Колку советски граѓани всушност загинале во Втората светска војна?

Getty Images
Познато е дека за време на најкрвавата војна во историјата на човештвото Советскиот Сојуз ги има претрпено најголемите загуби. Но, точниот број на жртвите никогаш нема да биде утврден.

Јосиф Сталин во 1946 година како одговор на Черчиловиот Фултонски говор, со кој беше означен почетокот на студената војна, ја спомена Големата татковинска војна (вака Русите ја нарекуваат војната против нацистичка Германија) и изјави дека „поради германската инвазија Советскиот Сојуз неповратно има изгубено... околу 7 милиони луѓе“. Тогаш Советскиот Сојуз за првпат изнесе официјален податок за бројот на жртвите. Но, тоа беше само лажна информација.

Бројот на жртвите расте

„На Сталин, всушност, му бил познат еден сосема поинаков статистички податок: 15 милиони жртви. Овој број се наведува во извештајот што го има добиено во 1946 година од комисијата под раководство на претседателот на Државниот комитет за планирање Николај Вознесенски“, истакнува професорот Виктор Земсков од Институтот за руска историја. Земсков претпоставува дека Сталин сакал да ги скрие реалните загуби како од советските граѓани, така и од светот. Имено, не сакал да се добие впечаток дека СССР како држава е ослабната поради војната.

Младиот политички комесар Алексеј Ерјоменко предводи напад

Сепак, официјалната процена од 7 милиони луѓе не била долго на сила зашто поголемиот број советски граѓани биле уверени дека бројот е премногу мал. Во 1965 година Никита Хрушчов, кој го наследи Сталин како водач на СССР, наведе цифра од 20 милиони. Овој број беше оној кој важеше до како официјална процена на бројот на жртвите до распадот на Советскиот Сојуз. И Леонид Брежњев се придржуваше кон овој податок, и покрај 20 милиони ја додаваше одредницата „над“.

И Хрушчов и Брежњев, притоа, ја користеа фразата „војната ја чинеше земјата...“ за да ги соберат сите жртви, без да ги одделат загинатите на бојното поле, жртвите на германската окупација, оние кои умирале од глад итн.

По распадот на Советскиот Сојуз бројот повторно порасна. Според последните процени на кои се повикуваат официјално руските власти, вкупниот број загинати луѓе (како меѓу војниците, така и кај цивилите) достигнува 26.6 милиони. Ова е денешната официјална процена на загубите (2019 година), односно бројот што руските официјални лица го споменуваат на Денот на Победата, на комеморации и сл.

Ѓаволот се крие во дреболии

Кога се зборува за овие бројки, не се мисли на целата Втора светска војна, ами само на војната помеѓу СССР и нацистичка Германија од 1941 до 1945 година, без да се земат предвид советските операции од 1939 до 1941 година (упадот во Полска и Зимската војна против Финска), ниту, пак, советско-јапонската војна од 1945 година.

Друга важна напомена е дека официјалната процена што во 2015 година ја објави Министерството на одбрана, жртвите (26.6 милиони луѓе) се делат на две категории:

- Околу 12 милиони војници загинале на бојното поле, заробени се (не се вратиле од заробеништво) или исчезнале.

- Останатите (околу 14,6 милиони луѓе) биле цивили кои загинале на окупираните територии, кои насилно биле одведени во Германија (од каде не се вратиле) или кои умреле од глад, болест итн.

Посмртни останки на жртвите од Орловскиот концентрационен логор во 1943 година.

Дали загубите се уште поголеми?

Проценетите 26.6 милиони жртви денес е официјален податок, но постојат и други мислења. Иако Големата татковинска војна е завршена пред речиси 75 години, војната со броевите и понатаму трае, при што различни историчари предлагаат различни методи на процена.

Од една страна, од време на време се појавуваат верзии кои сугерираат дека станува збор за поголеми загуби од официјалните податоци. На пример, во 2017 година пратеникот на руската Дума Николај Земцов изјави дека „СССР неповратно има изгубени речиси 42 милини луѓе поради фактори поврзани со [Големата татковинска] војна“, Оваа верзија, меѓутоа, е под знак прашање. Земцов, имено, со овој огромен број ги опфаќа не само луѓето што го имаат изгубено животот, ами и оние деца кои не се родени поради војната, што е, сметаат професионалните демографи, тешко прифатливо.

Опсадата на Ленинград

Или станува збор за претерување?

Од друга страна, постојат и такви кои сметаат дека 26.6 милиони само по себе е веќе претерување. Во една статија од 2015 година Виктор Земсков наведува дека проценетиот број на загинати во војната (11.5-12 милиони) е точен, но дека бројот на жртви кај цивилите поради воените фактори е претеран: „Овој статистички подарок го опфаќа и зголемениот морталитет во советската позадина поради лошата исхрана, исцрпеност и слично... Не се сложувам со ваквиот пристап“.

Според Земсков, во овој случај е тешко да се направи разлика во смртта која настанала поради војната и смртта која е предизвикана од природни причини. Затоа тој смета дека историчарите поради прецизност би требало да ги сметаат само цивилите кои во војната го изгубиле животот, односно кои Германците директно ги убиле или кои настрадале во бомбардирањата, како и оние што загинале во Опсадата на Ленинград, што значи околу 4.5 милиони жртви. Кога ќе се соберат со загинатите на бојното поле, добиваме процена од 16 милиони жртви. Сепак, официјално е прифатена поголема цифра.

Иако расправата за користењето на методите може да трае вечно, едно е сигурно: во Големата татковинска војна СССР има изгубено многу луѓе (а тоа пред сè биле мажи и жени на врвот на својата животна сика), но притоа го има спасено светот од германскиот нацизам. Цената за победата била огромна, а цената за поразот не се ни дрзнуваме да ја замислиме.

Споменикот на Незнајниот јунак, Александровска градина, Кремљ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња