Тројцата величествени: Непоразени руски војсководци

Портрет на маршалот на Советскиот Сојуз Георгиј Константинович Жуков, уметник: П. Корин, 1945.

Портрет на маршалот на Советскиот Сојуз Георгиј Константинович Жуков, уметник: П. Корин, 1945.

Владимир Бојко/Global Look Press
Русија во својата историја многу пати војувала. Ова се тројцата војсководци кои ја прославиле својата земја со триумфални победи на бојното поле.

1. Александар Суворов

Аелксандар Васиљевич Суворов, гроф Суворов од Рамник, италијански кнез (1729-1800), руски генерализимус и еден од најголемите руски војсководци кои не изгубиле ниту една битка.

Александар Суворов во својата долга воена кариера нема изгубено ниту една битка. Има однесено над 60 победи. Меѓу нив најтешка веројатно била опсадата на турската тврдина Измаил во 1790 година.

Тоа било во времето на Руско-турската војна кога тврдината Измаил на Дунав имала клучно стратешко значење. Била добро утврдена, имала високи бедеми и ров длабок 10 метри. Во гарнизонот имало околу 35.000 војници (од нив половината биле јаничари), а Суворов на располагање имал околу 31.000 војници.

Непријателот бил мошне посилен, но тоа не му пречело на Суворов да им испрати на Турците недвосмислена порака: „Имате 24 часа за преговори и да излезете на слобода. Моето прво пукање ќе значи дека сте сите заробени, мојот напад – дека сте мртви“. Началникот на одбраната на градот одговорил во сличен манир: „Попрво Дунав наназад ќе потече и сонцето ќе падне на земја, одошто ќе ви го предадеме Измаил“.

Ј. Дамилевски, В. Сибирски, Напад на тврдината Измаил, 11 декември 1790, фрагмент, лева страна на диорамата, 1972, Измаил, Историски музеј „А.В. Суворов“.

Суворов шест дена ги учел своите војници да ги совладаат рововите и бедемите, а потоа извршил напад на тврдината пред изгрејсонце, и тоа од три страни. Турците биле дезориентирани од овој потег зашто не очекувале напад од различни страни. Жестоко се бореле, така што битката била тешка. Сепак, на Русите им тргнало од рака да ги заземат надворешните бедеми и да влезат во градот. Уличните борби во градот прераснале во вистински колеж.

„Се пукало од секој прозорец... Покрај мажите, војувале и жените. Тие ги напаѓале Русите со јатагани во рацете како очајнички да итале кон смртта... Паѓале запалените покриви... Неколку илјади коњи избегале од запалената коњушница. Трчале по улиците како луди и правеле хаос“, вака оваа епска битка во 19 век ја прикажал еден руски историчар.

Тврдината паднала во 16:00. Турците изгубиле 26.000 лица, а 9.000 биле заробени. Русите изгубиле околу 2.200 војници. Неколку години подоцна Суворов рекол дека „само еднаш во животот човек може да се осуди на нападне таква тврдина“.

2. Фјодор Ушаков

Непознат уметни, портрет на адмиралот Фјодор Ушаков, 19 век.

И адмиралот Фјодор Ушаков кој командувал со флотата во 18 век не изгубил ниту една битка. Нема изгубено ниту еден брод, и ниту еден негов морнар не се нашол во заробеништво.

Поголемиот дел од своите победи Ушаков ги однел во борбите против Турците. За разлика од копнените руски единици кои биле доста силни, флотата на Црно море кон крајот на векот сѐ уште била во процес на создавање, така што Турците имале силна морнарица. Поради тоа Црноморската флота избегнувала решителни битки против Турците. Сѐ се сменило во март 1790 година кога Ушаков бил поставен на чело на флотата. Тој ги укинал тогашните инертни обичаи на војување на море. Се придржувал кон пофлексибилен иновативен пристап кој им овозможувал на бродовите да маневрираат во текот на битката, а особено внимание обрнувал на вежбањето.

Александар Блинков, поморска битка кај Тендра 8 и 9 септември 1790.

Новите методи вродиле со плод во клучната акција против Турците, во битката кај Тендра (во близина на брегот на Бугарија). Во септември 1790 година османлиската флота била поголема – Турците имале 14 воени бродови, а Ушаков 10. Сепак, Ушаков решил да тргне во напад, насочувајќи го огнот пред сѐ кон најважните турски бродови. Тие не можеле да го запрат и почнале да се повлекуваат. „Нашата флота го гонеше и го уништуваше непријателот за време на целото повлекување“, рекол Ушаков. Потерата траела два дена. Русите успеале да го потопат главниот брод на непријателот и да заземат уште еден воен брод. Турската страна изгубила шест брода и над 2.000 војници, додека од руска страна биле убиени 21, а 25 војници биле ранети.

„Битката кај Тендра влезе во светската теорија на војување на море. Адмирал Ушаков бил... иноватор во поглед на маневарската тактика на поморските битки која се покажала како ефикасна и го означила крајот на доминацијата на Турција во Црно море...“, вели еден руски воен историчар.

3. Георгиј Жуков

Портрет на маршалот на Советскиот Сојуз Георгиј Константинович Жуков. Уметник: П.В. Малков. 1943.

Третиот војсководец дошол до израз во советско време, за време на Втората светска војна. Георгиј Жуков е четирикратен Херој на Советскиот Сојуз и добитник на многу признанија. Тој го претставувал СССР кога Германија потпишала безусловна капитулација. Токму тој извршил смотра на московската Парада на победата во јуни 1945 година.

Жуков одиграл решавачка улога во планирањето и во изведувањето на клучните акции на Црвената армија на германско-советскиот фронт, а исто така и во завршната битка за Берлин. Неговиот Прв белоруски фронт успеал да заземе добро утврдени германски положби.

Крајот на војната во Берлин 1945. Брандербуршка порта.

Нападот започнал ноќта на 16 април со исклучително моќен и добро координиран артилериски оган. Потоа, пред изгрејсонце, во борба тргнале тенкови со поддршка на пешадијата. Ова било можно да се изведе благодарение на многубројните рефлектори што биле поставени зад единиците во офанзива.

Две недели подоцна, на 1 мај, Црвеното знаме било кренато на зградата на Рајхстагот. Така бил заземен главниот град на Германија. Поголемиот дел историчари високо ја ценат генијалноста на Жуков, а некои дури и го нарекуваат „Паганини во уметноста на војувањето“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња