Руските археолози во Денисовата пештера на Алтај пронајдоа голем фрагмент од древна дијадема од мамутска бивна од епохата на палеолитот стар 45-50 илјади години, соопшти прес-службата на Институтот за археологија и етнографија (во Новосибирск).
„Дијадеми од бивни, вклучувајќи и украсени, колегите археолози претходно пронаоѓаа на споменици од палеолитот на крајниот Север и Истокот на Сибир, но тие потекнуваат од значително подоцен период (пред околу 20-28 илјади години)“, се наведува во соопштението.
Според мислењето на археолозите, древниот човек го носел овој обрач на главата за да ја придржува косата и го користел во секојдневниот живот како практичен предмет за употреба, а не како култен предмет, за што сведочи, меѓу другото, и отсуството на орнаменти.
Судејќи по дебелината на материјалот и мошне големиот пречник, предметот бил наменет за маж со голема глава. Дијадемата е скршена уште при користењето или набрзо потоа.
„Претходно во Денисовата пештера е исто така пронајден мал фрагмент од челен дел на украсена дијадема. Новиот пронајдок им овозможува на истражувачите да зборуваат со повеќе докази за тоа дека древните жители на Денисовата пештера носеле дијадеми во текот на повеќе илјади години, како и дека, најверојатно, сами ги правеле. На тоа укажуваат бројни полупроизводи и фрагменти од бивни пронајдени во пештерата“, се наведува во соопштението.
Во Денисовата пештера вкупно во текот на целото истражување се пронајдени преку 30 артефакти од мамутски бивни: различни мониста, прстени, фрагменти од нараквици, врвови за копја.
За да набават коски од мамут, жителите на пештерата морале да поминат најмалку сто километри и дојдат до степата, затоа што мамутите не живееле во близина на пештерата.
Според археолошките податоци, во Денисовата пештера живеел посебен подвид на древниот човек - Денисовани, кои се појавиле на Алтај откако поминал големиот бран миграции од Блискиот Исток пред околу 300 илјади години. Во пештерата исто така се пронајдени траги од Неандерталци, кои живееле на Алтај пред 50-70 илјади години. Меѓутоа, нивните траги првенствено се пронајдени во соседните пештери - Чагирската и Окладниковлевата.
Палеонтолошките истражуваа покажаа дека современите жители на Меланезија и Папуа Нова Гвинеја и Абориџините во Австралија имаат околу 6% гени на Денисовани, додека современите жители на Евроазија имаат околу 4% гена од Неандерталци.