Три распространети мита за Советите во Авганистан

В. Суходољски/Sputnik
Триесеттата годишнина од повлекувањето на советските единици од Авганистан е вистинско време за разбивање на некои популарни митови за оваа воена интервенција.

Советскиот Сојуз беше победен и беше принуден да се повлече 

Една од најголемите невистини за конфликтот од осумдесеттите години од минатиот век во Авганистан е тоа дека муџахедините и американската армија ги разбиле советските единици, и дека на Русите не им останало ништо друго, освен да се повлечат во 1989 година.

Муџахедин на запленет советски тенк, 27.12.1979

Но, ако некој кон средината на осумдесеттите години од минатиот век беше дотеран до ѕид, тогаш тоа беа муџахедините. „Во 1985 година постоеше вистинска загриженост дека [муџахедините] ја изгубија војната, дека полека исчезнуваат, дека се распаѓаат. Нивните загуби беа големи и не предизвикуваа голема штета за Советите“, рече во 1997 година Мортон Абрамовиц, директот на ЦИА во осумдесеттите години од минатиот век.

Уште една лага гласи вака: Системот за ПВО „Стингер“ со кој Американците ги вооружија муџахедините беше од голема полза во борбата против Советите. Вистина е дека советските воздушни сили трпеа загуби поради „Стингерот“, но не постојат никакви докази дека токму тоа бил решавачкиот фактор за повлекувањето.

Генерал-полковник Борис Громов, последниот командант на советската 40 армија која беше испратена во Авганистан во 1979 година, вели дека во тој конфликт немало ниту победник, ниту поразен, и дека работата е малку покомплицирана. Советите се бореа против герила, и никој не очекуваше „чиста победа“, тврди тој. Советската војска го контролираше поголемиот дел на Авганистан, а муџахедините без оглед на странската воена помош не успеаја да заземат ниту една положба на советската војска. „Во самиот ек на конфликтот 40 армија имаше 108.800 војници, што докажува дека никој не сакаше класична победа во Авганистан“, вели Громов и додава дека овој број војници бил доволен за земјата ефикасно да се контролира и ништо повеќе од тоа. За споредба, во Виетнам, земја која е петпати помала од Авганистан, Вашингтон испрати пет пати поголема војска. 

Советските војници беа брутални и немилосрдни 

Злите јазици велат дека советските единици успеале толку долго да се задржат во Авганистан зашто војниците биле немилосрдни. Но, ваквите приказни се само обид да се докаже легитимитетот на муџахедините.

Советскиот Сојуз спроведе многу цивилни, економски и политички програми со цел подобрување на животот во Авганистан. „На пример, само во 1982 година 40 армија има изведено 127 цивилни операции, вклучувајќи обновување домови, изградба на патишта, испорака на храна и лекови“, вели генерал Громов. „Ние исто така организиравме и културни настани за жителите“. 

Поранешниот британски дипломат и автор на книгата „Afgantsy: Русите во Авганистан 1979-89“ (2011) Родрик Брејтвајт признава дека бил изненаден кога дознал во какви односи биле советските војници и авганистанските цивили. „Војниците беа блиски со локалното население: со селаните, со трговците, со оџите. Ги прашав луѓето во Авганистан кога животот им бил подобар: сега или додека биле присутни Русите? Интересно е што сите Авганистанци сметаа дека тоа е глупаво прашање. Сите велеа: Секако дека ни беше подобро со Русите“. 

Многу примери за сличен однос на локалното население кон Русите можат да се најдат и во оваа статија. 

Тоа беше „Советско-Авганистанска војна“ 

Конфликтот од осумдесеттите години од минатиот век често го нарекуваат Советско-Авганистанска војна, што воопшто не е вистина, зашто советските единици влегоа во земјата на повик на официјалните власти на Авганистан. Згора на тоа, на страната на противниците на таа авганистанска власт беа Пакистан, Саудиска Арабија и Западот, па оттаму и конфликтот беше меѓународен. Важно е да се нагласи дека многумина Авганистанци несомнено го поддржуваа режимот во Кабул.

Генералот Громов се противи дури и на самиот збор „војна“, поради „нискиот интензитет на воени активности“. 

Исто така би било погрешно да се каже дека граѓанската војна во Авганистан започна со влегувањето на советските единици. Постојат докази дека противниците на власта во Кабул се фатија за оружје уште пред декември 1979 година. 

Западните држави исто така пред Советите се вмешаа во конфликтот во Авганистан. Поранешниот претставник на ЦИА и секретар за одбрана на САД Роберт Гејтс се сеќава на едно советување во март 1979 година кога ЦИА прашала дали треба и понатаму да ги држат муџахедините во движење и со самото тоа да ги „вшмукаат Советите во виетнамското мочуриште?“ Одговорот бил: да се финансира герилско војување.

Прочитајте уште: Зошто СССР испрати трупи во Авганистан?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња