Необичниот воен експеримент финишираше на 27 јули во Сибир: група руски војници од одделот за специјална намена помина 100-километарска обиколка по дивите места под раководство на претставници на локалната старообредничка заедница.
Петдневниот финален дел од 30-дневниот курс за подготовка на специјалните сили се движеше по маршрута на зголемена сложеност по долината на реката Мали Енисеј во Република Тива, субјект на РФ, која се граничи со Монголија.
Сибирските староверци кои живеат на посебен начин и одрекуваат многу атрибути на современиот живот им ги предадоа на припадниците на силите за специјална намена своите вештини за ориентирање во ненаселена планинска пустелија, а исто така ги обучија војниците како да најдат храна во планина и во тајга.
Според традицијата старообредниците ја усложнија задачата за потрага по храна. „(Кај нив) забранет е дивеч со шепи, на пример зајачко или мечкино, дозволено е месо со раздвоено копито. Исто така по патот се наоѓаат планински птици и риба“, објаснуваат во службата за односи со јавноста на Централниот воен округ.
На секој учесник во походот му дадоа по 5 патрони во случај доколку ги пресрете мечка. Сепак, непредвидени средби со опасни ѕверови не се случија во текот на сите пет дена од походот по дивината.
За да се организира обиколката, воените служби на Централниот воен округ претходно се договорија со претставниците на локалната старообредничка заедница, соопшти претходно ТАСС.
Експерименталната соработка на војниците со старообредниците беше неопходна за зацврстување на вештините за преживување на определено место. „За време на подготовките се судривме со проблем: нашите инструктори немаа доволно вештини за преживување во планини и тајги. За подобрување на воената подготовка како инструктори за првпат ги ангажиравме инструкторите-староверци“, изјави за ТАСС командантот на војската на Централниот воен округ, генерал-полковник Владимир Зарудницки.
Иако командата го оцени експериментот како успешен, претставниците на Централниот воен округ засега не обелоденуваат дали ваквиот вид обука ќе влезе во стандардната програма за подготовка на војниците.
Од соопштението за јавноста на Централниот воен округ
Сибирските староверци водат посебен начин на живот и повеќе од 3 века ги имаат зачувано обичаите и традициите на своите предци. Во заедницата се однесуваат сосема спокојно кон дојденците, но не ги канат во своите домови. Мажите носат брада, а за жените задолжително е носење марама на главата. Сопрузите се бараат од старообреднички семејства. Строго се придржуваат кон постите. Во храната и во пијалаците избираат, пиењето чај и кафе се смета за грев. Не пушат и не пијат алкохол.
Од придобивките на цивилизацијата од неодамна како неопходност почнаа да ги користат мобилните телефони, а малкумина и Интернет. Сепак, во горнините на Мал Енисеј, онаму каде завршуваат патиштата, живеат семејства кои се затворени за гости и до денешен ден ги одрекуваат сите атрибути на современиот живот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче