Како еден советски командант без обете раце војувал на првата линија од фронтот

Издавачката куќа „ИЗОГИЗ“
За овој мајор-артилерец без раце се раскажани многу легенди. Многумина мислеле дека тоа е измислена личност зашто е невозможно да се поверува дека тој навистина постоел.

Василиј Степанович Петров, кому му биле ампутирани двете раце, не дозволил да биде повлечен од фронтот и се вратил во најжешкиот „казан“ на Втората светска војна. Продолжил да командува со артилерискиот полк и да ги води војниците во офанзива.

Губење на рацете

Црвената армија го преминува Днепар во текот на воената операција за ослободување на Киев од Германците во Втората светска војна.

Артилерискиот капетан Василиј Петров командувал со две батерии во Битката за Днепар. Преломен ден во неговиот живот бил 1 октомври 1943 година. Благодарение на железната волја артилерците успеале да одбијат четири артилериски напади и за притоа да уништат четири тенка и два минофрлачи.

Еден непријателски проектил директно го погодил оружјето покрај кое стоел Петров и тешко го ранил во двете раце. Василиј Степанович бил пренесен во болница каде веднаш бил ставен на списокот ранети на кои им нема спас. Но, офицерите на лекарите им се заканиле со оружје и ги принудиле да го оперираат саканиот командант, кој нив повеќе пати ги имал спасено во многубројните битки.

Хирурзите успеале да му го спасат животот на командантот, но морале да му ги ампутираат и двете раце. За Василиј Петров настапил страшен и тежок период во животот.

Повторно на фронт

Операциска сала на полска болница.

„Првата половина месец во болницата беше одвратна. Кога доаѓав при свест, чувствував неподнослива болка по целото тело и викав колку што имав сила. А, потоа сето тоа се повторуваше на ист начин. Подоцна болките стивнаа, станав свесен колку е трагична мојата состојба. Ми се чинеше дека животот има изгубено секаква смисла. За да го потиснам душевното страдање многу пушев, понекогаш и по сто цигари дневно. 'Што се случи? Зошто судбината е толку зла кон мене?', се прашував и не можев да го најдам одговорот“.

На крајот Василиј Степанович ја завршил својата внатрешна болка и донел конечна одлука: рацете ги изгубил, но го немал изгубено бистриот ум и способноста да командува, па затоа мора да се врати на фронтот.

Петров не се согласил да остане во заднината, одбил добра работа како секретар во еден московски областен комитет. Откако се изборил со лекарската комисија и со кадровските службеници кои се противеле, се вратил во својата единица каде соборците топло го пречекале.

Василиј Степанович повеќе не можел да пука и да фрла гранати, но знаел дека неговото знаење стекнато на офицерската обука и неговото непроценливо воено искуство ќе бидат незаменливи во командувањето со артилеријата. И сосема имал право.

Легендарниот мајор без раце

Василиј Петров е унапреден во чинот мајор, а крајот на војната го дочекал како командант на 248 противтенковски артилериски полк. Секогаш бил на првата линија на фронтот и командувал со единиците под силниот непријателски артилериски и минофрлачки оган.

Пред крајот на војната, во битката која се одиграла на 27 април 1945 година, Петров во мошне тешка ситуација лично го покренал баталјонот во офанзива и тогаш бил тешко ранет.

На фронтот се раскажувале легенди за артилерискиот мајор без раце. Многумина мислеле дека тоа е измислена личност, зашто не можело да се поверува во такво нешто.

Двократниот Херој на Советскиот Сојуз, награден со Ленинов орден и со Орден на Црвеното знаме, Василиј Петров по лична наредба на Сталин добил доживотен статус на припадник на Вооружените сили на СССР.

Животот по војната

Василиј Петров, двократен Херој на Советскиот Сојуз, 1962

По завршувањето на Големата татковинска војна Василиј Петров не престанал да се бори. Постојано ја одржувал и ја подобрувал својата форма. Без оглед на своите години, тој во походите пешачел многу километри и правел стотина клекнувања.

Одбранил дисертација и со помош на протеза има напишано илјада страници мемоари во ракопис, кои потоа во два тома се издадени под насловот „Минатото е со нас“.

Петров сиот свој живот го има посветено на армијата и останал во неа до крајот, на разни должности во артилериските и во ракетните единици. Оставен е на доживотна служба, дури и по распадот на Советскиот Сојуз, но во составот на украинската армија. Почина во Киев во 2003 година, кога имаше 82 години.

Уште во текот на седумдесеттите години од минатиот век генерал-лајтнант Василиј Петров рекол: „Секој војник е склон да верува во судбината. Јас сум само убеден дека на мојот живот е ставена последната точка и одлучив да умрам. Не успеав тоа да го направам во болницата, па затоа им се вратив на другарите на фронтот за да умрам на бојното поле. Но, мојата судбина беше поинаква“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња