Како по семејството староверци Ликови во сибирската тајга Сталиновиот НКВД

Агафја Ликова

Агафја Ликова

Приказната за шесточленото семејство староверци кое во сибирската тајга живееше 40 години потполно изолирано од другите луѓе, позната е веќе во целиот свет. Семејството Ликов 1978 година случајно беше пронајдено од група геолози, а во тајгата и ден-денес продолжува да живее последниот негов член Агафја Ликова, родена 1945 година. Таа живее сама од смртта на својот татко во 1988 година.

За ова семејство се знае многу благодарение на новинарот на весникот „Комсомолскаја Правда“ Василиј Песков кој 1982 година беше кај нив и детално ја запиша нивната историја. Но не успеа да дознае едно: зошто од сите староверци само Карп (таткото на Агафја) бегал од советските власти? „Карп Осипович за тие години зборуваше тивко, неразбирливо, давајќи до знаење дека не поминало без крв“, пишуваше Песков. Еве што всушност се случило со семејството Ликов.

Браќата Степан, Карп и Евдоким се повлекле во тајгата со своите семејства кога избила револуцијата, надевајќи се дека таму ќе го дочекаат крајот на „ѓаволската доба“, но нивната населба се нашла на територијата на тогаш прогласениот Алтајски национален парк, па на староверците им било кажано дека не можат да живеат таму, затоа што ловот и риболовот биле забранети.

Му било дозволено да остане само на Евдоким Ликов, бидејќи неговата жена била пред пораѓање, а и тој се согласил да работи како чувар на паркот. Меѓутоа, некој го обвинил дека е ловокрадец и дека ќе го испотепа целиот дивеч во шумата. Така агентите на НКВД тргнале да ја испитаат ситуацијата. Вооружени со пушки, во униформа која браќата порано не ја виделе (Карп дошол да му помогне на Евдоким во полските работи), оставиле лош впечаток на Ликови, па браќата потрчале кон куќата. Еден од агентите го погодил Евдоким од зад грб и го убил, а Карп се обиделе да го натераат да потпише дека убиството било во самоодбрана. Карп одбил.

По неколку години, 1937 кај Карп повторно дошле агенти на НКВД сакајќи, наводно, да го решат случајот со убиениот Евдоким. Карп се уплашил. Не верувал дека неговото сведочење може на каков било начин да помогне и дека на крајот ќе го осудат за убиство на родениот брат. Така и го повел своето семејство што подалеку од луѓето, во планините, тајгата, низ беспаќе, стотици километри далеку од сите населби.

Но, НКВД не го заборавил, па во потрага по дезертери кон крајот на 1941 година се обидел да му влезе во трага. Така Карл Осипович Ликов отишол уште подалеку во дивината и се населил таму каде што Агафја и ден-денес живее.

Погледнете го видеото за руските „Амиши“ 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња