Како еден германски војник стана Херој на Советскиот Сојуз

Макс Алперт/Sputnik
За време на Втора светска војна стотици Германци пребегнале на советската страна. Советите на поголемиот дел од нив не им дозволиле да учествуваат во борбените дејствија и ги држеле подалеку од линијата на фронтот.

Сепак, на некои им била овозможена борба против нацистите. Меѓу нив најпознат е Фриц Шменкел, поранешен работник од Шчеќин. Тој неколку години се борел рамо до рамо со советските војници против германската армија. Тој организирал десетици успешни операции и диверзантски акции и самиот учествувал во нив. За жал, заслугите на Шменкел станеле познати дури 20 години по неговата смрт.

Убеден антинацист 

Фриц отсекогаш го презирал и го мразел нацизмот, особено откако нацистите го убиле неговиот татко за време на комунистичките демонстрации во 1923 година. Фриц имал исти сфаќања како татка си и се приклучил на Лигата на млади комунисти на Германија. Никогаш не учествувал во големи илегални акции, но сепак бил под постојан надзор на Гестапо. 

Фриц Паул Шменкел

Шменкел е мобилизиран во 1938 година, но набрзо завршил во затвор поради интензивна антивоена агитација и избегнување на воената служба. Во октомври 1941 година е ослободен и испратен на Источниот фронт на „превоспитување“. Таму решил да дезертира. Во своето последно писмо до жена си Ерна од 25 ноември напишал: „Сега знам што треба да правам“. 

„Ленин, Сталин, Телман“ 

Кон крајот на ноември 1941 година Фриц Шменкел дезертирал од 186 стрелечка дивизија која се наоѓала во Смоленската област. Се криел во блиските села во обид да дојде до територија која е контролирана од Црвената армија. 

Шменкел не зборувал руски, но постојано повторувал три збора: „Ленин, Сталин, Телман“. За возврат локалните жители му давале храна и покрив над главата, а тој ним им помагал во домаќинството. 

Борците на првиот партизански одред формиран во Смоленската област, 1941.

Во еден момент немал среќа и им паднал в раце на Германците. Како дезертер е осуден на стрелање, но го спасил партизанскиот одред „Смрт на фашизмот“, кој влегол во селото и го ослободил Фриц. 

Иван Иванович 

Партизаните дознале за случајот на Шменкел, но не му верувале многу. Не му дале никакво оружје освен двоглед. И биле подготвени да го убијат штом направи погрешен чекор. 

Но, Фриц добил шанса да се покаже. Кога Германците го опколиле селото во кој се наоѓал партизанскиот одред тој нашол пушка и покажал колку добар стрелец е. Направил многу за спас на одредот и така стекнал целосна доверба и почитување кај советските партизани. Дури и му бил даден прекарот „Иван Иванович“. 

Шменкел ги учел партизаните да ракуваат со германскиот митралез MG-42, учествувал во борби, заробувал непријателски провијант, а во заседа и во диверзантски акции се претставувал како германски поручник. 

Веста за овој германски војник кој војува против германската армија стасала дури до Берлин. За фаќањето на Шменкел Германците на советските граѓани им ветиле 8 хектари земја, куќа и крава, а на германските војници 2.000 марки и два месеци одмор. 

Партизански командир ги учи своите борци да користи оружје. Смоленската област, Русија.

„Иван Иванович“ по некакво чудо избегнал смрт кога Германците на 23 јануари 1943 година ја започнале големата операција „Ѕвезда-паѓалка“, чија цел била уништување на партизанскиот одред „Смрт на фашизмот“. Од околу 4.000 партизани убиени или заробени биле над 1.500 лица. 

Диверзантски акции

Советската команда проценила дека исклучителните способности на Шменкел е подобро да се применат во големи диверзантски акции, одошто во партизанско војување. Затоа тој во јуни 1943 година бил префрлен во извидувачкиот одред на Западниот фронт. По определена обука Фриц е поставен за заменик-командир на диверзантскиот одред „Поле“ кој дејствувал во западна Белорусија. 

Кон крајот на декември 1943 година „Иван Иванович“ тргнал на последната задача во непријателската заднина. Неколку недели подоцна Шменкел бил заробен со двајца другари и бил погубен во Минск. Тоа се случило на 22 февруари 1944 година. Потоа неговото име било препуштено на заборавот. 

Признание со задоцнување 

Името на Фриц Шменкел „испливало“ дури во 1961 година кога советските органи за безбедност истражувале случај во кој војниците на Шменкел уништиле одред од германската полиција. Иследниците биле фасцинирани од фактот што Германец раководел со советскиот партизански одред и започнале да собираат детални податоци за неговиот живот. По три години истражување, кога сите детали веќе биле познати, Фриц Шменкел бил награден со највисокото признание – Лениновиот орден и со звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Ерна Шменкел (лево), вдовицата на Херојот на Совјетскиот Сојуз Фриц Шменкел, му дава на генералот Петар Батов (десно) слика на својот сопруг.

Потоа популарноста на Шменкел постојано растела. Станал јунак во статии, книги и филмови. Неговата сопруга Ерна била повикана да го посети СССР. Во негова чест именувана е и улица во Берлин, а исто така и 1 ловечка ескадрила на источногерманското воено воздухопловство. По распадот на Советскиот блок името на Фриц Шменкел по вторпат е препуштено на заборавот.

Прочитајте уште: Ги користеле ли Советите германските трупи во борбата против нацистите?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња