Денот кога Менделеев ја одбрани докторската дисертација: Во Русија се слави 154 роденден на вотката

Vostock-Photo
Како творецот на периодниот систем на хемиските елементи (славниот научник) ја откри идеалната формула на вотката.

На самиот крај на првиот зимски месец, кога новогодишните празници се далеку зад нас, а до пролетта сѐ уште има многу, Русите се досетија да прослават еден многу „национален“ празник - роденденот на руската вотка.

Датумот е поврзан со легендата според која големиот руски научник, хемичарот Дмитриј Менделеев, наводно ја „измислил“ стандардната вотка од четириесет степени токму на 31 јануари. Творецот на периодниот систем на хемиските елементи всушност не ја измислил вотката, иако некои негови истражувања се применувале во нејзиното производство. Менделеев инаку на 31 јануари 1865 година ја одбранил својата докторска дисертација на тема „За соединувањето на алкохол со вода". Во оваа научна работа тој ја проучувал интеракцијата на етил алкохолот помешан со вода и последиците од тој процес. Овој труд немал директна поврзаност со производството на вотка, иако некои заклучоци на Менделеев подоцна се применувале во практиката и производството на, како што тогаш се нарекувало, „лебно вино“.

Инаку, првите рецепти за вотка се појавиле во Русија уште пред петстотини години, за што зборуваат експонатите на Московскиот музеј за историја на руската вотка. Сепак, и денес се смета дека токму Менделеев е одговорен за пронаоѓањето на оптималната јачина на вотката која изнесува четириесет степени.

Главната цел на наведената научна работа на Менделеев било проучувањето на специфичната тежина на растворот на алкохол и вода, во зависност од нивната концентрација и температура. Истражувањата на специфичната тежина на мешавината се вршени на различни температури и концентрации, почнувајќи од чист алкохол, преку полуполпорен раствор и така натаму. Во дисертацијата, исто така, се зборувало и за воден алкохолен раствор, меѓу другото, со концентрација од 33,4 по маса или 40 проценти по волумен.

На денот кога се слави роденденот на познатиот пијалак, треба да се каже дека алкохолот штети на здравјето, за што сведочат бројни научни истражувања. Но, исто така, и уништените судбини, не само на оние кои го користеле прекумерно, туку и на нивните најблиски.

Прочитајте повеќе за нејзиното величество вотка: Историјата на најпознатиот руски пијалак

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња