Суворов, необичниот воен гениј кој не изгубил ниту една битка

Јозеф Крајцингер; Портрет на А.В. Суворов (1799)

Јозеф Крајцингер; Портрет на А.В. Суворов (1799)

Малку е да се каже дека Александар Суворов е еден од најголемите, а според многумина и најголем, војсководец во руската историја. Освен што 40 години не изгубил ниту една битка, бил и толку невообичаен човек, што во историските анали на сиот свет е тешко да се најде некој што е сличен на него. „Руска реч на македонски“ ви ги пренесува белешките кои за овој необичен аскет ги оставил наредникот Сергеев, кој 16 години не се одвојувал од својот фелдмаршал.

Денот на Александар Суворов започнувал веднаш по полноќ. Тој често наредувал да го разбудат што запеат првите петли. Спиел покриен само со прекривка. Пред да се облече, Суваров во такт марширал напред-назад низ спалната соба, а на терен тоа го правел низ шаторот. Тоа траело еден час, сè дури не стаса чајот. Додека марширал, Суворов во рака држел бележници и на глас повторувал татарски, турски и карелски зборови и дијалози.

Суворов: 40 години без пораз 

Александар Василевич Суворов (1729/30-1800) е еден од најславните и најценетите војсководци во историјата на Русија. Учествувал во битката кај Кунерсдорф во 1759, во освојувањето на Берлин и на Колберг, во битките против Конфедерацијата од Бар 1768-1772. На поприштето на руско-турската војна е испратен во 1773. Ги поразил Турците кај Туртукај и во битката кај Козлуџи. Учествувал во одбраната на Крим. Како наредник на руско-австриската единица во 1789 година поразил бројни турски сили во битките кај Фокшан и кај Рамник, а во 1790 година за само две недели ја освоил најсилната турска тврдина Измаил. На чело со Суворов руските единици во 1799 година ги преминале Алпите и така го оствариле еден од најтешките и најголеми походи во воената историја.

Суворов војувал околу 40 години, водел над 60 битки и во ниту една не бил поразен. Неговите посмртни останки се наоѓаат во Лаврата Александар Невски во Санкт Петербург. На надгробната плоча е врежан краток натпис: „Тука лежи Суворов“.

Се миел дури по тие секојдневни лекции по странски јазици. Во спалната соба му носеле две кофи многу ладна вода и голем бакарен леѓен, па тој половина час го плискал лицето, велејќи дека тоа е здраво за очите. Потоа слугите полека му ја налевале останатата вода преку рамената така што водата се слевала преку лактите, а Суворов нив ги држел во потребната положба. Миењето се завршувало околу еден час по полноќ. Тогаш во спалната соба влегувал готвачот и го носел чајот. Суворов сакал црн чај. Во мрсните денови пиел три шолји со шлаг, без леб и двопек, а во посните без шлаг. Тој секогаш постел строго по пропис, дури и во среда и во петок. 

По чајот Суворов ќе го прашал готвачот „Што имаш подготвено за гостите?“ Готвачот ќе одговорел. „А, за мене?“, прашувал понатаму кнезот, а готвачот во посните денови одговарал „Рибина чорба“, а во мрсните „Шчи“. Суворов речиси никогаш не јадел колачи со крем. И сос ретко јадел. По чајот, сè уште необлечен седнувал на кауч и по ноти пеел концерти од духовна музика на Бортњански и Шартие, и тоа траело цел час. Суворов сакал да пее и имал убав бас. По пеењето се облекувал, а тоа траело најмногу пет минути, по што повторно го миел лицето со ладна вода и седнувал на својата работна маса. 

Пред 7 часот одел на постројување и секое утро им велел на војниците „Браќа! Смелост, храброст, бодрост, извежбаност, победа и слава! Чувај го куршумот три дена. Првиот прободи го, вториот прободи го, а третиот убиј го со куршум! Учен е еден, а неучени десет“, и слични работи. 

По постројувањето слушал читање на странските весници на француски и на германски. По читањето весници одненадеш ќе запрашал „Подготвени ли сте за јадење?“. Ќе седнел на трпезата во 8 часот наутро. Тогаш веќе пристигнувале гостите кои ги повикувал на ручек.

Василиј Суриков: Преминувањето на Суворов преку Алпите (1899)

Суворов никогаш не појадувал и не вечерал. Пред ручек секогаш ќе испиел една чашка слатка вотка со ким, но не повеќе, а како предјадење секогаш јадел ротквица.

Не сакал овошје и десерти, понекогаш наместо вечера ќе земел лимон исечен на тенки парченца посипани со шеќер или три лажички слатко со кое пиел и слатко вино.

За време на целиот Велики пост во неговите соби секојдневно се вршела богослужба. Суворов ја познавал богослужбата подобро од многу свештени лица. 

На Масленица (последната недела пред почетокот на Великиот пост) сакал да јаде палачинки од брашно од хељда, одел на санкање и организирал балови. 

По ручекот Суворов повторно се миел, а потоа спиел три часа. Одморот му бил пократок доколку имал некоја работа. Постелата му била направена од сено и била висока како старински кревет. 

Назима Суворов и по најголемиот студ носел само мундир, без крзнен капут, па и без топла ветровка и ракавици, дури и кога цел ден се наоѓал на ладно.

Не ги поднесувал сопствените портрети и самата царица по освојувањето на Варшава успеала да го убеди да се согласи на портрет и на изработка на биста. Во неговата куќа немало огледала, а доколку во некој привремен стан би се нашло огледало, тој го прекривал. „Помилуј Боже, не сакам да видам друг Суворов“, велел тој. Исто така не сакал часовници, ниту за на маса, ниту џебни, и никогаш не носел. Велел дека војникот и без часовник треба да знае колку е часот.


Николај Шабунин: Заминувањето на А.В. Суворов од селото Кончанско во поход 1799. (1901-1903).

Воопшто не сакал лекари. Дури кога војниците ќе побарале да одат во болница тој им велел „Не одете во тој дом за стари. Првиот ден мека постела и вкусна храна, а третиот ден мртовечки ковчег! Лекарите ќе ве отераат во гроб. Ако не си здрав, подобро испиј чаша вино со бибер, трчај, скокај, тркалај се по снегот и ќе бидеш здрав!“ Со своите навики и начинот на живот Суворов како да се одвоил себеси од целата човечка заедница. Во тоа треба да се види одраз на неговиот дух и потребата на неговата природа. Така и неговиот несекојдневен живот повеќе ќе наликува на решителност на гениј околностите да ги потчини на себе, а не себеси на околностите. Овој несекојдневен начин на живот му помагал да не му подлегне на лесниот живот, зашто тоа би можело да биде препрека во неговите потфати. 

Карл Штејбен: Рускиот фелдмаршал Александар Суворов (1815)

Она по што Суворов најмногу се разликувал од сите други била навиката да се буди на полноќ и потоа по неколку часа да не се облекува, а сите останати навики биле само последица. Ако некој стане на полноќ, тогаш воопшто не е чудно да руча во 8 часот изутрина. 

Оној што сакал да се навикне себеси и своите војници да бидат подготвени за непријателски напад во секое време, за ноќен поход низ шуми и полиња за да се опколи непријателот, тој не може да има вообичаен сон и одмор. Суворов ја будел војската пред зори и тргнувал со неа во брзи ноќни походи, што се одразило и во народната легенда за Суворов како невидлив човек. Тој и по неколку часа бил разголен за да се навикне на ладното и за да ја совлада слабоста на својата природа. Притоа  се полевал и со ладна вода и така го калел своето тело, за на него да не може да влијаат временските услови. Изгледал како натприродно суштество. 

Поради својата едноставност, воздржаност и избегнување на каква било леснотија, Суворов толку се зближил со војниците, така што тие го сакале како татко. Тој со својот пример ги учел да ги поднесат сите животни тешкотии. Сепак, Суворов понекогаш се појавувал во сиот свој сјај, со сите свои ѕвезди и ордени. Тоа се случувало во деновите на царски празници и во црква каде ја наведнувал својата седа глава до земја и наместо свештеникот пеел духовни песни. Ваквиот пример на побожност ја зголемувал и вербата во срцата на војниците. Тие сметале дека Суворов е непобедлив и биле непобедливи заедно со него. 

Од белешките на наредникот Иван Сергеев кој 16 години не се одвојувал од Суворов. Објавено во списанието „Мајак“ 1842.

Рускиот текст на сајтот на Военое обозрение.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња