вистината, „метата“ не била случајна:
„Леонид е израснат како бунтовник. Мислам дека претходно изби конфликт со неговиот татко зашто тој сакаше од него да направи комунист, а синот немаше намера да стане комунист“, раскажува Нина, правнука на Никита Хрушчов. Според неа, Леонид се однесувал како московско галениче, сметал дека е посебен и бил хиперактивен. Денес таков човек би се третирал како 'зависник од адреналин'“, смета тој.
Генералниот секретар на Централниот комитет на КПСС Леонид Иљич Брежњев со својата ќерка Галина (во преден план) на прославата на 70 роденден на Брежњев во Големиот кремљски дворец.
Владимир Мусаељан/TASSЌерката на Леонид Брежњев како девојче сакала да стане глумица, но нејзиниот татко ја запиша на филолошки факултет. Ова, меѓутоа, не помогна многу – Галина, сепак си избра „естрадно друштво“.
Имено, во 1951 година се вљуби во циркузантот Евгениј Милаев додека тој беше на гостување (тој тогаш имаше 41 година, односно беше само четири години помлад од Леонид Брежњев, а Галина имаше 22 години). Го напушти факултетот, се вработи во тој циркус како костимограф и избега со него. Во текот на бракот роди ќерка. Бракот се распадна кога Милаев се сврте кон помлада циркузантка. Вториот пат се омажи за 18-годишниот Игор Киј, син на познатиот илузионист Емил Киј, но по само 10 дена се разведе зашто тоа го издејствува нејзиниот татко.
Галина Брежњева, ќерка на генералниот секретар на Централниот комитет на КПСС Л.И. Брежњев, и Јуриј Чурбанов.
Јуриј Абрамочкин/SputnikКога Брежњев дојде на чело на државата целата естрада почна да се „врти“ околу неговата ќерка. Галина на крајот си најде „добра прилика“ – потполковникот за внатрешна безбедност Јуриј Чурбанов, но целото време го минуваше на седенките на естрадните уметници каде се навикна на алкохол.
Животот на Галина по смртта на татка си во 1982 година почна да личи на кошмар. Естрадата ѝ го сврте грбот, нејзиниот маж беше уапсен, а против семејството Брежњев беше подигната истрага за корупција. Нејзиниот алкохолизам стана очигледен за сите. На крајот ќерка ѝ ја смести Галина во психијатриска болница каде таа почина од мозочен удар.
Наталија Хајутина (Ежова)
Archive photoЗа време на Сталиновите чистки 1937-1938 речиси 700.000 луѓе (според архивските документи) се протерани во Сибир или се стрелани, и сите тие репресии и егзекуции се поврзуваат со тогашниот шеф на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) Николај Ежов. „Крвавото џуџе“ (бил висок еден и пол метар) немаше деца. Ја имаше само посвоената ќерка Наталија.
Постојат неколку верзии за нејзиното доаѓање на свет. Едната гласи дека таа е вонбрачно дете на последната жена на Ежов, друга дека е вонбрачна ќерка на самиот Ежов, а третата е дека е ќерка на семејство советски дипломати што ги има стрелано НКВД на Ежов. Девојчето е посвоено кога имаше 11 месеци. Таа е најголемата утеха на Ежов. „Тој беше извонреден татко. Јас на сѐ се сеќавам, и како со своите раце ми направи лизгалки на два ножа, ме научи да играм тенис и городки. Многу се трудеше за мене“, раскажуваше Наталија.
Кога во 1938 година Ежов беше уапсен, молеше само едно нешто: „Не правете му ништо на девојчето“. Мајката што ја имаше посвоено тогаш повеќе не беше жива (изврши самоубиство), така што Наталија во добро чуван вагон е префрлена во специјален дом за деца на „народните непријатели“. Уште во вагон ја убедувале да го заборави своето дотогашно презиме, но Наталија го обожаваше својот татко и во секоја пригода зборуваше дека е негова ќерка. Еднаш реши да се обеси, но не ѝ успеа зашто јажето се скина. „Го изгребав целото тело, го скинав фустанот, а јажето висеше на вратата“, раскажуваше таа подоцна.
Хајутина потоа по сопствена желба се пресели во населба во близина на Магадан (8.000 километри од Москва), каде нејзиниот татко ги испраќаше луѓето во прогонство. Сакаше да живее во нивна близина. Потоа во 1999 година на суд се бореше за рехабилитација на Ежов, но судот не најде доволна основа за таква одлука. Во Магадан пишуваше стихови и песни. Ретко излегуваше од дома.
Се тресеше секогаш кога некој ќе чукнеше на врата: „Сѐ уште чекам да ми зачукаат на врата и да ми се одмаздат за татко ми“. Почина во 2016 година.
Прочитајте исто така: Советската принцеза и индискиот раџа: кого сакала ќерката на Сталин
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче