Како робијашите од Гулагот jа бранеле татковината во Втората светска војна

„Подвигот на Александар Матросов“, В.Е. Панфилов, 1953.

„Подвигот на Александар Матросов“, В.Е. Панфилов, 1953.

Речиси милион затвореници од Сталиновите логори добија можност да ја бранат татковината од нацистичките освојувачи. Многумина од нив се бореле толку храбро што станале херои на Советскиот Сојуз.

За време на Втората светска војна робијашите не седеле со скрстени раце, ами ѝ помагале на Црвената армија. Граделе железнички пруги, аеродроми, сечеле шуми, работеле во ископите за јаглен... Но, имало и такви кои биле испратени на фронт со оружје во рака.

Во прво време советското воено раководство не ни помислувало да ги вооружи криминалците, но почетокот на војната бил катастрофален за земјата и Сталин се премислил.

Осудените за полесни кривични дела добивале шанса да станат борци на Црвената армија, што не било случај со политичките затвореници, „непријателите на народот“ и закоравените криминалци. За време на војната таквите не ги пуштале на слобода дури и кога им истекувала затворската казна.

За поранешните робијаши не постоеле специјални единици, како што бил дезертерскиот казнен баталјон „штрафбат“. Поранешните криминалци се бореле рамо до рамо со доброволците во обичните воени единици.

Само во 1941 година на фронт заминале над 420.000 поранешни робијаши, а во 1942-43 година уште 157.000. За сето време додека траела војната во Црвената армија дошле околу еден милион робијаши од Гулагот.

Затворениците со голем ентузијазам оделе во војна и не само поради патриотизмот и омразата кон непријателот, ами и поради гладот. Условите во Сталиновите логори станале многу лоши, а на фронтот имало многу повеќе храна.

За да ја симне правта од своето име, поранешниот логораш се борел храбро и пожртвувано. Офицерот на артилеријата Евгениј Весник, кој по војната станува познат глумец, режисер и публицист, велел: „Малкумина се борат онака како што се борат закоравените криминалци. Зошто? Зашто кон нив се однесував како кон луѓе... Тие први го вадеа оружјето под непријателскиот оган, први ги креваа капаците од рововите. Се бореа како ѕверови! Разговарав со нив, ги наградував. И тоа даваше резултати...“

Многу поранешни осуденици се наградувани, а некои станале и херои на Советскиот Сојуз. На пример, поранешниот затвореник Алексеј Отставнов во војната станал поручник. За храброста покажана во битката кај Днепар во 1943 година го добива највисокото одликување – орден херој на Советскиот Сојуз.

Најпознатиот херој на СССР меѓу поранешниот робијаш е секако Александар Матросов, црвеноармеец кој со градите го затвори отворот на германскиот бункер и ги заштити соборците од пушкомитралези. Александар Матросов до денешен ден во Русија е синоним за хероизам. Но, сите не знаат дека ѝ се придружил на Црвената армија по една година помината во воспитно-поправен дом во кој дошол како дете-бездомник.

Не можеме да кажеме ниту дека сите робијаши од Гулагот биле подготвени да го дадат својот живот за татковината. Доколку имале таква можност многумина политички затвореници со задоволство би се бореле на страната на Третиот Рајх. Германската разузнавачка служба го знаела тоа добро и сметала на нереди во затворите. Но, мисиите на сите германски диверзантски групи биле неуспешни.

Некои робијаши на фронтот се покажувале како криминалци. Таквите или биле враќани во затвор или ги убивале на лице место за особено тешки злосторства. Поголемиот дел од поранешните затвореници сепак добивале можност по војната да започне живот од нула.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња