Русија одбележува 30 години од повлекувањето на советските единици од Авганистан. Од време на време може да се слушне тврдење дека имено испораката на „Стингери“ во Авганистан ги принудила Советите да се повлечат.
Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век авганистанските муџахедини се најдоа во тешка ситуација. Се бореа против регуларните единици на советската армија и против единиците лојални на владата во Кабул која го поддржуваше СССР. Во таа борба имаа поддршка од Пакистан и од САД. „Во април 1986 година се водеа тешки борби по должина на границата со Пакистан... Ги користев сите расположливи средства да го издејствувам она што го барав [снабдување на муџахедините со „Стингери“]… Своите аргументи ги поткрепив со мислењето на американските аналитичари кои рекоа дека муџахедините нема да продолжат со борбата зашто се толку измачени што младото поколение не сака да му се придружи на Џихадот“, пишува Мухамед Јусуф, висок офицер на Пакистанската разузнавачка служба. На крајот Американците сепак им испратија на муџахедините оружје, со цел да ги поттикнат нивните напори да го симнат режимот што го поддржуваше Москва.
Моќно оружје
На администрацијата на Реган не ѝ беше лесно да донесе одлука за давање поддршка на џихадистите, зашто Американците не сакаа СССР или Иран да можат да добијат нивна воена технологија. Доколку Советите запленеа ракета од американско производство, тоа би било доказ дека Вашингтон ги поддржува муџахедините со најсовремено оружје. Сличен став имаше и Пакистан. Сепак, САД во 1986 година одобрија на муслиманските герилци да им се испорачаат 250 преносни лансери „Стингер“ и 1.000 ракети.
Александар Грашченков / Sputnik
„Стингерите“ се лесно и моќно оружје со кое се ракува едноставно. Потребни се само 30 секунди за ракетата да се стави во лансерот. Кога проектилот ќе се поврзе за целта тешко е да се избегне со помош на топлотни мамки, така што „Стингер“ е мошне ефикасен во борбата против борбените авиони.
Судејќи според соопштенијата, овие преносни системи во Авганистан за првпат беа применето на 25 септември 1986 година. Група од 35 муџахедини тогаш собори два офанзивни хеликоптери Ми-24 (според тврдењето на советската армија) додека се спуштале на аеродромот Џалалабад. Се зборува дека џихадистите тогаш му подариле на претседателот Роналд Реган остатоци од ракетата што ја испукале во тој напад.
Според Јусуф, веста за новото оружје и неговата разорна моќ била еуфорично дочекана кај герилците, но затоа советската команда била мошне загрижена. Советите во ноември 1986 година изгубија четири ловци Су-25, а по една година и цела ескадрила. Освен тоа, соборени беа и многу советски хеликоптери.
Промена на тактиката
По тие загуби џалалабадскиот аеродром беше затворен еден месец, а кога повторно се отвори беа воведени построги правила за летање. „Моравме од корен да ја смениме тактиката. Леталата на военото воздухопловство мораа да летаат на поголема висина, од најмалку 5.000 метри“, објаснува воениот експерт Михаил Ходорјанок.
Getty Images
Освен тоа, на авионите и на хеликоптерите не им било дозволено атерирање со долга траекторија. За време на полетувањето и на слетувањето ги следеле хеликоптери кои исфрлале топлински мамки за да ја одвлечат со себе секоја ракета доколку однекаде би била исфрлена. Сите летови на товарните авиони се вршеле исклучиво ноќе.
Звање Херој за запленетиот „Стингер“
За да се борат против новите ракети, советските инженери морале одблизу да ги проучат и поради тоа започнал лов на „Стингери“. На секој што ќе заплени вакво оружје му била ветена најголемата советска награда – звањето Херој на Советскиот Сојуз.
Андреј Соломонов / Sputnik
Советските специјалци со месеци барале „Стингери“, но на почетокот наоѓале само фрагменти. Во јануари 1987 година еден извидувачки одред забележал група вооружени луѓе со три мотоцикли. „Кога ги видоа нашите хеликоптери запреа и отворија оган на нас. Испукаа две ракети. Пилотите маневрираа и успешно атерираа... Хеликоптерите Ми-24 нè покриваа озгора, а ние веднаш по атерирањето излеговме од хеликоптерите и се впуштивме во борба“, се сеќава поручникот Владимир Ковтун. Тој и уште четворица војници ги совладале муџахедините благодарение на поддршката од воздух. По борбата ги претресле непријателите и нашле „Стингер“ со техничка документација. Со години се сметаше дека тогаш Советскиот Сојуз за првпат добил лансер за ракета.
„Стингерите“ и советското повлекување
Пред неколку години уште една група поранешни советски војници, на чие чело беше поручникот Игор Рјумцев, соопшти дека тие први заплениле „Стингер“ кон крајот на 1986 година. Советските специјални служби успеаја да запленат вкупно осум комплети од ова оружје. Во тоа време, сепак, никој не доби звање Херој на Советскиот Сојуз. Правдата беше задоволена дури на 30-годишнината од повлекувањето на советските единици. Ковтун доби звање Херој на Русија за храброст и одважност за време на конфликтот во Авганистан.
Андреј Соломонов / Sputnik
Откако ги проучиле американските ракети воздухопловните конструктори ги модифицирале ловците Су-25 и ги подобриле нивните одбранбени карактеристики за борба против оваа напаст. Благодарение на тие мери Советскиот Сојуз повеќе не претрпувал големи загуби.
Сепак, треба да се знае дека испораката на „Стингерите“ не го принудила СССР да ги повлече единиците од Авганистан, како што понекогаш тврдат поединци. Таа одлука Москва ја донесе многу порано.
Прочитајте исто така: Три распространети мита за Советите во Авганистан