Руските староверци од делтата на Дунав

Црковна служба на Русите Липовани. Фотографија: Максим Авдеев.

Црковна служба на Русите Липовани. Фотографија: Максим Авдеев.

На делтата на притоката на Дунав во Црното Море денес, како и пред триста години, живеат необични Руси кои зборуваат на архаичен руски и го исповедаат православието по стариот обред. „Руска реч“ ве запознава со историјата, културата и современиот начин на живот на Русите Липовани, кои претставуваат посебна етничка група во Романија.

Предците на Русите Липовани се руските расколници или старообредниците кои ја напуштиле Русија, плашејќи се од прогонот. Тие биле против реформите на патријархот Никон, кој во 1652 година донел одлука за поправки во црковните книги и внесување на некои измени во обредите според грчкиот канон. Во цела Русија од 1667 година започнал прогонот на староверците, кои се крстеле со два, наместо со три прста. Овој начин на прикажување на крстниот знак станал нивен симбол. Тие официјално биле прогласени за еретици и биле анатемисани. Најпознати борци против реформата биле протопопот Авакум, автор на познати житија, и бојарката Теодосија Морозова, која била запалена на клада. Неа на својата позната слика ја овековечил Василиј Суриков.

Василиј Суриков: Бојарката Морозова (1884-7), детаљ. Државна галерија „Павел Третјаков“, Москва. Бојарката Морозова е прикажана во синџири со кренати два прста – симбол на старообредниците.

Од суровиот прогон старообредниците се спасувале со бегство: бегале кон Дон, на Кубањ, во Сибир и на рускиот Далечен Исток. Во слабонаселената делта на Дунав првата група староверци стасале околу 1720 година. Нешто подоцна од Донската област се преселиле и козаците-староверци од воените единици на Игнат Некрасов и останале тука, асимилирајќи се со Липованите.

Овие истрајни луѓе од делтата се подготвени да поднесат глад, пожари и епидемии, само за да можат слободно да се молат онака како што тоа го правеле нивните предци. Липованите до денес зборуваат на специфичен руски јазик од 17 и 18 век.

Далеку од царската власт и од турската администрација на тогашната отоманска провинција Добруџе, Липованите релативно мирно можеле да ги сочуваат своите верски уверувања и традиции. Се смета дека овој етноним потекнува од зборот „липа“, од топонимот Липовци (место каде некогаш живееле предците на доселениците) или од неправилно изговорениот збор „филиповци“ (според еден од старообредните движења).

Првите Липовани кои се доселиле на Дунав живееле во колиби од трска. Дури во 19 век се појавуваат првите куќи: дрвената конструкција била обложена со трска и се премачкувала со кал. Трската се користела и за покривање на куќите и за ложење на печката. Во годините кога наездата од скакулци ги опустошувала полињата околу делтата, локалните жители немале ни брашно, па затоа рендале сушена штука која потоа ја мешале со иситнето водно оревче. Од оваа смеса печеле лепини. Овие истрајни луѓе од делтата биле подготвени да поднесат глад, пожари и епидемии за да можат да се молат онака како што тоа го правеле нивните предци.

Предците на Русите Липовани се руски расколници или старообредници кои ја напуштиле Русија, плашејќи се од прогон. Тие биле против реформите на патријархот Никон, кој во 1652 година донел одлука за внесување поправки во црковните книги и некакви измени во обредите според грчкиот канон.

Липованите до денес зборуваат на специфичен руски јазик од 17 и 18 век. Како и останатите руски староверци, Липованите се вредни, уредни и честити луѓе. Сакаат да работат и добро заработуваат. Не сакаат алкохол и тутун. Кај Липованите мажите не ја бричат брадата, кошулата ја носат над панталоните и секогаш се опашани. На Велигден жените секогаш носат сарафан. Само старообредниците при молитвите сè уште користат кожни бројаници (на руски: „лестовка“).

Липованите ги чуваат старите обичаи карактеристични за руската свадба, Поклади (рус. Масленица) и некои црковни празници. Главниот чувар на оваа традиција е, секако, црквата во која службата се врши на архаичен руски јазик. При црквите работат летни школи каде децата на Липованите го дополнуваат своето образование кое во текот на школската година го добиваат во романските училишта.

Во Романија живеат вкупно околу 30 илјади Липовани, главно во областа Тулча. Некои Липовани на Романија ѝ донеле светска слава, на пример Иван Пацајкин, четирикратен олимписки шампион во веслање кану и деветкратен светски шампион ( во седумдесеттите и во осумдесеттите години од минатиот век), кој сега работи како главен тренер на романската репрезентација во оваа дисциплина.

Липованска литија. Фотографија: Максим Авдеев.

Освен во Романија, Липованите живеат и во соседните области што им припаѓаат на Молдавија, Украина и на Бугарија, така што според неофицијалните проценки во делтата на Дунав има околу 100 илјади Липовани. Заедницата на Руси Липовани во Романија )официјален назив на овој дел од руската дијаспора) е основана во 1990. Воспоставени се односи со Руската Федерација. Заедницата го издава весникот „Зори“ и магазинот „Китеж-град“.

Но, во постсоцијалистичка Романија Липованите не живеат спокојно. Политиката на романските власти кој руското национално малцинство и кон рускиот јазик, економската криза, невработеноста и новите правила за риболов според стандардите на ЕУ доведоа до заминување на младината на Запад во потрага по подобра заработувачка: во Италија, Германија, Англија и Шпанија. За жал, никој не заминува во Русија.

Денес е загрозен и самиот опстанок на Липованите како посебна етничка група. Руските државни органи кои одржуваат контакти со Русите во дијаспората во последниве години укажуваат на тоа дека состојбата е крајно алармантна и активно се вклучуваат во решавање на овој проблем. Иднината на Русите Липовани во Романија засега останува неизвесна.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња